1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Obama Medwedew

2 април 2009

Претседателите Обама и Медведев во Лондон најавија дека ќе преземат натамошни чекори за нуклеарно разоружување. Но, ова не значи вистинско подобрување на руско-американските односи.

https://p.dw.com/p/HOka
Средба на Обама и Медведев во ЛондонФотографија: picture-alliance/ dpa

На нивната прва средба на маргините на самитот на Г20 во Лондон, претседателот на САД Барак Обама и рускиот претседател Дмитри Медведев постигнаа согласност за почнување нови преговори за атомско разоружување. Со тоа сакаа да испратат сигнал за нова ера во руско-американските односи.

Шансите за нов почеток се добри. Со оглед на светската економска криза и глобалната рецесија, и САД и Русија, повеќе од претходно се подготвени на засилена меѓународна соработка. Освен ова, според тонот и политичкиот стил на двајцата претседатели, се добива впечаток дека Обама и Медведев се повеќе подготвени на компромиси отколку нивните претходници, така што се чини дека е можно да дојде до приближување.

Сепак, постојат спротивставени ставови и тоа не само за многу меѓународни прашања. Многу повеќе, пречката за вистинско подобрување на руско-американските односи лежи во различните перспективи токму на овие билатерални односи.

За администрацијата на Барак Обама подобрување на односите со Москва е средство за остварување на целта. Имено, Русија од американски агол е само регионална сила, која има потенцијал да ја попречува САД, но не е дораснат ривал. Вистинските предизвици за американската политика се глобалната финансиска и економска криза, борбата против тероризмот, како и попречување на иранската нуклеарна програма. За решавање на овие глобални проблеми, подобри односи со Русија би биле од помош. Но, тоа не е цел сама за себе. Обама меѓу другото и поради ова не се откажува целосно ниту од плановите за антиракетен штит во Источна Европа, ни комплетно исклучува прием на Украина и Грузија во НАТО.

Наспроти ова, руската перспектива е поинаква. За Москва, САД се’ уште се мерило за сопствената позиција во светот. Односите со САД за руската надворешна политика и натаму се цел сама за себе - оттука и големата злобна радост во Русија поради економските проблеми на САД, иако влијанието во Русија е значително. Затоа Американците беа истиснати од Киргистан, иако неуспех на НАТО во Авганистан силно би ја загрозило безбедноста во Русија. Москва, меѓу другото, затоа играше улога на кочничар, кога стануваше збор за санкции против Иран и покрај безбедносните ризици, кои токму за Москва произлегуваат од евентуална иранска атомска бомба.

Со други зборови: дури откако Русија ќе ја симне пост-империјалната траума во односите со САД и ќе се посвети на спроведување на своите суштински национални интереси, ќе дојде до вистински нов почеток во односите меѓу Вашингтон и Москва.

Автор на коментарот: Инго Мантојфел

Превод: Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска