1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Молк во спомен на жртвите на Холокаустот

СН/ агенции
24 април 2017

Денот на сеќавањето на жртвите на Холокаустот, кој денеска се одбележува во Израел, е еден најтажните во календарот на оваа земја.

https://p.dw.com/p/2bnbf
Israel Holocaust Gedenktag Schweigeminute
Фотографија: Reuters/N. Elias

Продорен звук од сирени го означи денеска ширум Израел, точно во 10 часот по локално време, почетокот на двоминутниот молк во знак на сеќавање на 6-те милиони Евреи кои нацистите и нивните соработници ги убија во Втората светска војна.

Денот на сеќавањето на жртвите на Холокаустот, кој денеска се одбележува во Израел, е еден најтажните во календарот на оваа земја. На звукот од сирените возилата запираат на улиците и на автопатите. Возачите и патниците излегуваат од автомобилите и автобусите, а пешаците запираат со одење, учениците стојат покрај клупите, подигнувајќи ги главите, сеќавајќи се на оние кои настрадаа. Тоа е ритуал кој се повторува секоја година.

Комеморативни церемонии се одржуваат ширум земјата. Во израелскиот парламент - Кнесетот се читаат имињата на убиените. Радио и ТВ-станиците емитуваат интервјуа со преживеаните од Холокаустот и документарни емисии за геноцидот.

Денот на сеќавање на Холокаустот одамна е традиција и можеби е едно од најтрогателните случувања во Израел. Првпат е одбележан на 2. декември 1942 година, кога почнаа да се шират приказни за нацистичките логори од сведоците во Европа.

Двеминутен молк во Израел

Иако остатокот од светот одби да верува во тие случувања, еврејското население во Палестина под британски мандат на тој ден не работело, туку постело и се молело за Евреите во Европа.

Денеска во Израел, Денот на Холокаустот е работен ден, но на звукот на утринските сирени целата нација стоше во молк во знак на сеќавање на 6-те милиони убиени. Цел ден земјата му се посветува на повторното раскажување на ужасните приказни.

Церемонија по повод Денот на Холокаустот започна ноќеска во Меморијалниот центар Јад Вашем во Ерусалим, во присуство на израелскиот претседател Рувен Ривлин и премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Нетанјаху рече дека иако по Втората светска војна немало „трагедија која би се приближила до димензиите на Холокаустот, постојат многу случаи кога светот седи со скрстени раце и не спречува геноцид“. Тој ги спомена Камбоџа, Руанда, Судан и Сирија, пренесуваат израелските медиуми.

„Сепак, во темнината има неколку зраци светлина. Една од нив се случува сега и тоа е одлучен одговор на претседателот Трамп за масакрот на децата во Идлиб, во Сирија“, рече Нетанјаху, мислејќи на нападот со хемиско оружје кој се случи во соседната земја и американскиот воздушен напад врз сириската воздухопловна база, кој следуваше како одговор на тоа.