1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Москва условно ги признава изборите во Украина

Иван Преображенски/ Превод: Жана Ацеска28 октомври 2014

Ветувањето на Сергеј Лавров за признавање на изборните резултати во Украина не смее да се земе здраво за готово, смета рускиот политиколог Иван Преображенски во гостински коментар за Дојче веле.

https://p.dw.com/p/1DdOj
Фотографија: Reuters/Gleb Garanich

Руското министерство за надворешни работи соопшти дека во Украина се одржале избори. Најголем дел од медиумите ова соопштение погрешно го интерпретираа како официјално признавање на изборниот резултат. Но, се чини дека руските власти токму тоа не сакаа да го направат. Со ваков Парламент може да се работи, ова досега е единствениот вистински сигнал кој стигна од Москва. Кремљ не се изјасни недвосмислено и со тоа остави простор за политички маневар.

Министерството за надворешни работи зборува во името на Кремљ

Прв се јави за збор заменикот министер за надворешни работи Григориј Карасин. Во интервју за новинската агенција Интерфакс тој изјави:

„Ние ги очекуваме официјалните резултати. Се‘уште постојат противречни информации. Но, уште сега е јасно, изборите се одржаа и покрај грубата и валкана изборна кампања“.

Позицијата на руското министерство за надворешни работи сепак најдобро ја демонстрираат две изјави на неговиот шеф, Сергеј Лавров. Во првата тој ги коментираше веќе одржаните избори за Парламентот на Украина, а во втората-претстојните избори за парламентите на т.н.„Народни Републики Луганск и Доњецк“.

„Изборите очигледно се одржаа, иако не на цела територија на Украина. Мислам дека ќе ги признаеме резултатите. Нам ни е важно во Украина конечно да постои државна власт која нема да води меѓусебна борба, која нема Украина да ја влече час кон Запад, час кон Исток, туку конечно ќе се зафати со вистинските проблеми на земјата и ќе размисли како може да го обезбеди националното единство на земјата“, изјави Лавров во интервју за телевизија Лајф њус.

Истовремено, Лавров е подготвен уште сега да го признае изборот на парламентите и на извршната власт во т.н.„Народни Републики Луганск и Доњецк“, иако тие уште не се ни одржани.

„На мислење сме дека тоа е еден од најважните составни делови на договорот од Минск. Ние очекуваме изборите да бидат одржани како што е договорено и се разбира, ќе ги признаеме резултатите“, изјави самоуверено рускиот министер за надворешни работи во истото интервју.

Цена за примирје во војната за гасот

Заклучокот е на дофат: Русија сака што е можно подолго украинската државна власт да ја смета за делумно легитимна и да и‘ ги спротистави „Народните Републики Луганск и Доњецк“. Тоа на Москва и‘ дава одврзани раце во регионите Доњецк и Луганск. Ваков метод веќе беше користен во односот кон Петро Порошенко, кој во еден ист пропагандистички извештај на руската телевизија истовремено може да биде нарекуван „шеф на киевската хунта“ и „претседател на Украина“.

Не може да се исклучи успешното спроведување на избори во Кремљ да биде посматрано како услов за ЕУ да ги плати украинските „долгови за гас“ кон Русија. Во тој случај, Москва можеби би водела максимално блага политика кон новиот Парламент и идната украинска влада, сеедно кој би и‘ бил на чело, барем дотогаш, додека да и‘ успее постигнување договор за гасот меѓу Москва, Киев и Брисел.

Зимата во источна Украина може да биде жешка

Тешко е да се предвиди што може да се случи по потпишувањето договор. По настапот на зимата, тешката економска ситуација во Украина на Кремљ веројатно ќе му овозможи да игра со внатрешните спротивности меѓу членовите на идната владина коалиција. Јасно е дека никој во Кремљ не сака да се откаже од „Народните Републики Доњецк и Луганск“, што го истакнува и Лавров во своето интервју. Наспроти позитивните очекувања на многумина набљудувачи, ситуацијата во источна Украина се‘ уште може драстично да се влоши.

Можно е дури борбените активности повторно да започнат со сета сила. Тоа што властодршците на самонаречените „Народни Републики Доњецк и Луганск“ веќе не спомнуваат неминовен недостиг на енергенси и прехранбени производи в зима, не значи дека проблемите се решиле сами од себе. Хуманитарната помош од Русија несомнено не е доволна за да се прехрани драстично бројно намаленото население на Доњецк и Луганск. Но, ресурси има во соседните региони, кои се под контрола на владата во Киев. „Народните Републики Доњецк и Лиганск“ можат да се обидат да стигнат до нив.

Дали зборот на Путин е закон?

Дали тоа ќе се случи? Уште е тешко да се прогнозира. Порано можеше да се рече: „Да сочекаме изјава на Владимир Путин“. Зашто, ако рускиот претседател самиот би ги признал резултатите од изборите за украинскиот парламент, курсот на Москва кон повторно воспоставување на нормални односи со Киев би можел да се смета за одобрен.

Меѓутоа, украинската криза покажа дека сега во Русија ниту изјава на шефот на државата не може да се смета за конечна. Таа во секое време може да биде коригирана од него самиот, но и од неговата служба за односи со јавноста, зависно од тоа што на Кремљ во моментот му се чини покорисно. Тоа може да биде целосно признавање на новата украинска влада, но и спротивно, како и подготвеноста за поддршка на „Народните Републики Доњецк и Луганск“, кога тие в зима повторно со сета сила би започнале со воени активности во источна Украина.

Иван Преображенски е политиколог и координатор на проектот„Московски полит-клуб“. Тој е постојан член на германско-рускиот форум „Петерсбуршки дијалог“, како и на руско-полскотоекспертско дебатно здружение „ПЛ-РУ“.