1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Можеше ли да се одбегне хаосот во Дуизбург?

27 јули 2010

Два дена по масовната паника на „Парадата на љубовта“, бројот на жртви порасна на 20. Никој од над 500 повредени повеќе не се наоѓа во животна опасност, соопшти јавното обвинителство во Дуизбург.

https://p.dw.com/p/OVSe
Цвеќиња и свеќи на местото на несреќата во ДуизбургФотографија: AP

Додека организаторите, полицијата, градот и јавното обвинителство трагаат по причините за несреќата, пред влезниот тунел се собираат луѓе, положуваат цвеќе, палат свеќи и се сеќаваат на мртвите. Една граѓанска иницијатива повика на мирен протест и постави сопствена книга на жалоста, оти многумина не сакаат да се запишат во онаа поставена од градот.

Поддршка за најблиските

Pressekonferenz Loveparade Massenpanik Duisburg
Градоначалникот на Дуизбург Адолф Зауерланд (д.) и заменик-шефот на полицијата (л.) Детлеф фон ШмелингФотографија: picture-alliance/dpa

Портпаролот на граѓанската иницијатива вели дека ова е тежок период за најблиските на жртвите: „Сметам дека на најблиските сега им е потребна поголема поддршка од книга на жалоста. Во саботата и ние се обидувавме да го добиеме нашиот син, не можеме да сфатиме. Со часови бевме во страв, оти не знаевме што му се случило. Знаеме низ што поминуваат луѓето.“

„Парадата на љубовта“ на Дуизбург требаше да му донесе популарност, неговото име да биде познато во меѓународни рамки. Граѓаните на Дуизбург се вознемирени, некои дури и лути, што поради несреќата нивниот град доби тажна популарност: „Едноставно не можам да кажам ништо за тоа. Сите сме многу шокирани. Само велиме: Не е можно ова да се случува.“ „Сметам дека Дуизбург е издаден и продаден и нарушен е неговиот углед. Тоа во никој случај не смееше да се случи и се надевам дека господинот Зауерланд за пет минути ќе ја најави својата оставка во изјавата за медиумите“, изреволтирано изјавува еден жител на овој град.

Многумина граѓани сметаат дека градоначалникот Адолф Зауерланд треба да даде оставка. Но, тој досега не го стори тоа. Напротив тој објасни дека тоа би бил погрешен потег: „Сега ни е важно да се разјасни случајот, а притоа може да бидам само од помош, ако можам навистина да работам на тоа. Оставката сега би значела, дека не сакам да преземам одговорност. Сакам да бидат одговорени сите прашања, и сакам да се знае кој мора да ја преземе одговорноста. На крај можеби тоа ќе биде управата. Но, тоа е процес кој сега го започнуваме, а на крајот од процесот се наоѓа пресудата.“

Според организаторот виновна е полицијата


Pressekonferenz Loveparade Massenpanik Duisburg
Организаторот на Парадата на љубовта, Рајнер Шалер (д.)Фотографија: AP

Некои во Дуизбург се плашат од оваа пресуда, и од можноста да биде осуден некој кој не е виновен: „Тоа веројатно повторно ќе бидат жртвени јагниња, а виновниците нема да ја преземат одговорноста.“

Веќе постојат тенденции да се префрла на друг одговорноста. Организаторот Рајнер Шалер во едно интервју изјави дека несреќата безусловно ќе биде расветлена, но во истовреме рече дека според него полицијата направила грешка. Откако подолго време 10 од 16 влезови биле затворени, по налог на полицијата сите влезови пред тунелот биле отворени. Со тоа многу посетители неконтролирано се движеле кон тунелот.

Меѓу другото, покраинската влада на Северна Рајна Вестфалија одлучи парламентарната внатрешна комисија на првата средба по летната пауза да расправа за несреќата во Дуизбург.

Автор: Доро Бломе-Милер/ Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Александра Трајковска