1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски бара техничка влада и избори во мај или јуни

ДТЗ
17 декември 2021

Христијан Мицкоски апелира во февруари или во март следната година да се формира преодна влада, а изборите да се одржат во мај или во јуни.

https://p.dw.com/p/44Tns
Nord-Mazedonien Skopje | Kommunalwahl Hristijan Mickoski
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, бара во февруари или март да се формира техничка влада, a во мај или јуни да се одржат предвремени парламентарни избори. Тој на денешната прес-конференција рече дека ова е отворен апел до власта за брзи избори, како единствено решение за излез од политичката и економска криза.

„Воедно барам и општествена поддршка на поединци и општествени групи да го поддржат овој наш предлог за избори, да не губиме ниту месец повеќе, затоа што така ќе направиме и општествена мобилизација“, додаде Мицкоски. 

Тој предлага во парламентот, со поддршка од ДУИ, да се соберат најмалку 61 пратенички потпис и да се застане зад предлогот лидерот на Алтернатива, Африм Гаши да биде новиот мандатар за состав на Владата, наместо тоа да биде новиот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски. Тој очекува и ДУИ да го поддржи Гаши за премиер. Претходно, Мицкоски  ја повика Алтернатива да се откаже од коалицирање со СДСМ и со ДУИ, затоа што земјата повторно не доби датум за прва меѓувладина конференција за почеток на преговорите со ЕУ.

Алтернатива: Имаме други планови

Откако Мицкоски побара поддршка за мандатар да биде лидерот на Алтернатива Африм Гаши, од Алтернатива велат дека партијата моментално е во еден друг процес кој е во тек и сѐ уште не е завршен. „Во овој период немаме причина и не можеме да зборуваме за ништо друго“, се вели во одговорот на Алтернатива. 

Nord-Mazedonien Afrim Gashi, Partei "Alternative" & Premierminister Zoran Zaev
Африм Гаши и Зоран ЗаевФотографија: Petr Stojanovski/DW

На ваквиот предлог реагираа и од ДУИ. „Кога ВМРО-ДПМНЕ ќе го добие мандатот, ако победат на следните избори, зошто да не, нека предложат Албанец за мандатар на новата влада и ние ќе го поддржиме“, порача првиот вицепремиер Артан Груби.