1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Насилство во САД: Лето на клучни одлуки

Инес Пол/Ж.А.11 јули 2016

Повторно убиен црнец од полицајци, во Хјустон, протести низ цела земја. По убиството на петтемина полицајци-белци во Далас, многумина стравуваат од избувнување граѓанска војна во САД.

https://p.dw.com/p/1JMoQ
Фотографија: DW/I. Pohl

Светкаат сигналните светла на полициските автомобили низ улиците на Далас. До неодамна овде беше поинаку. Градот во Тексас беше познат првенствено по истоимената телевизиска серија.

Маркус Картер со неколкумина другари седи на работ од улицата, во близина на пругата, директно пред местото каде беа убиени петтемина полицајци. Секогаш кога ќе помине воз, луто ја крева тупаницата во воздух. Тој носи бела маица со натпис „Black Lives Matter, Dallas".

„Расизмот ни е преку глава. Ако нешто наскоро не се промени, крајот може да биде лош.“ Закана која станува погласна со секоја голтка. Полицајците остануваат мирни. Внимаваат Маркус Картер и неговите другари да не застанат на шините кога поминува некој воз. Нивните гестови покажуваат почит.

Видеа на интернет како доказ

Во изминатава недела од страна белци-полицајци беа убиени тројца граѓани со црна боја на кожата при рутински контроли. Прво во Луизијана, потоа во Минесота, на викендот во Хјустон. На интернет се вртат видеа кои сведочат за убиствата, што низ целата земја предизвика масовни демонстрации, па и во Далас. Тука, како и во многу други градови, на протести повикаа активистите на "Black Lives Matter" . Прво сѐ се одвиваше мирно - белци, црнци, доселеници од Јужна Америка и Азија маршираа заедно низ улиците на Далас. А потоа дојдоа истрелите, масата се растури, изби паника. Дури следниот ден се разјасни, снајперистот бил поединец, се забарикадирал за да убива, првенствено белци.#bbig

„Прво мислевме дека зад делото стои некој луд црнец, тоа ќе беше уште полошо, ќе предизвикаше уште поголема тензија“, вели Мајк Волтон. Тој стои пред полициската станица и гледа во просторот пред влезот. Тука се паркирани два автомобила, тешко е да се помрднат, зашто се затрупани со цвеќиња и пораки испишани на хартија, до блиските на убиените полицајци: охрабрувачки желби, молитви, детски цртежи. На земјата има запалени свеќи. Едно спонтано спомен-место, каде доаѓаат луѓе од цел регион, за да се молат, да пеат, да плачат или да молчат.

„Никогаш нема да биде како порано“, вели Волтон, бришејќи си ги очите, можеби од пот, можеби се солзи. „А сепак мора да продолжиме натаму, да бараме заеднички пат“.

Тој во Далас како полицаец работи веќе четвртина век. Како синдикален претставник учествувал во градењето на деескалирачката стратегија на локалната полиција. Бил горд што во споредба со другите големи градови, ретко доаѓало до судири меѓу цивилното население и полицијата. „Овде многу внимававме на работа во мешани тимови. Насилството меѓу белите полицајци и црнците е голем проблем.“

САД во целина соочени со голем проблем

Проблем кој САД не можат да го стават под контрола. И кој ова лето отвора крупни прашања, во кој правец ќе се развива. „Не смееме да бидеме водени од омраза и гнев“, вели Дорис Кени. Афроамериканката веќе 40 години живее во оваа област. И таа е горда на постигнатото во нејзиниот град, што бил на добар пат да се справи со предизвиците кои ги поставува едно доселеничко општество, кој не го игнорира расизмот, туку бара начин како да излезе на крај со него.

Нејзината загриженост дека сега тоа сега може да се смени, е голема. Овде во Далас, но и останатиот дел од земјата. „Постојат политичари кои подгреваат расистички чувства, тоа е опасно, не смееме да го дозволиме.“

На претстојните претседателски избори клучно е прашањето каков пат ќе одбере Америка. „Сакаме ли натаму да работиме на тоа Америка да може да биде татковина за сите или ќе повторно ќе се разгори опасна расна војна?“

USA Black Lives Matter Trauer in Dallas
Фотографија: DW/I. Pohl

Луѓето се молат заеднички

Луѓето спонтано се држат за раце и се молат. Во долги редици стојат заедно млади и стари, кои очигледно доаѓаат од различни делови на континентот, црните раце посегаат по бели во моменти на болка, тага, бојата на кожата или општествениот статус не играат улога овде.

Како и многумина други, и Бет Харингтон, која овде дошла со синот Кемрон и ќерката Кајли, во овие часови има една желба: смртта на полицајците да не биде залудна. „Тие го жртвуваа својот живот токму за тоа ние овде да стоиме заеднички, обединети, да не дозволиме да нѐ води меѓусебна омраза, туку да се бориме за заедничка иднина.“