1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најмодерниот јапонски цар

Мартин Фриц
1 мај 2019

Новиот јапонски цар Нарухито, како и неговите родители, сака да биде близок со народот. Тој во многу погледи е модерен, но конзервативното благородништво и кревкото здравје на сопругата ги ограничуваат неговите можности.

https://p.dw.com/p/3HlCN
Japan Kaiser Akihito dankt ab
Фотографија: Reuters/Kyodo

Престолонаследникот Нарухито денеска го презеде мечот и круната со дијаманти, со што за најстарата јапонска институција настапи нова ера: Нарухито е првиот јапонски цар кого не го отхранила доилка и кој израсна под родителски покрив. Тој е и прв цар кој студирал во странство, ги завршил студиите и се оженил со жена која работи. Овој 59-годишник џогира, планинари, одлично зборува англиски јазик и свири виолина. Никогаш досега царската куќа не била толку модерна како денес.

Но, на неговите плеќи сега е долгата историја на институцијата „Тено“, што во превод значи „небески владетел“. Според официјалниот попис, Нарухито ќе биде 126. регент на лозата, која според легендата датира од седмиот век пред новата ера. 

Династијата ја основал Јиму, пра-правнук на божицата на сонцето Аматерасу. Затоа во ритуалната молитва во текот на востоличувањето во шинто-светилиштето, пратеникот предава и едно огледало, кое како амблем на божицата Аматерасу преминува во сопственост на царот Нарухито.

Како и неговиот татко Акихито, кој се повлече од престолот, новиот цар ја посетуваше поранешната благородничка школа и доби диплома на универзитетот Гакушин, каде студираше историја. Потоа две години студираше економска историја на Мертон колеџот во Оксфорд. Посебно бил заинтересиран за пловните патишта. Уживајќи во дотогаш непознатите слободи во странство, далеку од дворските правила, тоа го оценил како „големо богатство“.

На пример, Нарухито на ѕидот на својата соба имал постер на американската филмска ѕвезда Брук Шилдс, а неговиот тутор му организирал состанок со неа. „Во Англија научив да размислувам, самиот да одлучувам, да ги придвижувам работите и да тргнувам во акција“, изјави Нарухито по враќањето.

Тешител и совест на нацијата

Новиот јапонски цар сака да го негува стилот на својот татко, кој беше близок на народот и лично се среќаваше со жртвите од катастрофи и социјално загрозени луѓе. Тој беше национален утешител, со што својата уставна улога на цар како „симбол на националното единство“ ја извршуваше на нов начин.

„Во врска со природата на царското битие, принципот е со народот да ги делиме радоста и болката, од срце до срце“, изјави Нарухито на својот роденден во февруари.

Japan Hochzeit Kronprinz Naruhito und Prinzessin Masako
Принцот Нарухито и принцезата Масако на венчавката во 1993 годинаФотографија: picture-alliance/AP Photo/Kyodo

Исто како и неговиот татко, тој треба да го одржи жив споменот на Втората светска војна и да продолжи да биде совест на нацијата. Акихито никогаш не се извини за војната која неговиот татко Хирохито ја поведе во Азија, зашто царскиот закон му забрануваше политички изјави.

Но, тој изрази „длабоко покајание и болка“ на комеморациите на поранешните бојни полиња, молејќи се за сите жртви на војната. 

Уште додека беше престолонаследник, Нарухито презеде критички став кон тенденциите за разубавување на јапонското воено минато, вели германскиот историчар Свен Залер од Универзитетот Софија во Токио. Како цар, тој би  можел ваквите ставови уште појавно да ги изразува, на пример на годишнината од завршувањето на војната на 15 август.

Меѓутоа, Нарухито исто така сака да стави свои акценти. За можни крупни теми ги спомена водоснабдувањето, ублажување на сиромаштијата и поголемо внимание за потребите на децата и постарите лица. „Врз основа на своето искуство, Нарухито ќе ги осмисли своите идеи како треба да изгледа неговото царство“, вели Исеи Номура, еден од неговите бивши дворски службеници во Принчевата палата.

Германскиот експерт за царски семејства Ернст Локовант смета дека Нарухито прво ќе се погрижи за животната средина, но во своето приватно опкружување на почеток нема ништо да менува. „За тоа монархот е премногу традиционален“, убеден е Локовант.

Каква ќе биде улогата на царицата Масако?

Сопругата на царот, Масако засега е непознат фактор на царувањето на Нарухито. Бившата службеничка која градеше кариера во американското Министерство за надворешни работи и дипломирала на Харвард и Оксфорд, многу се разликува според потеклото, образованието и космополитизмот од својата претходничка Мичико, која пак беше повеќе отелотворение на традиционалната слика за јапонската жена. На дипломатски паркет, царицата Масако би можела за Јапонија да се ангажира онака како што вети при влезот во царската куќа пред 26 години. „Тоа ќе остане мојата животна тема, улога која ја имам во општеството како член на царското семејство“, рече таа по венчавањето со Нарухито.

Повеќе: 

Крај на една ера во Јапонија

Но, нејзиното нарушено здравје би можело да го оптовари царот. Поради притисок од царското семејство и дворецот да роди машки наследник, таа развила „од стрес предизвикано пореметување на прилагодувањето“. Така гласи официјалниот опис на нејзината болест. Царот вели дека нејзината физичка состојба и натаму варира.

„Сакам да ѝ помогнам и да ја поддржам“, потврди Нарухито, кој го освоил срцето на царицата Масако со ветување дека ќе ја штити до крајот на животот. Затоа е нејасно колку често Масако ќе се појавува со царот. А тоа е клучно за зачувување на царевата блискот со народот, истакнува историчарот Залер. Крајно, успехот на неговиот татко Акихито и неговиот „народен стил“ главно се припишува на сопругата.