1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

„Намерна грешка“ на медиумите во Србија?

Самир Хусеиновиќ
15 ноември 2017

Зад погрешната интерпретација на изјавите на членот на Претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ дадени во интервјуто за ДВ стои политика на конфликт и деструкција, оценуваат аналитичари од Сараево и Белград.

https://p.dw.com/p/2nf63
Bosnien und Herzegowina Bakir Izetbegovic
Фотографија: DW

Откако медиумите во Србија погрешно интерпретираа дел од интервјуто на членот на Претседателството на БиХ Бакир Изетбеговиќ дадено за ДВ, а кое се однесува на Косово, следеа остри реакции од политичарите во Србија и во БиХ. Политичкиот аналитичар од Сараево, Алмир Терзиќ е убеден дека на властите во Србија им била потребна „екцесна ситуација“. „Зборувајќи за своите ставови за Косово, членот на Претседателството на БиХ Бакир Изетбеговиќ не рече ништо ново. Проблемот е во тоа што неговата изјава во медиумите во Србија е погрешно интерпретирана. Официјалните лица во Белград го свикаа Советот за национална безбедност како да е во прашање вооружен напад врз Србија, а таквата реакција не е случајна. Србија беше вмешана и во неодамнешните настани во Македонија и во Црна Гора. Очигледно е дека власта во Србија не се откажува од тоа да се наметне како ’главен играч’ на Балканот“, вели Терзиќ.

„Белград мора да ја согледа целината“

Претседателот на белградскиот Форум за етнички односи, Душан Јањиќ, вели оти „сложената“ изјава на Изетбеговиќ е дадена во „непријатен момент“ и реакциите на Србија зборуваат за тоа колку политичката ситуација на Балканот е „кревка“ и колку минатото ја оптоварува сегашноста. „Не е важен Изетбеговиќ во целата приказна, важен е порблемот. А проблемот е, ако се земе предвид она што во Србија предизвика најмногу бес, потребата, односно најавата за можност да се признае Косово. Во БиХ ако се земе предвид и ставот на Република Српска, постојат различни позиции околу Косово, но тоа не е прашање на кое Србија би требала да го крши односот кон БиХ. Најлошо е тоа што ваквите изјави сега се злоупотребуваат на начин на кој тоа го прави Милорад Додик најавувајќи отцепување на РС. Ако и постои, одговорноста на Изетбеговиќ не е во речениците, туку во несреќното време, неуважување на околностите во кои дава такви изјави. А Белград мора да разговара, не само со ентитетот РС, туку и со политичките претставници на Бошњаците и на Федерацијата БиХ“, вели Душан Јањиќ за ДВ.

Изетбеговиќ за ДВ: ќе го браниме интегритетот на БиХ

Уредникот на информативно-политичката програма БХ радио 1, Амир Сужањ, верува оти изјавите на Бакир Изетбеговиќ во Србија се пренесени непрофесионално и тендециозно, со цел предизвикување „политика хистерија“. „Го погледнав интервјуто кое го водеа новинарите на ДВ и се уверив дека она што го кажа Изетбеговиќ нема никаква вистинска врска со интерпретациите на тоа интервју во медиумите во Србија. Верувам оти во овој случај се работи за свесно предизвикување на една широка конфронтација. Реакциите од РС, во прв ред оние на Милорад Додик, нималку не ме изненадуваат. Неговиот режим е во толку длабок амбис што може единствено да се спасува со вакви запаливи политички приказни“.

Што велат „странците“?

По разните обвинувања и тврдења на Милорад Додик дека Бакир Изетбеговиќ е „српски непријател број 1“, и повторното актуелизирање на независноста на РС, се огласи и Канцеларија на високиот претставник во БиХ (ОХР). Од неа е соопштено оти „разорните“ изјави на политичарите во БиХ потсетуваат на трагичните конфликти од 90-тите и дека „воено подбуцнувачката реторика“ е целосно неприфатлива во контекст на Дејтонскиот мировен договор. Загриженост поради „реториката на поделба“ изрази и Американската амбасада во БиХ. „Повиците за отцепување се спротивни на Дејтонскиот мировен договор и претставуваат сериозна закана за мирот и стабилноста“, наведено е во соопштението на американската амбасада. И Делегацијата на ЕУ во БиХ е запознаена со наводите на членот на Претседателството на БиХ Бакир Изетбеговиќ, за Косово и со реакциите од Србија. Делегацијата ги повика сите политички субјекти во БиХ да се воздржат од реторика на поделба „која се доживува како одвраќање од обврските преземени во согласност со Реформската агенда“.

Milorad Dodik
Милорад ДодикФотографија: Samir Huseinovic

Наместо заклучок

За тоа каква медиумска и политичка хистерија предизвика во регионот погрешната интерпретација на интервјуто на Бакир Изетбеговиќ за ДВ, кусо искоментира и директорот на сараевскиот Медиацентар Боро Контиќ: „Новинарството нема многу правила, но јас особено сакам едно од  ретките. Тоа е начелото кое ни кажува дека на точно утврдени факти секој коментар е слободен. Накусо, кога точно цитирате изјава, по избор можете тоа да и го прокоментирате. Како сакате.“