1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Напаѓачот во Ансбах им се „одмаздувал“ на Германците

ЕМФ/афп/ртр/дпа25 јули 2016

На мобилниот телефон кој е пронајден кај напаѓачот во Ансбах има видеоснимка на која Сириецот најавува одмазднички напад против Германците поради тоа што биле „против исламот“.

https://p.dw.com/p/1JVdQ
Фотографија: Reuters/M.Rehle

Баварскиот министер за внатрешни работи Јоахим Херман на прес-конференција во Нирнберг попладнево соопшти дека на видеоснимката пронајдена во мобилниот телефон на 27-годишниот Сириец тој се заканува со терористички напад „во името на Алах“. Освен тоа, напаѓачот на снимката сведочи за своја „припадност“ кон лидерот на Исламска држава, Абу Бакр ал-Багдади. Цитирајќи делови од она што напаѓачот го зборува на снимката, министерот Херман изјави дека атентаторот вели оти „има луѓе кои завршиле со светот“ и „Германците веќе нема да можат мирно да спијат“.

Истовремено прес-конференција во Берлин одржа сојузниот министер за внатрешни работи Томас де Мезие, кој нагласи дека ја сфаќа загриженоста на населението, но истовремено опомена дека треба да се остане присебен. Тој предупреди дека не би требало сите бегалци во земјата да се стават под генерално сомневање, зашто големото мнозинство од нив во Германија дошло за да живее во мир.

Deutschland Ansbach Explosion PK Joachim Herrmann
Јоахим ХерманФотографија: Reuters/M. Rehle

Нападот во Ансбах се случи вчера вечер околу 22 часот. Напаѓачот се разнесе пред влезот на фестивалски простор во центарот на градот. Тој, како што се соопштено, прво се обидел да влезе на музичкиот фестивал, но не успеал поради тоа што немал карта. Експлозивот што го носел во ранец имал и метални делови, што уште од почетокот укажуваше на тоа дека намерата на Сириецот највероајтно била да настрадаат што е можно повеќе луѓе. Во нападот загина напаѓачот, а повредени се 12 лица.

Министерот Херман соопшти дека Сириецот во Германија влегол на 3 јули 2014 година. Неговото барање за азил било одбиено пред една година, а оттогаш во земјата тој имал статус на толериран бегалец. Пред нецели три недели властите во Нирнберг од него побарале да ја напушти земјата во насока на Бугарија во рок од 30 дена. При претресот на неговото сместувалиште денеска се пронајдени материјали за составување други бомби.

Deutschland Bombenanschlag in Ansbach
Во домот за азиланти, каде што бил сместен напаѓачот, е направен претресФотографија: picture-alliance/dpa/D. Karmann

Сојузната полиција, како што е денеска соопштено, видливо ќе го зголеми своето присуство на аеродромите и железничките станици. Во врска со барањата за проширени овластувања на армијата во внатрешноста на Германија, сојузниот мниистер за внатрешни работи Де Мезие денеска одговори: „За промена на Уставот нема парламентарно мнозинство“.