1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Може ли Џон Кели да го контролира Трамп?

Михаел Книге
1 август 2017

Директорот за комуникации во Белата куќа, Ентони Скарамучи, на функцијата беше само 10 дена. Драматичните смени на персоналот продолжуваат. Новиот шеф на кабинетот, Џон Кели, се обидува да ја преземе контролата.

https://p.dw.com/p/2hUTt
USA Trump feuert Anthony Scaramucci
Фотографија: picture alliance/dpa/AP/A. Harnik

Трамповиот директор за комуникации имаше најкраток мандат во историјата. Според наводи на Белата куќа, Ентони Скарамучи (на насловната фотографија) мораше да го ослободи патот за новиот шеф на кабинетот, Џон Кели, да може да го состави својот тим. Кели на функцијата официјално стапи вчера. Неговиот претходник Реинс Приебус мораше да си замине во петокот по шестмесечно извршување на должноста шеф на кабинет на Белата куќа. Заминувањето на Приебус и инсталирањето на Скарамучи до сега беа врв на интригите и борбата за моќ во Белата куќа.

„Вакво нешто, висок соработник на Белата куќа да биде на функција само 10 дена, немало никогаш досега“, вели Џефри Андерсон, директор на Центарот за германски и европски студии на Универзитетот Џорџтаун. „Претседателот, се разбира, требаше да го отпушти лично по објавувањето на неговото интервју за Њујорк Тајмс, но ова не е нормална американска влада.“

Во интервјуто за Њујорк Тајмс Скарамучи на вулгарен начин навреди членови на Белата куќа: покрај Приебус и советникот на Трамп, Стив Бенон.

Смената на Скарамучи може да се толкува како знак дека новиот шеф на кабинетот Кели прави обиди да воведе ред во администрацијата на Трамп, која важи за генерално хаотична. „Во таа смисла, отказот за Скарамучи има многу смисла“, оценува Марк Розел, политиколог од Универзитетот Џорџ Мејсон. Наместо да му помогне на Претседателот во соопштувањето на политичките содржини и комуникацијата, Скарамучи само го засили фокусот вр постојаните борби за моќ во Белата куќа, додава Розел.

John F. Kelly
Може ли Џон Кели да воведе ред во хаосот?Фотографија: Picture-Alliance/AP Photo/S. Walsh

Несоодветен за работата

Скарамучи и онака уште од почеток важеше за сосема несоодветен за функцијата, смета Стивен Фарнсворт, директор на Центарот за лидерство и медиуми на Универзитетот Мери Вашингтон. „Тој дури не располага ниту со основни познавања за тоа како неговиот претпоставен да изгледа добро.“

Неговото изненадувачко заминување, исто како што беше и именувањето, од страна на експертите се толкува како вистински чекор. „Дури и за 'трамповски односи' Скарамучи беше премногу конфронтативен и вулгарен“, оценува Розел. Отказот за Скарамучи е сфатлив, но тој, по турбулетнтното заминување на портпаролот на Трамп, Шон Спејсер и шефот на кабинет Приебус, уште еднаш го врти фокусот врз основните проблеми на оваа влада. „Отказите и оставките од минатата недела прават администрацијата на Трамп да изгледа како куп аматери кои не знаат што прават“, вели Фарнсворт.

Тука не менуваат ништо ниту отказот за Скарамучи ниту стапувањето на должност на Кели, нагласува Андерсон од Универзитетот Џорџтаун. „Секој знае дека корените на сето зло во Белата куќа е самиот Претседател. Иако сега работите изгледаат како поволни за добар старт, останува да се види дали Кели ќе има ист успех во доведувањето на линија на Трамп, како што има со своите соработници.“