1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Младиќ по стапките на Милошевиќ и Караџиќ

4 јули 2011

Второто појавување на Ратко Младиќ пред Хашкиот Трибунал не траеше долго. Тој постојано му упаѓаше во збор на судијата Алфонсо Ори, кој на крајот му наложи на обезбедувањето обвинетиот да го изведе надвор од судницата.

https://p.dw.com/p/11oiM
Поранешниот генерал Ратко Младиќ денеска во судницата во ХагФотографија: AP

Судијата Алфонсо Ори претходно го отфрли барањето на поранешниот командант на армијата на Република Српска да му се одобри пред Хашкиот Трибунал да го брани неговиот адвокат Милош Шаљиќ. Судот наведе дека проверката на тој адвокат е во тек и одлуката за тоа ќе биде донесена дополнително.

Ратко Младиќ на самиот почеток водеше расправа со судијата, бидејќи не сакаше да ја тргне капата од глава, тврдејќи дека му студи. Потоа беше опоменуван да не комуницира со некоја личност што се наоѓаше во галеријата.

Младиќ одби да го сослуша текстот од обвиненито кое му беше читано, отфрлајќи ги слушалките од уште и при тоа извикувајќи: „Не, ја тоа не сакам да го слушам“. Судијата потоа му нареди на обезбедувањето да го острани Младиќ од судницата, што беше спроведено со гласно негодување на обвинетиот.

Ratko Mladic in Den Haag
Сцена од првото појавување пред судот во Хаг на 3 јуниФотографија: AP

Судијата Алфонс Ори потоа во записникот внесе дека со оглед дека обвинетиот не сакал да се изјасни за обвинението, правилникот на судот налага во записникот да се внесе дека тој изјавил дека не е виновен.

Тешки обвинувања

За време на првото појавување пред судиите во Трибуналот на 3 јуни, Младиќ го искористи правото за еден месец да го одложи изјаснувањето за вината. Тој ја искористи и можноста која му ја даваат прописите на Трибуналот да отфрли јавно читење на обвинението, кое против него е покренато во јули 1995 година.

Сепак при првото појавување пред судот тој мораше да го сослуша сижето од обвинението, кое го товари за геноцид во осум општини во Босна и Херцеговина на почетокот на војната и во Сребреница на крајот на војната кога беа убиени 7000 Бошњаци, потоа за тригодишниот терор над опколеното Сараево, како и земањето на припадниците на силите на ОН како заложници.

Ratko Mladic Festnahme
Плакат со распишана награда за апсење на Караџиќ и МладиќФотографија: AP

„Би сакал да го добијам тоа што го прочитавте, тие гнасни обвинувања за мене за да можам тие монструозни зборови, кои никогаш не сум ги чул во целост, да ги сфатам“, рече Младиќ тогаш.

Обвинителството мисли поинаку

16 години по сребреничкиот масакр, командантот на силите кои го направија тоа, тврдеше дека само го бранел својот народ. Хашкото обвинителство меѓутоа не мисли дека генералот Младиќ само го бранел својот народ , туку во 11 точки го обвинува за бројни злосторства. Всушност Младиќ, како клучна личност, заедно со тогашниот претседател на Република Српска во т.н. здружен злосторнички потфат е обвинет за најтешките злосторства според статутот на Меѓународниот суд. Двајцата, според речиси еднаквите обвиненија, се товарат за тоа дека крајна цел им било отстранување на Бошњаците, Хрватите и другото несрпско население од големи делови на Босна и Херцеговина.

Автор: Џевад Сабљаковиќ/ Симе Недевски

Редактор: Горан Чутаноски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи