1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„На коњот на Александар кон НАТО“

31 март 2009

Грција се‘ уште го блокира приемот на Македонија во НАТО. Во Скопје сега почнува да се рони и внатрешномакедонскиот консензус. Во врска со оваа тема, пишува денеска весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг.“

https://p.dw.com/p/HNdC

Во статијата под наслов „На коњот на Александар кон НАТО“, авторот Михаел Мартенс пишува:

„Кога НАТО на самитот во Стразбур, Баден-Баден и Кел ќе ги поздрави новите членки Албанија и Хрватска, поканети пред една година, за Македонија тоа ќе биде годишнина од горчливиот пораз. Во април 2008 година, на самитот на Алијансата во Букурешт, балканската земја не беше ништо полошо подготвена за прием отколку Албанија, но не доби покана поради ветото од Грција. Блокадата трае и денеска: Атина ќе се согласи за прием на Македонија, дури откако ќе биде решен спорот со името. Грција бара Македонија да се откаже од името на државата, со став дека право на ова име има само северногрчкиот регион. Македонците треба да го сменат и називот на својот национален идентитет и јазик, ако не сакаат да стојат на маргините на меѓународната политика. Дури и во ОН, под притисок на Грција, Македонија во 1991 година беше примена под референцата ПЈРМ“, пишува Мартенс во ФАЦ и продолжува:

M. Martens - FAZ Journalist
Новинарот на ФАЦ, Михаел МартенсФотографија: FAZ

„Во овој спор, Македонците постојано ги имаа симпатиите на меѓународната заедница, додека барањата на Грција да му го одредува името на соседот наидуваа на мало разбирање. Во основа, двете најголеми македонски партии, ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, беа единствени дека земјата има право на своето име. Во последно време, внатрешнополитичкото единство почнува да се рони, а и странските дипломати се‘ поскептично гледаат на начинот на кој македонскиот премиер Никола Груевски го третира прашањето за името. Тој се чини дека се‘ повеќе се приклонува кон фикс-идејата дека словенските Македонци се потомци на Александар Велики. Т.н. историчари во своите смели конструкции директно го поврзуваат хеленистичкиот војсководач со сегашните жители на Македонија, иако словенското доселување на Балканот почнува дури во шестиот век од нашата ера, значи речиси илјада години по смртта на Александар. И покрај тоа, скопскиот аеродром го доби неговото име, како и едната од двете траси на автопатот. Другата е именувана по таткото на Александар, Филип втори. Се планира во центарот на Скопје да биде подигнат и споменик на Александар, висок 30 метри, качен на неговиот коњ Букефал“.

Во меѓувреме, во Македонија се појавува критика, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. Радмила Шеќеринска, од редовите на социјалдемократите, поранешна министерка за евроинтеграции и сега профилиран опозициски пратеник, во изјавата за овој весник, се дистанцира од поранешниот внатрешномакедонски консензус по прашањето за името:

„Нашата влада го злоупотребува конфликтот за внатрешнополитички цели. Кога ќе се најде во тешкотии, игра на картата на името. Ако го критикувате тоа, ќе ве етикетираат како предавник, инспириран од Грците.“

Се поставува прашањето, како Македонија да се справи со грчкото непријателство.

„Со тоа што ние, кои стремиме кон членство во НАТО и ЕУ, ќе го заоструваме тоа непријателство и ќе ги продлабочуваме јазовите? Или ќе најдеме заеднички интерес преку вистинска дискусија“, прашува Шеќеринска. Таа, се разбира, има одговор на реторичкото прашање: за време на владата на СДСМ немаше драстично влошување на односите со Грција. Атина во тоа време не стави вето за кандидатскиот статус на Македонија, зашто Скопје не даде ни најмал повод.

Logo der FAZ
ФАЦ

За да се реши блокадата од грчка страна, потребни се компромиси и од Скопје, како повлекување на именувањето на аеродромот и автопатот.

„Ирационалната конкуренција за исклучиви права на историјата му штети на нашето право на иднина. И Атина и Скопје носат вина за тоа“, вели Шеќеринска, која дури смета дека е нужен компромис за името: „Нашето уставно име со географска додавка, како на пример Северна Македонија или Горна Македонија, би можело да ја смени навредувачката ознака ПЈРМ, “ вели Шеќеринска за ФАЦ. Во текстот понатаму читаме:

Критика кон Груевски доаѓа дури и од партијата на премиерот. Горан Рафајловски, член на ВМРО ДПМНЕ и поранешен амбасадор во Берлин, го оценува присвојувањето на Александар Велики како ќорсокак:

„Тоа е прашање за историчарите. Кога со него се зафаќа политиката, тоа секогаш ни носи само тешкотии.“ Притоа, мора да биде запрена намерата за изградба на споменик на Александар Велики во Скопје, вели Рафајловски.

„Во спротивно, по дваесет години ќе констатираме дека сме направиле грешка, но тогаш ќе мора да се најде јунак, кој ќе го урне споменикот и идеологијата поврзана со него.“

Рафајловски зборува за „кражба на историјата“, со што Македонија губи многу симпатии: „Не можеме едноставно да присвоиме дел од историјата, која му припаѓа на цел свет“.

И критичарите го предупредуваат Груевски дека ги губи од вид вистинските предизвикувачи на конфликтот. Конечно, тоа е Грција, која ја уценува Македонија со спорот со името. Инаку, македонските политичари се жалаат дека меѓународните симпатии за нивната позиција досега малку им помогнале. Самитите македонски политичари добиваат пријателско и полно разбирање, тапкање по рамото од странските дипломати, ако не е во близина некој Грк, но шефовите на влади од ЕУ досега не биле подготвени да извршат притисок по ова прашање врз Грција. На тоа еден западен дипломат одговара: Се рабира, Грците претеруваат. Но, ние го имаме само овој избор, да ја загубиме Грција, или Македонија. Во тој случај би се одлучиле за Македонија“. Овој став е регистриран во Скопје. На оној кој има вакви пријатели, веќе не му требаат непријатели.

Автор: Михаел Мартенс (ФАЦ)

Превод: Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска