1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

140409 DDR Staatssicherheit

7 мај 2009

Министерството за државна безбедност броеше преку 90 илјади вработени во октомври 1989 година, пред падот на Берлинскиот ѕид. Далеку поголема беше бројката на неофицијални соработници. Како работеа структурите на Штази?

https://p.dw.com/p/HlJL
Потценети од тајните служби: незадоволството во ГДР во 1953 годинаФотографија: AP

Во март 1955 година, на конференција во Москва, Министерството за државна безбедност на тогашната Германска Демократска Република беше примено како рамноправно во кругот на источноевропските „братски органи“. Востановено пет години пред тоа, Министерството дотогаш беше еден вид експозитура на советската тајна служба, која по потреба и самата преземаше истрага на германска почва.

Соработка со сите тајни служби од источниот блок

Секој негов оддел имаше советски инструктор, вели Јенс Гизеке, историчар, истражувачот на комунизмот. Подоцна советската тајна служна КГБ се задоволи само со таканаречени офицери за врска, кои се грижеа пред се’ за меѓународните аспекти на соработката на тајните служби од целиот источен блок.

„Државната безбедност не ги прогонуваше само дисидентите, туку се занимаваше и со шпионажа и контрашпионажа. Таа дејствуваше и бараше контакти и во меѓународниот тероризам и на сиве овие нивоа одржуваше меѓународни врски. Имаше мултилатерално поврзување, на пример голема банка на податоци, заеднички водена од сите источноевропски тајни служби. Со нив беше одржувана и обемна билатерална соработка“, објаснува Гизеке.

ГДР се замеша во Прага

Zentrale des DDR Ministeriums für Staatssicherheit
Централата на Штази во БерлинФотографија: dpa

Првиот голем тест за се’ уште младата Штази дојде во 1953 година и, од агол на државата, таа целосно потфрли - народното востание од 17 јуни беше задушено со помош на советски тенкови. Штази очигледно сосем погрешно го процени експлозивното расположение кај населението и беше неспособна самата да ги задуши протестите.

Ова се промени во децениите потоа, кога Штази дури се мешаше и кај пријателските држави, укажува историчарот Јенс Гизеке. „Ако фрлиме поглед во Прага 1968, Штази таму дејствуваше со сопствена мрежа на информанти. По задушувањето на Прашката пролет, таа имаше задача да ја ’построи‘ чехословачката Служба за државна безбедност и да ја врати на стриктна линија на верност на Советскиот Сојуз“.

Полска „подрачје за операции“

Илустрација за размерите на соработката со пријателските тајни служби, но и за прикриените активности во братските комунистички земји, е податокот дека под поимот „Чехословачка“ во електронската документација на актите на Штази се добиваат 3900 информации. За „Полска“ има дури 4700 - што не е случајно, оти кај тој сосед на Источна Германија во 1980 година беше основано опозициското движење „Солидарност“, па оттогаш и Полска беше за Штази „подрачје за операции“. „Тоа беше поим од интерниот јазик на Штази, кој значеше дека таа земја се смета како фактички непријателска, па таму соодветно и се дејствува: се врбуваат сопствени агенти, се прават обиди за соборување на опозициското движење во Полска со таканаречените ’мерки за подривање‘, што, се разбира, го правеше и полската тајна служба. Се’ заедно, ова значи дејствување како во западните земји, до кои Штази изнајде пристап“.

„Гласност“ влијаеше врз КГБ

Michail Gorbatschow in Berlin Porträt
Политиката на Михаил Горбачов претставуваше пресврт за тајните службиФотографија: AP

Големиот пресврт во соработката на источноевропските тајни служби започна кон средината на 80-тите години, кога во Советскиот Сојуз на власт дојде Михаил Горбачов. Неговата политика на економска обнова и општествена транспарентност, на „гласност“ и „перестројка“, се разбира, влијаеше и врз КГБ. Одненадеж невообичаено отворено и контоверзно се разговараше и за политичките водачи. Тоа предизвика најлоши страхувања во Источна Германија. „Во 1989 година имаше разговор меѓу вториот човек на КГБ, кој беше во посета на Источен Берлин, и шефот на Штази, Ерих Милке. Притоа Милке упати огорчени прекори и бараше да му се стави крај на ’сеништето гласност‘; во Германската Демократска Република имале контрола врз архивите и не можело да има негативни извештаи за комунистичките водачи. Во Советскиот Сојуз во тоа време веќе не беше така“.

Но, тркалото на историјата веќе не можеше да се врати назад. По падот на Берлинскиот ѕид, беа соборени социјалистичките влади, а со нив и источноевропските тајни служби. Но, обработката на нивната дејност не е ни оддалеку завршена.

Автор: Марсел Фирстенау / Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска