1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моја Европа: Романија нѐ брка од дома

Лавиниа Браниште
9 март 2019

Мајка ѝ и нејзините најдобри пријатели работат во странство, како и милиони други Романци. Колумна на писателката Лавинија Браниште: и самата порано размислувала да емигрира, но денес, и покрај сѐ, сака да остане.

https://p.dw.com/p/3EhJC
rumänische Schriftstellerin Lavinia Braniste
Фотографија: Alex Galmeanu

Пред извесно време се пријавив на курс по германски јазик во училиштето Шилер во Букурешт. Не се сеќавам колкумина бевме точно во групата, мислам дека бевме десетина, а половината беа студенти по медицина, кои своите задачи ги извршуваат со таков прегор, кој мене ми даваше чувство дека сум стара. Сакаа веднаш по завршните испити да заминат во Германија.

На летот кон Бон во јануари, до мене во авионот седеше еден млад човек, задлабочен во книга за неврохирургија на романски јазик. Секако не стануваше збор за забавна литература, се чини дека тешката книга ја имаше достигнато горната дозолена граница за рачен багаж. Не започнавне разговор, не знам зошто ја читаше книгата, но насетував од каде може да дува ветрот.

Единствениот колега од мојот поранешен клас, кој студираше медицина, сега е во Германија. Останатите две омилени дестинации на илјадниците лекари, кои годинава ја напуштија Романија, се Франција и Велика Британија. 

Ја посматрам ситуацијата од извесна дистанца, таа не ме засега директно, поради тоа што сум млада и ништо не ме боли. Но, ја засега на пример мајка ми, која пак веќе 17 години работи во Шпанија. Наскоро ќе замине во пензија, а самата помисла на нејзиното враќање во Романија, каде староста е поразителна, вели ѝ раѓа страв. Кога го вели тоа, во прв ред мисли на лекарското згрижување, невралгична точка во Романија во последните 30 години.

Три генерации во шок по заминувањето на мајка ми во Шпанија

Младите луѓе во курсот по германски јазик беа приближно на возраст во која бев јас кога мајка ми замина од Романија. Јас студирав на втора година на универзитет. Можеби затоа не се гледав себе си како оставено дете, бев речиси возрасна, а сепак три генерации го почувствуваа шокот на разделбата: родителите на мајка ми, мајка ми самата и јас, нејзината ќерка. Посебно растревожувачки беше што мајка ми не беше израсната во глобална култура, тридневното патување со автобус во Шпанија беше првото во странство во нејзиниот живот.

Чудното е што јас израснав со волшепството на Запад. Во 1990 почнав да одам во училиште, во 2002 ги започнав студиите. Се сеќавам, на крајот на школувањето имав чувство дека најдобро што би можело да ни се случи, би била стипендија за универзитет во странство, за да заминеме, да се спасиме. Некои од нас, оние најдобрите, успеаја во тоа. Но, за стипендија беше потребен златен медал на некоја од меѓународните училишни олимпијади. Оној кој немаше златен медал, ниту пак финансиска поддршка од богато семејство, во странство заминуваше директно по факултетот. Овие колеги во почеток работеа како неквалификувани работници, а по многу години станаа горди државјани на туѓи земји.

Романија се раселува пред наши очи

Секако, земјата не ја напуштаат само лекари, туку луѓе од сите бранши, со или без квалификации, од сите старосни групи. Познавам луѓе кои заминаа во странство во својата шеста деценија, за да бидат блиску до своите деца. Романија се празни пред наши очи, а власта не знае како да го реши проблемот.

Шпанија не прифаќа двојно државјанство, а мајка ми и по толку долго време, сепак не сакаше да се откаже од својот романски пасош.

Rumänien Demonstration gegen die Justizreformen der Regierung
Од 2017 година во Романија се протестира против корупцијата и за правна државаФотографија: Reuters/G. Calin

Секогаш кога ќе ја посетам во Шпанија, ме изненадува брзината со која автобусот го напушта аеродромот и ита по автопатот. Потоа се растажувам, каква реакција при поглед на еден автопат...Тоа се нашите желби во Романија: автопатишта. Чисти тоалети. Нешта кои е наједноставно да се отварат, а потоа ќе станат, ако ги има, видливи придобивки. Како при учењето странски јазик: најспектакуларните напредоци се во почетокот, кога се сортираат основните поими. Подоцна, во понапредниот стадиум, се соочуваме со финеси, а однадвор гледано, напредокот е бавен.

Мачното прашање: А кога заминуваш ти?

Луѓето ја напуштаат Романија поради сѐ она за што автопатот е еден симбол. Моите најдобри пријатели заминаа пред неколку години, во релативно краток период, еден по друг. Тогаш првпат го почувствував гневот кој врие: Романија нѐ брка од дома. Никогаш претходно немав такво чувство, можеби ни тогаш, кога мајка ми замина во странство, можеби поради мојата тогашна младост не го согледував размерот на овој феномен. Во тоа време сметав дека станува збор за индивидуална очајничка одлука.

Дури како вработена, забележав дека имаме договор со земјата во која живееме. Првенствено кога започнав самостојно да работам. Да пополнувам даночни пријави и да констатирам какви суми ѝ плаќам на романската држава, за речиси непостоечки услуги.

Затоа луѓето заминуваат во странство – за подобар договор со државата во која живеат. За оние кои останаа, барем од мојата генерација, неизбежно е мачното прашање: А кога ќе заминеш ти? Или: Зошто си уште овде?

Волшепството на Западот ме следи уште од моите училишни години, оние 1990-те, во кои ние децата се радувавме на колоритната експлозија, додека нашите родители се бореа со тешкиот преоден период. Но, по извесно време во странство и пропаднати интеграциски обиди, најмногу посакувам да имам сила да останам дома. Да не дозволам да ме избркаат. Невозможно ми е да објаснам зошто. Јасна ми е само борбата која сега, со 36 години, ја водам: да не заминам од татковината.

Превод од романски: Александра Шерле

Романската писателка и литературна преведувачка Лавиниа Браниште живее и работи во Букурешт. Нејзината книга со наслов во оригинал „Interior zero"  во Романија во 2016. беше прогласена за најдобар роман на годината, а во 2018 година се појави во превод на германски под наслов „Нула кома било што".