1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Вакцинација: Кога Романија е во нешто подобра од Германија

Лавиниа Браниште
20 март 2021

Додека во Германија кампањата за вакцинирање се одвива бавно, во Романија термин може да добијат и млади лица без претходни заболувања. За да примат вакцина некои дури одат и во непознати села.

https://p.dw.com/p/3qs3k
Autorin Lavinia Braniste
Фотографија: Adi Bulboacă

Намирниците беа кнап во Романија во 80-тите години. Со оглед на тоа дека сум родена во 1983, сѐ уште се сеќавам на бончињата за храна на кои стоеја запишани количините и на долгите редици пред продавниците каде што се подигаа. Мислам дека и по политичкиот пресврт во 1989 зборот „редица” на романски всушност и натаму означува хаотична група луѓе што се туркаат.

Луѓето не си чекаа уредно да им дојде редот, еден зад друг, туку во гужва. Тоа и денес ни е во крвта, исто како и очајната потреба да се складираат што е можно повеќе резерви храна. Таа особено доаѓа до израз пред празници, кога продавниците не работат. Ние дури имаме и новинари кои во живо известуваат од таквите гужви, за времето на чекање и за содржината во количките. Зборуваат за „Романците” како да сме ние некој посебно чуден вид.

Уметноста да се чека во редица во време на пандемија

Ние Романците многу добро знаеме што значи гужва. Пред еден месец морав да се туткам меѓу луѓе за да го сменам понудувачот на електрична енергија. Два часа чекав на студот заедно со десетици други лица кои веќе немаа трпение и се развикуваа по стражарот бидејќи ја држеше вратата затворена и пушташе само по едно лице да влезе внатре. Држење потребно растојание заради корона надвор беше мисловна именка, така што јас некако стоев настрана од гужвата со лицето свртена кон улицата во смешна и арогантна поза, како мачка кога нема желба да се занимава со некого и му ја врти главата.

Повеќе:

-Германија– земја на луѓе без храброст во Ковид-кризата 

-Вакцинација во Германија: Лекарите лути на бирократијата

-Вакцинирањето во Европа како кечап во шише - прво ништо, па се' наеднаш

Стоењето во гужва на скалите кои водат некаде е нешто сосем посебно. Телесно е непријатно, но барем знаеш дека наскоро си стасал до целта и веќе ги чувствуваш вибрациите од просторијата. Речиси си успеал! Но, кога оној ден конечно стасав до вратата, стражарот ми рече дека никој веќе бе смее да влезе бидејќи речиси е истечено работното време. Наместо тоа препорача да се обидеме преку интернет да си ја завршиме работата, доколку знаеме како.

Почнав да се жалам, да му мавтам пред нос со документите, да му објаснувам колку е важно за мене да влезам бидејќи мора да го преземам договорот од мојот починат дедо. Веројатно се сожали и ме пушти, па ја затвори вратата зад мене. Си помислив дека сигурно би била способна да преживеам и со чекањето во ред во 1989: барем ми текнуваат добри приказни. Дедо ми инаку е починат веќе 15 години. Бидејќи никој го нема прашано за здравје сето ова време сметките и понатаму стигнуваа на негово име.

„Вакцината е единствено решение за излез од Ковид-кризата“

Нови авантури во непознати села

Во Романија по првите две за приоритетни групи сега почна третата фаза од кампањата за вакцинација против корона – сега на ред е широката популација. Уште рано изутрина си го пишав името во листата за чекање која ме потсети на листите кои до неодамна ги имаше во општините кога требаше да вадиме лични карти и пасоши. Таму уште во раните часови имаше гужви, некогаш уште пред пет часот наутро, а првиот кој ќе дојдеше до оградата ги пишуваше имињата на луѓето кои стоеја зад него. Заради многу краткото работно време гужвите беа невозможни, а уредна редица никогаш не можеше да се воспостави. Некои луѓе уште од вечерта ќе фатеа место за да се погрижат за листите, човек можеше да ги потплати за да му го пишат името погоре во листата.

