1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Насмевките продолжуваат, разликите остануваат

27 јуни 2010

Во Хантсвил во Канада вчера заврши средбата на осумте најразвиени земји во светот, а доцна вечерта во Торонто започна самитот на Групата Г20. Денеска (27.06.2010) се’ ќе се врти околу проблемите на глобалната економија.

https://p.dw.com/p/O4H6
Стивен Харпер, Ангела Меркел и Дејвид КамеронФотографија: AP

До 2013 година буџетските дефицити на индустриски развиените земји треба да бидат преполовени. Пo консолидирањето на буџетите, од 2016 година треба да се започне со отплаќањето на долговите, изјави денеска германската канцеларка Ангела Меркел во Торонто, објавувајќи дека тоа ќе биде дел од завршниот документ на Г20, средбата na лидерите на индустриски развиените и земјите во засилен развој.

Со тоа, Меркел смета дека е потврдена политиката на Германија во Европа. Европејците на самитот Г8 и на оној кој почна во продолжение, Г20, се залагаа за штедење како излез од економската криза и овозможување натамошен одржлив развој, додека САД протежираа натамошни задолжувања заради поттик на стопанството.

Меркел истакна дека самитот во Торонто документира преодна фаза кон нова светска финансиска архитектура.

Нема согласност за данок на финансиските трансакции

Канцеларката Ангела Маркел и американскиот претседател Барак Обама на крајот на Г8 покажаа разбирање за тоа дека секој соодветно на состојбата во сопствената земја ќе посегне по вистинските мерки.

„ Од друга страна многу отворено разговаравме за тоа, по каков пат ќе тргеме за да дојдеме до одржилив долготраен развој. Притоа добив голема поддршка дека за такво нешто се потребни солидни финансии, и оти не смееме да живееме на сметка на иднината и оти треба да ги отстраниме нашите дефицити. Тоа го сметам за голем успех“ .

Шефицата на германската влада меѓутоа не постигна успех со идејата за воведување на данок за финансиските трансакции. Особено силен отпор кон ваквата идеја пружија домаќинот Канада и т.н земји во економски подем, како Бразил и Кина. Наспроти тоа Меркел изненадувачки доби поддршка за воведување на данок на профитот на банките. Имено и претседателот Обама сака на ваков начин да ги вклучи банките во трошоците од кризата.

G8 Gipfel Kanada Flash-Galerie
Фотографија: AP

Потребни се уште чекори до нова финансиска архитектура

За разлика од економските, пак за надворешно политичките теми, немаше големи несогласувања меѓу лидерите на Г8 . Тие го осудија севернокорејскиот напад врз воениот брод на Јужна Кореја, поставија петгодишен рок за повлекување од Авганистан и порачаа дека израелската блокада на Појасот Газа е неодржлива.

Но економските теми повторно се враќаат во фокусот на самитот на Групата Г20, која покрај индрустриски најразвиените земји ја сочинуваат и земјите во економски подем. Денеска на состанокот повторно ќе се говори за справувањето со финансиската криза и потрагата по соодветни рецепти за спречување на такви кризи во иднина и за обезбедување одржлив рамномерен економски раст.

„ Би кажала: Ние сме на половина пат , но веќе имаме остварено многу. Меѓутоа, за да добиеме целосно нова архитектура на финансиските пазари потребни се уште чекори“, порача канцеларката Меркел.

Автор: Хенрик Беме/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска