1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Народни партии со сѐ помалку народ

Кристоф Хаселбах
17 ноември 2018

На старите народни партии им бегаат гласачи, и тоа насекаде во Европа. Од тоа пред сѐ профитираат деснопопулистичките партии. Како партиите го третираат таквиот тренд и која стратегија би можела да ги направи поуспешни?

https://p.dw.com/p/37VvH
Symbolbild: Spielfigur
Фотографија: picture-alliance/R. Fishman

„Видете, човек може да биде Европеец и да не биде популист и уште и да победува на избори во Европа." Луксембуршкиот премиер Ксавиер Бетел излезе радосен пред новинарите на последниот самит на ЕУ. Тој од Демократската партија по парламентарните избори повторно го доби мандатот за формирање влада. Бетел ја прослави изборната победа во ресторанче во Брисел и спонтано ги покани Ангела Меркел, францускиот претседател Емануел Макрон и Белгиецот Шарл Мишел. „Беше супер. Јадевме помфрит и пиевме пиво“, раскажуваше Бетел следното утро.

Belgien Merkel, Michel, Bettel und Macron in Bar
Мишел, Бетел, Макрон и Меркел во еден бриселски ресторанФотографија: Reuters/TV N1 ZAGREB/H. Kresic

Умерените премиери од умерените партии заеднички се релаксираа. Нивниот умерен начин во Европа сепак сѐ повеќе е во дефанзива. Италијанските демохристијани од чии редови со децении произлегуваше премиерот, сега веќе практично не постојат. Француските социјалисти, холандските социјалдемократи кои исто така ја диктираа политиката во нивните земји, на најновите избори беа маргинализирани. Дури и долго време недопирливата германска канцеларка на изборите во Хесен предупреди дека ЦДУ би можела наскоро да го загуби „рангот на народна партија“.

Пребирливи избирачи

Политикологот Флоријан Хартлеб смета дека партиите се „огледало на општествениот развој“. Според него, опаѓа и угледот на други институции. Социјалдемократите ја запоставија базата и особено во Германија таа е несигурна „заради огромниот прилив на бегалци“, вели Хартлеб.

Неговиот колега Волфганг Меркел вели: „Нашите општества се индивидуализирани. Ние како граѓани не сакаме еден целосен пакет, кој многу дифузно ги опфаќа сите точки на политичката програма и истовремено се обидува да биде допадлив на сите општествени слоеви.“ Граѓаните, според него, сакаат нешто попрецизна понуда и, според Волфганг Меркел, тоа го добиваат од помалите партии.

Освен тоа, речиси сите народни партии во Европа повеќе се насочија кон центарот и со тоа ослободија повеќе политички простор за други ставови. оценува тој. Во Германија, покрај десничарската АфД, од тоа профитираат и Зелените. На ниво на Европа победниците се речиси секогаш десни популисти. Во Италија десничарската партија Лега, предводена од премиерот Матео Салвини, уште повеќе се засилува со секој вербален напад против бегалците и Европа.

Методот на Курц...

Старите народни партии различно се справуваат со предизвикот. Младиот австриски премиер Себастијан Курц старата австриска партија ја прекрсти по своја мерка: „Листа Себастијан Курц – нова Австриска народна партија (ЕВП)" и под тоа име настапи на изборите во 2017 и постигна значително зголемување на гласовите. Со промената на раководството и политиката на партијата зазема подесничарски курс.

Österreich Wahlkampf Sebastian Kurz
Младиот Курц ја прекрсти старата партија по своја меркаФотографија: Getty Images/AFP/G. Hochmuth

Курц немаше проблем ни да состави влада со деснопопулистичката Слободарска партија. Тој може да биде задоволен со резултатите по една година владеење. „Владата во Австрија ужива мошне добар углед“, вели истражувачот на јавно мислење од Австрија, Волфганг Бахмајер. Строгата миграциска политика се заговара од голем дел на населението. „Ситуацијата би можела да стане потешка за владата ако престане да ѝ успева сите теми да ги поклопува со темата за доселувањето“, смета политикологот Петер Филцмајер.

