1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нафтата како оружје

Андреас Ростек/ Ж.А.9 јануари 2016

Кога домашните проблеми се развиваат во насока на криза, тогаш е пожелен „конфликт“ со непријателот. За оваа максима сигурно знаат и во Саудиска Арабија. Таму постојат огромни проблеми поради падот на цената на нафтата

https://p.dw.com/p/1HZIQ
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Haider

Преку 80 проценти од државните приходи на Саудиска Арабија, со која владее деспотското семејство, доаѓаат од продажба на нафта. Бидејќи цената на нафтата од средината на 2014 госина падна за над 60 проценти, државниот буџет на Саудиска Срабија заврши со „црвено салдо“. Како што објави Министерството за финансии во Ријад, минусот за минатата година изнесува речиси 90 милијарди евра.

Ова не е прва година во минус, а веројатно ни последна. Во идните пет години резервите на Саудиска Арабија ќе бидат потрошени ако нешто не се случи, предупредува ММФ. Неговата шефица Кристине Лагард неодамна изјави дека поради падот на цените на нафтата, реформите се неизбежни: „Растот мора да дојде позасилено од секторот на приватната економија, а помалку од државниот сектор.“

Високи трошоци за одржување на власта

Уделот на државните давачки во саудискиот БДП во минатата година, според пресметките на ММФ, е над 50 проценти, една година претходно беше 40 насто. Заднината на целата приказна е што цените на нафтата продолжуваат да паѓаат, а трошоците на саудиската социјална држава и натаму растат.

Околу десет проценти од сите Саудијци се вработени како државни службеници, чии плати се високи. Режимот досега ја купуваше наклоноста на граѓаните со обилни субвенции за вода, струја и бензин. Субвенциите на цената на енергијата годишно „голтаат“ околу осмина од БДП. Поради тоа ММФ бара нивно скратување.

И навистина, владата во Ријад неколку дена пред масовните погубувања на почетокот од годинава донесе први конкретни мерки. Цените на некои видови бензин се зголемени за 50 проценти. Се дискутира и за воведување данок на додадена вредност.

Засегнати се и германски фирми

Последиците на новиот курс најмногу би можеле да ги почувствуваат странските претпријатија кои досега добро заработуваа на експанзијата во Саудиска Арабија. Само подземната железница, која се гради под главниот град Ријад, би требало да чини над 18 милијарди евра. Во проектот е вклучена и германската фирма Херенкнехт, чии бушилки пробиваат тунели. Во рамките на мерките за штедење, би требало да се скратат и издатоците за големи градежни проекти. Медиумите пишуваат дека некои сметки не се плаќаат веќе шест месеци и дека наново се преговара за условите за реализација на некои проекти.

Германското стопанство во целост не е премногу ангажирано во Саудиска Арабија. „Во биланост на вкупниот германски извоз на Саудиска Арабија отпаѓа само 0,8 проценти“, изјави неодамна Јерг Кремер, главниот економист на Комерц банка за весникот Франкфуртер Алгемајне Цајтунг. Во 2014 година Германците во Саудиска Арабија извезле стоки и услуги во вредност од околу девет милијарди евра.

Saudi-Arabien Erdölraffinerie
Фотографија: picture-alliance/dpa

Судирот се заострува

За повторно да го доведе во ред својот државен буџет, на Саудиска Арабија, според пресметките на ММФ, и‘ одговара цена на нафтата од најмалку 82 долари по барел. Моментно цената на барел се движи околу 40 долари.

За тоа сепак се одговорни и саудиските владетели. „Саудиска Арабија ја користи цената на нафтата како оружје“, смета Патрик Артус од француската банка Хатиксис. Противник на Саудиска Арабија е Иран, кој се впушти во крвав конфликт со Ријад поради регионалната доминација. Откако беа укинати санкциите против Техеран, судирот меѓу Саудиска Арабија и Иран се заострува и на преговарачката маса на нафтениот картел ОПЕК.

Конфликт во ОПЕК

Моќните Саудијци имено веќе подолго време прилично тврдокорно се противат на барањата на членките на ОПЕК за намалување на количествата на екслоатирање на нафтата и тоа без оглед на падот на цената. Калкулацијата на Ријад е следната: со ниските цени да бидат поразени новите производители на нафта од САД и да бидат натерани на повлекување од пазарот. Американската скапа техника на фрекинг не е исплатлива во време на ниски цени на нафтата во светот. Досега сметката на Ријад не успеа, а поради ниските цени страдаат сите членки на ОПЕК. Поради тоа и Иран во рамките на ОПЕК одлучно инсистира на редукција на експлоатацијата, иако без успех поради големото влијание на Саудиска Арабија меѓу членките на картелот. Но, Ријад во меѓувреме и сам се‘ повеќе тоне во проблеми поради падот на цените на нафтата. Регионалниот конфликт меѓу Саудиска Арабија и Иран на крајот може да го дестабилизира и целиот ОПЕК.