Монархистите посакуваат цар во Германија
28 август 2011„Ние од здружението ’Традиција и живот’ имаме за цел да ја поддржуваме монархистичката мисла, да ја прошириме низ целата земја или барем да ја зачуваме”.
Кнут Висенбах е претседател на монархистичкото здружение. Тој не живее во замок, туку во куќа покрај реката Рајна, во местото Нидерхајмбах. Кнут нема благородничка крв, туку потекнува од обично граѓанско семејство, има околу 40 години и работи како службеник. Тој собира портрети од пруските кралеви, униформи и ордени од кралските времиња. Во неговата работна соба наместо стол стои преработено седло за јавање коњи. Имено, на оваа седло-стол порано седел царот Вилхелм Втори, последниот германски цар до 1918 година. За Кнут Висенбах и 200-те членови на неговото здружение, шефот на благородничкото семејство Хоенцолерн, принцот Георг Фридрих, денес би бил идеален владетел.
Околу 15 проценти од Германците, како што покажуваат некои анкети, не сакаат здодевен претседател на чело на државата, туку повеќе сјај и слава, значи семејство кое ќе биде на врвот, смета Кнут. „Мотото ’Да и‘ ставиме круна на демократијата’ значи дека сметаме оти круната или монархијата имаат поголемо симболичко значење, и тоа за сите генерации подеднакво. Ова може да се види и на европските примери - дека семејството стои во преден план, а не некаква, свесно ќе ја наречам - сива служба.”
Воведување монархија во Германија не е можно
Историчарката која се занимава со благородништвото, Моника Винфорт, не гледа простор за голема надеж за германските монархисти: „Јас сметам дека повторното воведување монархистички режим, барем во зацврстените Републики, како Германија и Австрија, не е воопшто тема на разговор.“
Професорката по историја предава на американскиот универзитет во Северна Каролина и според неа, по двете светски војни се прекинала традицијата на монархиите во Германија. Монархии се на власт само во некои европски земји, кои не доживеале радикални револуции и пресврти.
Желбата за помпезност е голема
Данска, Норвешка, Шведска, Холандија, Шпанија, Белгија и Велика Британија се последните демократски кралства во Европа. Тоа и ќе останат, вели историчарката Винфорт, бидејќи согласноста на населението е голема. Но, желбата за помпезност е голема и во некои републики, особено во Германија. Овде, во трафиките можат да се најдат најголем број весници и списанија со трачеви за семејниот живот на благородничките семејства, во Европа. Ова не е никаква случајност, бидејќи во Германија живеат голем број семејни династии како Хоенцолерн, Заксен-Кобург-Гота, Зондербург-Гликсбург, Вителсбахер или пак, Фирстенберг, кои практично се во роднински врски со сите кралски семејства. Главна причина за ова е добрата и успешна политика на склучување бракови од страна на германските благородници во предминатиот век. Така на пример, мажот на легендарната британска кралица Викторија бил Германец од благородничкото семејство Заксен-Кобург-Гота. Викторија му била баба на германскиот цар. Кралицата Елизабета Втора има значи германски корени, објаснува професорката Винфорт: „Елизабета има баба која е половина Германка. Таа има сопруг кој потекнува од овие семејства од германската покраина Шлезвиг Холштајн. Може да се каже, прилично интернационално.”
Кралската крв се разводнува
Кралските куќи во Данска, Грција и Шпанија се исто така меѓусебно роднински поврзани. Белгиските кралеви доаѓаат од семејството Заксен-Кобург-Гота. За несреќа на германските монархисти, денешните престолонаследници се венчаваат со граѓански поданици од својата земја. Крвта на династијата се разводнува. Венчавки што се соодветни на нивниот сталеж, какви што се правеле порано, не се веќе важни, но сепак историчарката Винфорт објаснува зошто случувањата во кралските семејства се' уште се интересни за народот. „Тие прават вообичаени работи. Се земаат, раѓаат деца, умираат. Но, тоа го прават на репрезентативен начин. Затоа телевизиските преноси од кралските венчавки се интересни и за луѓето кои вообичаено немаат стравопочит кон луѓето со сина крв.“
Автор: Бернд Ригерт/ Бисера Огњановска-Митров
Редактор: Александра Трајковска