1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Двоен предизвик за НАТО

7 јуни 2018

Трамп од Европејците бара поинтензивна борба против тероризмот. Може ли НАТО да одговори на тоа? За овие и други прашања во Брисел денеска и утре ќе се обидат да постигнат договор министрите за одбрана на Алијансата.

https://p.dw.com/p/2z4fN
Afghanistan Bundeswehr Feldlager in Kundus
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

Константниот рефрен на Доналд Трамп до европските сојузници да „трошат повеќе“ вообичаено е придружен од барањето да се „работи повеќе“ во борбата против тероризмот. Американскиот претседател очекува на самитот на НАТО во јули да биде понудена цела низа мерки.

Иако терористичкиот напад во САД на 11 септември 2001 година беше единствен случај кога НАТО го примени членот 5 - светиот принцип на колективна одбрана - дури анексијата на Крим во 2014-та, дрското однесување на Русија и јакнењето на тензиите на истокот на Украина го натераа Северноатлантскиот сојуз на драматични реформи и реорганизација.

Повеќе: НАТО и Вашингтон загрижени поради руските подморници

НАТО тврди дека прави многу

Без оглед на сѐ, во алијансата сметаат дека последните години сториле многу. На почетокот неспособен за договори со сојузниците, НАТО сепак стана член на глобалната коалиција во борбата против „Исламска држава“, која е предводена од САД. Северноатлантскиот сојуз изведува летови со Авакси, авиони за електронско набљудување на теренот. Исто така, во централата во Брисел е оформена „разузнавачка ќелија за борба против тероризмот“, а во командата на здружените сили на НАТО во Неапол е формиран регионалниот „Центар југ“ со цел да се обезбеди присуство и изведување маневри на тоа подрачје. Програмите за обука во Тунис, Јордан и други земји имаат за цел подобрување на стабилноста и намалување на приливот на терористи. Покрај тоа, тука е и 17-годишната војна во Авганистан, водена со цел - искоренување на терористичкото присуство, како и програма за обука за ирачките одбранбени и безбедносни сили, која на самитот во јули ќе биде и формално продолжена. Во НАТО веруваат дека списокот на она што е постигнато е долг и вреден за пофалба.

Калифатот го нема, предизвикот остана

Поранешниот командант на американските сили за Европа, Бен Хоџес за ДВ вели дека се согласува оти целта би требало да биде борба против тероризмот. „Исто така сметам дека алијансата мора да насочи поголемо внимание кон зоната на Црното Море, салично на она што го направи во регионот на Балтикот“, објаснува пензионираниот американски генерал Хоџес, сега шеф на одделението за стратешки студии во вашингтонскиот Центар за европска политичка анализа. „Не можеме да бираме меѓу заканите, не можеме да кажеме - или Русија или ИД.“

Polen Warschau Militärparade US General Ben Hodges (picture-alliance/(AP Photo/A. Keplicz)
Генерал Хоџес: Не можеме да бираме меѓу заканитеФотографија: picture-alliance/(AP Photo/A. Keplicz

Јан Лесер, извршен директор на Германскиот Маршалов трансатлантски центар со седиште во Брисел, укажува дека тој двократен предизвик се огледува и во истражувањата на јавното мсилење. Притоа, Русија не е на врвот на листата кога се работи за егзистенцијални ризици. Во многу случаи, многу поистакнати се ризиците „од југ“, вклучувајќи ја и ИД, но и масовната миграција.

Јан Бонд од лондонскиот тинк-тенк Центар за европски реформи меѓутоа не е убеден дека НАТО би требало да има клучна улога во борбата против тероризмот и воедно мисли дека Трамп ни самиот не знае што сака. „Имавме многу важна воена фаза во одбраната од ИД, во која во Ирак и Сирија се користени воени трупи на терен. Но, сега ја надминавме таа фаза. Задача на НАТО не е да фаќа поединци кои се радикализирале по пат на интернет и кои сакаат да изведат самоубиствен напад.“ Сепак, според Бонд, помош во стабилизацијата на приликите на подрачјето на северна Африка би била корисна вежба за НАТО.

Повеќе: НАТО планира нови трупи за брза интервенција

Лесер, кој редовно претседава со состаноците на Медитеранската стратешка група, на кои се разгледува ситуацијата во тој регион, нагласува дека северна Африка е голем предизвик за НАТО. За разлика од заканата за земјите во источна Европа, во тој регион не пости еден очигледен противник. Изворите на нестабилност се повеќекратни, а географското пространство, кое вклучува и копно и море, е огромно. Затоа е важно да биде ефикасна соработката со другите партнерски земји, но и со партнерските институции како што е ЕУ.