1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како „дише“ европската младина?

5 април 2017

Политички апатична, но не и незаинтересирана: европската младина нема доверба во политиката, но не сака да се откаже од „проектот Европа“, констатира најнова студија.

https://p.dw.com/p/2aiqG
Deutschland Pulse of Europe - Demonstration in München
Фотографија: picture-alliance/Zuma Press/S. Babbar

Тешко е да се класифицираат денешните млади луѓе: тие не се плашат од Путин, но немаат почит кон холокаустот. Некои од нив Меркел ја сметаат за „кул“, а за некои таа е непријател број еден. Тие не одат радо да гласаат, но демонстрираат за Европа на улиците.

Тоа е генерација која се чини е тешко да се разбере, а нејзините интереси, грижи и надежи, сега се опфатени во опсежна студија. Тоа е, како што истакнуваат авторите на истражувањето „Generation What",  најголемата европска студија за младите. Неа ја изработи Институтот Синус по налог на Европската радиодифузна унија, ЕБУ. Во анкетирањето преку интернет се опфатени околу еден милион млади луѓе меѓу 18 и 34 години од вкупно 35 земји во Европа, врз принцип на доброволност.

Да се разговара со младите, а не за младите

„Од тоа се чита и постоењето потреба кај младата генерација да каже која е, каква е, а не да остави истражувачите, врз основа на примерок, да објаснуваат каква е “, истакнува Тобијас Бенте од баварскиот покраински радио-телевизиски сервис, Бајерише рундфунк, кој заедно со ЦДФ и СВР го поддржаа испитувањето во Германија. 

Резултатот е слика на европската младина, загрижена поради социјалната неправда, но без доверба во способноста на политиката да ги реши овие проблеми. Околу 82 проценти од испитаниците немаат доверба во политиката, 45 % дури „воопшто никаква доверба“.

Политичката апатија не е знак за рамнодушност

Шокирачки резултат, при кој светла точка се податоците од Германија, каде само 23 % од младите имаат целосна недоверба во политичките институции, што е најниската вредност во европски рамки. Тоа не чуди ни најмалку, со оглед што во Германија невработеноста кај младите ни оддалеку не е толку драстичен проблем како во Грција, Франција и Италија, каде најмалку две третини од младите се фрустрирани од политичкото раководство.

Меѓутоа, заситеноста од политичката не е знак на рамнодушност кај европската младина. Напротив: девет од десет анкетирани регистрираат растечка општествена нееднаквост во своите земји, а во Германија загриженоста од евентуални социјални немири во иднина спаѓа дури во најраспространетите стравови .

Но, сфаќањето дека европската младина е нова генерација на гневни и незадоволни граѓани, со желба за раскрстување со политичкиот естаблишмент, е погрешно, констатираат истражувачите. Младите луѓе во Европа се подготвени на ангажман и вршење промени. Најрадо онаму, каде според нив, е најакутно, на пример во политичките институции. Подготвеноста за активно вклучување во политички организации во Германија е најголема, 44 %, додека во Грција е најмала, само 13 %.

Infografik Umfrage Jugendliche Europa EU DEU
Убедливо мнозинство млади луѓе не сакаат нивната земја да ја напушти ЕУ

„Проектот Европа“ - средство до целта

Европската младина е подготвена да протестира за својата иднина, што покажаа и најновите манифестации на солидарност. За оној кој израснал во ЕУ, заедницата на држави меѓутоа повеќе значи средство за остварување на целта, отколку историска мировна заедница со добиена Нобелова награда. „Радо се прифаќаат економските придобивки, но за младите во Европа тоа не е нешто што се носи во срцето“, анализира Бенте.

Младите имаат мала доверба во европскиот проект и повеќе се идентификуваат со сопственото потекло отколку со наднационалната заедница. Но, сеедно, ни секој шести анкетиран не го поддржува Фрегзит, Дегзит или нечиј друг излез од Унијата. Младите не ги интересира ниту растечкиот популизам: „Присутен е изразито скептичен поглед кон национализмот“, вели Бенте.

Социолозите од Институтот Синус вака ги анализираат резултатите: „Без оглед на нејзините грешки, мнозинството млади Европејци ЕУ ја смета за корисна за сопствената земја. Но, надежта за наоѓање решенија за горливите проблеми на денешнината не се поврзува со ЕУ“. Првенствено младите Грци, конфронтирани со економски проблеми, најмногу можат да си замислат нивната земја да ја напушти ЕУ.

Кој пораснал во време на кризи, размислува прагматично

Оној кој израснал со отворени граници, научил дека треба да биде отворен кон другите, е можниот заклучок од оваа студија. На прашањето дали во време на голема невработеност работните места треба да се „резервираат“ за сопствените сонародници, две третини од младите сепак поддржуваат интеграција на другите на пазарот на труд.

Во целина, европската младина е оптимистична. Повеќе од половината од испитаниците има позитивен поглед кон иднината. Раководителите на студијата тоа го објаснуваат со „младешки оптимизам за решавање на проблемите“. „Младата Европа е израсната со бројни кризни искуства: 11 септември 2001. година, пукањето на берзанскиот интернет-меур, крахот на финансиските пазари, климатските проблеми и конечно -бегалската криза“, пишуваат авторите на студијата. Ако европската младина нешто знае и може, тогаш тоа секако е тоа како да се однесува со неизвесности и кризи.