1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Криволак домаќин на најголемата НАТО вежба во регионот

ДТЗ
12 мај 2022

Војниците покажаа што значи колективна подготвеност и совршена интероперабилност. Всушност ја пратија најважната порака: кога сте НАТО, не сте сами, вели министерката за одбрана Славјанка Петровска.

https://p.dw.com/p/4BDkA
Nordmazedonien | NATO-Militärübung "Swift Response 22"
Фотографија: Boris Grdanoski/AP/picture alliance

Со стотици падобрански скокови, хеликоптерски и копнени активности на припадниците на армиите на САД, Обединетото Кралство, Франција, Италија, Шпанија, Црна Гора, Грција, Албанија и Северна Македонија на армискиот полигон „Криволак“ се реализираше Денот за високи гости на мултинационалната вежба „Swift Response 22“.Станува збор за најголемата воена вежба во земјата „Брз одговор 22“, која вклучува 4.600 војници од осум држави, а ќе трае до 20 мај.

Nordmazedonien | NATO-Militärübung "Swift Response 22"
Фотографија: Boris Grdanoski/AP/picture alliance

„Вежбата „Swift Response 22“ ги покажа своите капацитети за одлично планирање, тренинг и заедничко координирање и дејствување“, оцени министерката за одбрана, Славјанка Петровска.

„Она што денеска го видовме не беше пркос на моќ и демонстрација на воена сила, туку демонстрација на нашето единство обединетост, на нашето сојузништво. Војниците покажаа што значи колективна подготвеност и совршена интероперабилност. Всушност ја пратија најважната порака: кога сте НАТО, не сте сами“, додаде Петровска.

Планови за тренинг центарот „Криволак“

Таа најави дека армискиот полигон „Криволак“ ќе продолжи да се развива со што земјата ќе придонесе за силна Алијанса.

Nordmazedonien | NATO-Militärübung "Swift Response 22"
Фотографија: Boris Grdanoski/AP/picture alliance

„Тренинг центарот Криволак да продолжиме да го развиваме согласно потребите за обука и тренинг на припадниците на нашата Армија, но се разбира, тој ќе понуди и специфични сегменти за тренинг и обука кои ќе ги користат и нашите сојузници и стратешки партнери. Ова го гледам како уште една неверојатна можност за сите наши сојузнички земји и армии да ги зајакнат капацитетите на заедничка работа за уште подобро меѓусебно запознавање и создавање меѓусебна доверба која не остава простор за никаков сомнеж“, потенцираше Петровска.

Повеќе: Месец на воени вежби - од Северна Македонија до Финска

Заменикот командант на копнените сили на САД за Европа и Африка, генерал-мајор Петер Ендрусјак, во своето обраќање пред присутните кажа дека речиси 10.000 припадници на НАТО сојузничките сили, се вклучени во оваа вежба која симултано се реализира од Балтикот, Норвешка, и овде на „Криволак“ во Северна Македонија каде се случува и најголемиот дел од вежбата со најмногу припадници.

Nordmazedonien | NATO-Militärübung "Swift Response 22"
Фотографија: Boris Grdanoski/AP/picture alliance

На Денот за високи гости присуствуваа претседателот и врховен командант на армијата, Стево Пендаровски, началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, пратеници од Собранието, амбасадорите на САД, Обединетото Кралство, Италија, Франција, Грција, Шпанија, Албанија и Црна Гора, генералите во Армијата на Република Северна Македонија, високи воени и цивилни претставници на вооружените сили и министерствата за одбрана на земјите учеснички на вежбата и НАТО, одбранбени аташеа акредитирани во земјава и други гости.