1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моја Европа: Десен екстремизам амортизиран со неспособност

Роберт Мисик
29 септември 2018

Тоа што австрискиот министер за внатрешни работи сака да ги заузда медиумите не зачудува толку, колку што зачудува фактот дека бил доволно глупав за тоа да го напише. Колумна на Роберт Мисик.

https://p.dw.com/p/35d7p
Österreich Innenministerium in Wien
Зградата на Министерството за внатрешни работи во ВиенаФотографија: picture-alliance/dpa/R. Hackenberg

„Австрија е деспотија, амортизирана со фушерај“, има изјавено своевремено легендарниот Виктор Адлер за апсолутистичкото царство. Денес во Австрија на власт е десен есктремизам амортизиран со неспособност.

Херберт Кикл, до лани најголем ковач на пароли во ултрадесничарската Слободарска партија, а денес министер за внатрешни работи, е на најдесната маргина на десничарската влада во Виена. Во својот кус мандат Кикл постојано создава купови крш. Прво вели дека барателите на азил треба да се држат „концентрирано“ и потоа се чуди што за тоа јавуват медиумите од Њујорк до Мелбурн. Потоа, тука е неуспешниот обид за ставање под партиска контрола на Службата за заштита на уставниот поредок, па оттогаш службата е во „урнатини“, а министерот, тукушто стапил на функција, веќе околу вратот има Истражна парламентарна комисија.

И, сега, од неговиот кабинет доаѓа пишаната наредба за бојкот на критичките медиуми, за тоа дека со информации треба да се снабдуваат само пријателски настроените медиуми и полициските активности да се користат за десничарскиот „агенда-сетинг“. Точно, и демократски партии правеле обиди за целно насочување на медиумското известување. Но, продуцирањето ваков документ од неколку страници, кој веднаш протече до медиумите, сведочи за две работи - за лоши намери и за тотална неспособност.

А, потоа, министерот - кој инаку е многу гласен - тивко сѐ префрла на своите соработници: Не бев јас, туку мојот секретар!

Österreich - Autor Robert Misik
Роберт Мисик, новинар и политички публицист од ВиенаФотографија: Helena Wimmer

Сето ова, се разбира, е повеќе од  проста грешка. И Австрија чекор по чекор оди кон „орбанизација“. Авторитарно преструктурирање плус труење на климата во општеството. Дописот до полициските станици е пример за тоа. Во него не само што на полицијата ѝ се укажува на критичките медиуми - особено се спомнати леволибералниот „Фалтер“, либералниот „Стандард“ и либерално-конзервативниот „Курир“ - да им дава само со закон пропишан минимум на информации, додека помалку критичките медиуми и десничарскиот печат да се честат со „бонбони“, туку и се забележува дека во случаите на сите сексуални деликти, во иднина посебно би требало да се кажува и националноста на извршителот.

Со оглед на тоа што најголемиот број од сексуалните деликти се извршуваат од лица од блиското опкружување на личноста (кои по правило не се објавуваат, а камоли да се зборува за националност на извршителите), намерата е јасна: зборот „странец“ и зборот „силување“ да се направат неделиви во главите на публиката. Труење на општествената клима од врвот на министерството надолу.

Освен тоа, тука е и препознатливата намера за етаблирање клима на застрашување. Во моментов, рака на срце, е непријатно за оние меидуми кои не се списокот на „критички весници“ на Кикл, зашто кој би сакал да добие државна заверка и од авторитарниот министер за внатрешни работи да биде класифициран како „некритичен“? Но, на долг рок, сите новинари кои се упатени на информации од Министерството, ќе размислат два пати дали ќе го налутат министерот.

И, којзнае што е следно! Претрес во просториите на истражувачките медиуми? Во светот на медиумите со месеци „шета“ прашањето дали за вакво нешто треба сериозно да се поразговара, со оглед на аферата со тајната служба во опкружувањето на раководството во Министерството. Има редакции кои веќе ги имаат снабдено своите новинари со упатство како да постапат во случај на полициски акции против весниците.

Сето ова се одвива по сценарио на застрашување на сѐ што е опозициско, какво што веќе е испробано одамна во ЕУ-земји како Унгарија или Полска. Ваква постапка сѐ уште изгледа скандалозна и е причина за возбуда и за борбени коментари во медиумите. Но, Европа е изместена од рамнотежа. Она што порано важеше за целосно невозможно однесување во една плуралистичка демократија, денес е една од повеќето опции на располагање, еден вид можност за која може да се дискутира.

Порано имаше плуралистичка демократија со свои стандарди и консензус, врз чија основа се одвиваа контроверзни дебати, денес се тука плурализмот и демократските стандарди само како една можност и за тоа нема консензус, туку се контроверзни. Сѐ уште постои мнозинство кое го критикува министерот, но тоа нема да предизвика несигурност кај неговите приврзаници. ФПО, конечно, отсекогаш гласно најавува пресметка со „елитите“. Притоа, партијата не мисли на своите донатори од светот на големиот бизнис и лобито со оружје, туку повеќе на новинарите кои му стојат на патот на авторитарното преструктурирање.