1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе се утврдува предлог за амбасадор во Софија

20 јануари 2022

Од април 2020 година РСМ нема амбасадор во Софија, а на сајтот на МНР сѐ уште фигурира претходниот.

https://p.dw.com/p/45oL0
Кога во Софија ќе пристигне нов македонски амбасадор?
Кога во Софија ќе пристигне нов македонски амбасадор?Фотографија: Imago Images/robertharding/C. Kober

„Во моментов не постојат информации“. Тоа е одговорот што ќе го добиете на сајтот на македонското МНР, ако побарате информации за македонската амбасада во Софија. За разлика од ова, постои „информација" кој е амбасадор во Софија, ама, за жал, неточна, бидејќи таму сѐ уште фигурира името и биографијата на поранешниот амбасадор, Марјан Ѓорчев. Таму пишува дека неговиот мандат почнал на 1-ви април 2016, но не и дека завршил на 31-ви март 2020 година.

Ако речиси две години од истекот на мандатот на Ѓорчев не се нашло време да се ажурира еден елементарен податок, не е чудно што уште побавно оди изборот на нов амбасадор, и тоа во време на најсензитивните односи меѓу Бугарија и Северна Македонија. Првата најава дека нешто ќе се направи на овој план, дојде од бугарскиот премиер Кирил Петков по неговата завчерашна средба со македонскиот претседател Стево Пендаровски. Како што јави МИА од Софија, Петков појаснил дека се надева тоа да се случи во следните 60 дена. Пендаровски му порачал на Петков дека штом ќе добие предлог за иден амбасадор на Северна Македонија во Бугарија, нема да го одложи испраќањето. Бугарскиот премиер посочил дека дека профилот на идниот амбасадор на Северна Македонија ќе биде „бизнис-ориентиран и прагматичен“.

Марјан Ѓорчев, последниот македонски амбасадор во Бугарија, кому мандатот му истече минатата година
Марјан Ѓорчев, последниот македонски амбасадор во Бугарија, кому мандатот му истече минатата годинаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Предлогот допрва ќе се утврдува

Ваквото мини „портретирање“ на идниот амбасадор остави впечаток дека можеби веќе е утврден и познат предлогот (во потесни кругови), па во домашната јавност продефилираа шпекулации поврзани со имиња на бизнисмени, кои би можеле да се најдат на таа позиција. Но, шефот на македонската дипломатија најавува дека тоа прашање ќе се решава во наредните денови.

„Навистина беше пропуст што сите овие години ние немавме амбасадор таму. Немаме утврдено име, но јас се надевам во наредните денови да имаме веќе еден предлог за амбасадор“, изјави за БТВ македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи.

Скопје остана беа амбасадор во Софија од април 2020 година и без ново решение ги помина изминатите две години на „падни-стани систуаци“ во односите со источната сосетка. Ваквата состојба не остана незабележана во добронамерните сугестии.

„Мислам дека е време Северна Македонија конечно да испрати амбасадор во Софија. Мислам дека тоа секако не помогна, да се нема амбасадор и силно дипломатско претставништво во Софија, секако беше причина што можеби комуникацијата не беше како што треба, и не треба да биде кој било. Сега на оваа земја ѝ треба навистина искусен дипломат кој ќе биде во секојдневен контакт со новата влада, бидејќи ова е единствениот начин да се постигне договор и можеби ова е единствениот начин да се скрати“, изјави минатиот месец словенечкиот амбасадор во РСМ, Милан Предан, во интервју за РСЕ. 

Повеќе: Петков и Ковачевски го разбраа мемото- опозицијата го нема ни прочитано

И Османи минатиот месец најави дека очекува да бидат пополнети сите испразнети амбасадорски места, и изрази надеж дека решенијата ќе бидат готови по формирањето на новата влада.

„Секоја амбасада е важна сама по себе, меѓутоа очекувам во наредниот период да го заокружиме целиот процес за да не оставиме ниту една амбасада без амбасадор, со цел навистина да ја ставиме во функција нашата дипломатска служба“, рече Османи.

Потребата што поскоро да се испрати амбасадор е потенцирана и од намерите на двете влади за динамизирање на односите преку пет работни групи кои ќе имаат активности, по можност и на седмично ниво, што бара фреквентни комуникации и координации преку ДКП.

Македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи во понеделникот во Скопје оствари средба со својата бугарска колешка Теодора Генчовска
Македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи во понеделникот во Скопје оствари средба со својата бугарска колешка Теодора Генчовска

Пораки на ѕид

Воведот во трасирањето на нови патеки на соработка во моментов е во сензитивна фаза и наидува и на одобрување, но и на критики од двете страни од границата. Една од канцелариите на владејачката партија „Продолжуваме со промената“ на Кирил Петков по неговата посета на РСМ осамнала со навредливи пораки испишани на ѕидот: „Киро предавник“ и „Македонија е БГ (бугарска)“. Опозициските партии во Бугарија (ГЕРБ, ВМРО-БНД, Преродба...) го критикуваат Петков дека ќе биде запметен како единствениот бугарски премиер кој бил во Скопје, а не се поклонил на гробот на Гоце Делчев.

Eвропратениците Илхан Ќучук и Андреј Ковачев за БНР изјавиле дека вистински пробив во билатерални односи ќе се постигне доколку има гаранции за правата на Бугарите во Северна Македонија.

„Направен е чекор во позитивна насока сигурно, но ова е најлесниот чекор. Големото прашање е како да се гарантираат правата на бугарските граѓани и затоа Бугарија треба да побара европска гаранција. Можно да се биде побарана пред отворањето на некои од кластерите во преговарачкиот процес - бугарските граѓани да бидат вградени како државотворен елемент во македонскиот устав“, изјавил Ќучук.

Според Ковачев, направен е чекор што требало да се направи, но може да се прикаже како позитивен само ако е во пакет со други неопходни чекори: „надминување на инерцијата на југословенското минато, ставање крај на дискриминацијата, мерки против говорот на омраза и промени во учебниците". Костадин Костадинов, претседател на партијата Преродба, оцени дека бугарскиот премиер не бил соодветно испочитуван, бидејќи на скопскиот аеродром бил пречекан од министерот за надворешни работи, а редно било да биде пречекан од неговиот колега Димитар Ковачевски, со оглед дека Петков направил гест - тој прв ја посетил РСМ.