1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На македонското здравство му е потребен длабок рез

Костадин Делимитов28 октомври 2015

Проблемите во здравството ќе се повторуваат се додека се третираат само симптомите, а занемаруваат причините, предупредуваат експертите. Зошто министерот не помислува на оставка?

https://p.dw.com/p/1Gvv1
Фотографија: DW/S. Toevski

Проблемите во македонското здравство бараат порадикални решенија од отказите што ги заработија анестезиолозите од гевгелиската болница кои беа дел од тимот кој ја породуваше трудницата која почина заедно со бебето. Овој и последниот случај со починатата родилка од Тетово се само продолжение на низата, за жал со трагичен епилог, за кои постојат сериозни индиции дека се резултат и на лекарски грешки. Експертската јавност која веќе подолг период алармира дека здравствениот систем е во сериозна криза предупредува дека се потребни итни длабински, а не само козметички реформи. Состојбата е загрижувачка а последните случаи покажуваат дека проблемите се со тенденција да се повторуваат, коментира за Дојче веле Владимир Лазаревиќ од Хелтгрупер:

„Ова покажува дека има проблеми кои се со тенденција да се повторуваат и во иднина. Поточно, дека покрај индивидуалната одговорност постојат и системски пропусти кои овозможуваат да се појавуваат проблеми. Јавноста е во можност да забележи само мал дел од овие проблеми преку вакви немили настани. На што се` може да се должат проблемите е тешко да се дефинира бидејќи има многу објективни и субјективни фактори кои може да влијаат. Но, кога работите се повторуваат, тоа значи дека ние де факто имаме систем кој произведува проблеми. Потребно е да се редизајнира здравствениот систем со цел да се намалат можностите од грешки каде причините се од човечки фактор. Но, тоа е многу полесно да се каже отколку да се спроведе во пракса. И веројатно токму и заради тоа со години се соочуваме со истите проблеми“, коментира Лазаревиќ.

Превенирање на проблемите

Одговорноста е само дел од проблемот, клучниот предизвик според Лазаревиќ е како да се превенираат проблемите за да не се повторуваат во иднина:

„Може да барате одговорност и на ниво на човечка грешка, но и како резултат на системски пропусти. Најважно е како да превенирате во иднина да не се повторуваат вакви настани, поточно да се извлечат поуки и да се научиме на грешките. Инаку, лекарските и медицинските грешки се причини за смртност во речиси сите земји. Разликата е во тоа што има земји кои работат на признавање на грешките, нивно репортирање, и систематско отстранување. И има други земји, кои грешките се трудат да ги сокријат“, коментира Лазаревиќ.

За дел од експертите е безмалку иронично што во вакви услови јавноста и натаму се бомбардира со информации од типот историски милионски инвестиции во здравствениот систем, набавки на најмодерна опрема и технологија, врвни обуки на медицинскиот персонал. Уште повеќе, како во вакви услови, се случуваат трагедии кои се безмалку недозволиви за еден модерен здравствен систем?

Nikola Todorov Mazedonischer Bildungsminister
Никола ТодоровФотографија: MIA

„Проблеми во здравството секогаш ќе има. Многу често здравството е причина за популизам и ветувања кои имаат краткорочни политички ефекти. Тоа не значи дека инвестициите не ги подобруваат состојбите, но има проблеми кои се влечат со години. Дали проблемот со ефикасноста е само системски или персонален е тешко да се одговори. Во принцип многу светски аналитичари на здравствените системи ефикасноста ја поврзуваат со системот на наградувања или начин на плаќања за одредени услуги. Имено, се трудите да поставите систем со одредени стимули кои ќе влијаат кон работата на здравствените работници. Ја зголемувате автономијата и одговорноста на здравствените установи и со самото тоа ги принудувате да бидат поодговорни за услугите кои ги нудат на населението. Според мене, во Македонија, политизацијата на здравствениот систем е клучната кочница кон ефикасноста. Таа резултира со многу негативни последици, и од неа нашиот систем многу тешко ќе се ослободи. За жал се чини дека здравството уште долго ќе биде полигон за политички пресметки, и ние ќе ги согледуваме последиците и ќе продолжиме да ги третираме симптомите, а да ги занемаруваме причините“, коментира Лазаревиќ.

Кој да понесе одговорност?

Колку политизацијата се користи како алиби за барање или носење на одговорност и тоа не само во здравството покажуваат и постојаните методи за дискредитација и оцрнување на безмалку сите досегашни јавни иницијативи. Конкретно за здравството, невладини организации, граѓански активисти, поединци постојано апелираат за одговорност, оставка на министерот Никола Тодоров, не само поради случаите со малата Тамара, случајот со Ана Марија, родилките, трудниците. Како последно тоа беше побарано и од протестен собир пред Владата. Одговорност единствено имаше по големиот притисок од јавноста за случајот со малата Тамара кој заврши со директорски оставки во Фондот за здравство. Министерот Тодоров пак повеќепати во јавноста демонстрираше разочараност, огорченост, лутина но не и сопствена вина за трагичните случаи во здравството.