Денеска доста бевме активни во групата на Ватсап во која со моите пријателки си разговараме на разни теми. Платформата за закажување за вакцини утрово требаше да биде активирана, но пробно беше пуштена и претходната вечер во краток временски интервал. Многумина успеаја тоа кратко време да го искористат за да си закажат термин. Дента кога беше пуштена пак, на почетокот падна, потоа малку проработе и повторно падна и не функционираше.

Кога се разбудив и се обидов да се пријавам, во мојот град веќе немаше слободни термини па се пријавив на листата на чекање. Моите пријателки од Букурешт станале в зори, во шест, за да пробаат да фатат термин. На две од нив им успеало: во домот на културата во село Олтени, оддалечено 110 километри од главниот град, или два часа возење. И М. сакаше да им се приклучи, но поради бавниот интернет не успеала да најде слободно место во Олтени. Ми предложи да одиме да се вакцинираме во малиот град Фореи – единственото место во мојот округ во кое се уште има слободни термини. И покрај тоа што радо сакам да ја видам М. овој пат морав да го одбијам нејзиниот медицински излет.

Во однос на вакцинацијата сме подобри од многу други европски земји

Фореи е 65 километри оддалечен од мојот град Бржила. Во нашата земја во која дистанцата се мери во време, бидејќи патиштата се многу лоши, тоа значи еден час возење во бавен и валкан воз. На М. ќе и бидат потреби три часа за да стаса од Букурешт во Фореи, поради што мора да тргне во пет наутро за да не го пропушти терминот за вакцинација.

Ќе беше веројатно интересно по вакцинацијата заедно да испиеме кафе од некој автомат на железничката станица во Фореи. Сигурно долги години би ја раскажувале оваа забавна приказна – под услов од пандемијата да се извлечеме психички здрави. Но, се плашам дека немам енергија да станам среде ноќ за да се осигурам дека нема да пропуштам нешто што треба да го фатам во одреден момент. Можеби сепак не би била толку спосбна за преживување во светот на чекањето во гужви.

Денешната гужва личи на онаа пред оградата на властите што издаваа лични карти, или пак на гужвата пред продавниците за храна во комунистичко време, кога ќе се расчуе дека стасале портокали.

Остатокот од денот го поминав со моите пријателки во нашата група на „Ватсап“, каде споделувавме линкови, мислења и шеги. Во нашиот микро свет, вакцинацијата сега ни е голема тема и зборуваме за нерамномерната распределба на вакцините како и други различни проблеми поврзани со кампањата за вакцинација, или пак се забавуваме со теми за млади од Букурешт, кои се среќаваат во пензионерски клуб во малиот град Фетеши за вакцинација. И за медицинскиот туризам кој сега започнува. Не теши помислата дека вакцинацијата во Романија заостанува, но сепак во целина сме многу подобри од многу други европски земји. Инаку ние Романците сме навикнати да сме последни во сѐ.

Трескавичната турканица е секогаш добар знак 

Се прашуваме, што е поентата со овие гужви (во крајна линија разбирливи се по една година страв и исчекување). Нашиот заклучок гласи: Ние Романците сакаме да бидеме во центарот на случувањата, а хектична гужва секогаш е знак за високиот квалитет на робата. Ако луѓето се "тепаат" за неа, робата не може да е лоша.  

По една година, во која сме затворени и ставаме парфем само за состаноци на платформата зум, колку да ни се сторат пореални (а и за да си го тестираме чувството за мирис – тој архаичен осет, кој ни стана особено важен во време на корона-пандемијата) за некои од нас сега започнува малата авантура на патот до вакцината: со навигација до место за кое никогаш не сме чуле. Симболот за нашата победа ќе биде мал фластер на раката. И потоа почнува долгиот пат на враќање во нашиот стар живот.

Романската писателка Лавиниа Браниште живее и работи во Букурешт. Нејзиниот прв роман „Интериор Зеро“ (во превод „Нула кома нешто“) во 2016 година беше прогласен за роман на годината.