Мужниекс: правата на жените во Македонија се уназадени
5 декември 2017Повеќе земји-членки на Советот на Европа изминативе години донесоа закони со кои се отежнува пристапот до легален абортус, критикува Мужниекс во извештајот објавен денеска. Новите правила и административните пречки во овие земји водат кон долго чекање- што де-факто го оневозможува правото на легален абортус.
Проблемите кои се наведуваат во извештајот се особено акутни во Русија, Словачка, Грузија и Македонија, пишува Мужниекс.
„Во некои земји-членки, заканите ја надминаа реториката и општиот дискурс, со носењето закони и политики кои ја уназадија заштитата на сексуалните и репродуктивните права на жените“, пишува во извештајот. Како пример, меѓудругите, се наведува и Македонија каде се „усвоени закони и политики кои предвидуваат серија предуслови кои жените мораат да ги исполнат пред да срекнат право на легален абортус“. „Задолжителни периоди на чекање и пристрасни барања за советување пред абортусот се особено вообичаени примери за новонаметнатните, регресивни процедурални бариери кои го нарушуваат здравјето на жените и нивните човекови права“.
Повеќе на темата:
- Собранието на Македонија го донесе Законот за абортус
- Дали казните ќе „решаваат“ за абортусот?
Дополнително, извештајот забележува дека во советувалиштата на жените им се даваат медицински неточни или погрешни информации за абортусот од медицински професионалци. Ваквата пракса, се забележува, е во спротивност со директивите на Светската здравствена организација која препорачува жените да добиваат непристрасни, недиригирани информации со почит за нивното достоинство, потреби и перспективи.
Тодоров: закон за заштита на здравјето на жената
Мужниекс се жали и на недостатоците во пристапот до контрацепција. Во некои земји, како Австрија и Чешка, здравствените фондови не ги надоместуваат трошоците за контрацепција, додека во други, надоместот за трошоците е многу ограничен.
Мужниекс ги повика 47-те земји членки на Советот на Европа да го гарантираат правото на жените на сексуална слобода. Тоа го вклучува и правото на контрацепција и абортус.
Македонското Собрание во јуни 2013 година по скратена постапка изгласа нов закон за абортус со кој го ограничи тоа право и воведе систем на задолжително советување. Тогашната опозиција ја напушти седницата и не гласаше за законот. Тогашниот министер за здравство во владата на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров објаснуваше дека законот е во функција на заштита на здравјето на жената.
Тој тогаш го фалеше концептот на задолжително советување, кој денес е предмет на критика од Советот на Европа.
„Задолжителното советување е дел од новиот концепт, кој е ист и во Германија, Холандија, Франција, во Белгија. Тој не е за да се премислува жената, туку ако се двоуми да ѝ ги дадеме правите информации, а ако одлучила, да ѝ помогнеме да го помине тој постабортивен период“, рече Тодоров во 2013 година.
Против носењето на законот тогаш пред Собранието протестираа неколку невладини организации, и побараа оценка на неговата уставност.