Флоријан Хартлеб смета дека многу од она што се случува во Виена се „специфични австриски прилики“, но во однос на дебатата за миграцијата стравува дека „во Германија ни се заканува нешто слично“, односно движење кон десницата. Соработка меѓу старите народни партии на национално ниво со АфД, според него, е исклучена и моделот на големата коалиција „нема иднина“.

...и методот на Макрон

Различна стратегија од онаа на Курц применува францускиот претседател Емануел Макрон. Наместо да заземе постоечка партија, тој се чини од ништо создаде „движење“ и придоби многу аполитички граѓани. Тоа беше нов и свеж пристап и, барем на почетокот, беше многу успешен, иако и Макрон и неговото движење, кое во меѓувреме се нарекува партија, загубија од првобитниот сјај.

Frankreich Parlamentswahlen Emmanuel Macron
Макрон со своето „движење“ придоби многу аполитични граѓаниФотографија: Getty Images/AFP/P. Huguen

За Волфганг Меркел структурата е дискутабилна пред сѐ поради тоа што е „исклучително авторитарна“. Тоа, според него, во Германија се превидува кога во „очајничкиот обид да се најде лек за Европа, се бара иновативна сила". Макрон „самиот ги избирал кандидатите за парламентарните избори“. Тоа, вели Меркел, не е „според демократските правила", но јавноста сепак добро го прифати.

Дали во Европа има вистински народни партии? Политикологот Меркел има изненадувачки одговор на прашањето: „Фидес на Виктор Орбан е народна партија.“ Не само заради нејзината сила, туку таа адресира припадници на сите општествени слоеви. „Тоа е перфидната вест - дека десните популистите може да прераснат и во народни партии. Партијата на Орбан е веројатно последната или најновата народна партија пар екселанс во Европа."

Можеби и не е сѐ така лошо

Старите народни партии понекогаш сакаат нивното исчезнување да го претстават како загрозување на демократијата. Флоријан Хартлеб смета дека тоа е претерано и вели: „Предупредувам од хистерија и паничење." Тој истакнува дека во повеќето европски земји на власт сепак не се деснопопулистички партии. Освен тоа, не се работи само за десни популисти, туку спектарот се цепка и во веќе етаблираните партии, нагласува Хартлеб. Тој вели дека во Европа се забележливи и други тенденции, како на пример порастот на поддршката за Зелените.

Волфганг Меркел диференцира дека на индивидуалната страна на гласачот поголемиот дел од понудата е позитивна. „Од аспект на нашето општество, кое станува сѐ похетерогено, меѓу партиите ни требаат некои кои ќе градат мостови и ќе се залагаат за поголема интеграција, а тоа треба да бидат народните партии.“ Демократите сметаат дека општеството „не може без силни партии“.

Europawahl 1979 Wahlplakate Deutschland 29.05.1979
Времињата кога демохристијаните и социјалдемократите во Германија освојуваа заедно околу 80% гласови се завршениФотографија: picture-alliance/dpa

Тоа го отвора прашањето дали народните партии може нешто да сторат против својата пропаст. Флоријан Хартлеб вели дека „мора да се модернизираат со атрактивни фигури, бидејќи многу народни партии имаат проблем со личностите што ги претставуваат и дека мора да се занимаваат со позитивни теми“, што во Германија, на пример, би било дебата за пресврт во енергетската политика или дигитализацијата.

Волфганг Меркел пак, смета дека времето на 30плус- или 40плус-партии (проценти на освоени гласови на избори, н.з.) е неповратно минато. Тие би можеле да се поместат малку од центарот за да се профилираат подобро, но „не можат да го неутрализираат трендот на инидивидуализирањето на општеството".