1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски: За вакво ли развеселување мислеше министерката?

15 август 2022

Ова е огромен скандал, вели Мицкоски за исвиркувањето на македонскиот јазик. Според Маричиќ, провокации имало и ќе има, но за разлика од пред 5 години, тие денес не биле иницирани ни поддржани од чинители од власта.

https://p.dw.com/p/4FWtQ
Nord-Mazedonien | 21 Jahre Rahmenabkommen von Ohrid
Фотографија: Ministerium für Politisches System, Nordmazedonien

„Мировниот фестивал“ со кој на 13-ти август требаше да биде прославена 21-та годишнина од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, беше најавен како нешто што ќе прерасне во еден од најголемите регионални, мултикултурни и обединувачки фестивали. Таквата најава од првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, падна на испит истата вечер на плоштадот „Скендербег“. Фестивалот можеби ќе стане традиционален, но „обединувачкиот карактер“ се изгуби под налетот на гласни свирежи и негодувања на присутните, кога водителката почна да чита најава и на македонски јазик, откако претходно ја прочита на албански јазик.

Чинот на исвиркување на македонскиот јазик од граѓани на РСМ, се случува во еден сензитивен момент кога земјата го почна преговарачкиот процес за ЕУ-интеграција, но со унилатерална изјава на Бугарија за непризнавање на македонскиот јазик.

Маричиќ: Ќе ги надминеме сите предизвици

Како ќе одиме кон ЕУ-интеграција, со постапки кои може да водат кон внатрешна дезинтеграција - го прашавме вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.

„Охридскиот рамковен договор веќе цели две децении е основа на меѓуетничката стабилност и меѓусебното почитување. Денес живееме во мултиетничката и мултикултурна модерна демократија, единство и солидарност, во која заеднички ги поставивме и основите за справување со политичките предизвици со кои се соочувавме и по патот на нашата надворешна интеграција, како единствен модел за надминување на разлики, прифаќање и градење заедничка иднина. Благодарение на тоа прераснавме во општество и држава во кои албански политичари и граѓани го бранат и чуваат македонскиот јазик и идентитет како свои, но и обратно, македонски политичари поддржуваат права на своите сограѓани Албанци, меѓу кои е и правото да говорат и да се образоваат на својот мајчин јазик“, вели Маричиќ.

Но, таква одбрана, односно извинување и осуда на исвиркувањето на македонскиот јазик, до вчера не стигна ниту од организаторот - Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, ниту од Владата.

Ministerium für politisches System  Nord-Mazedonien
Од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците сѐ уште нема извинување и осуда на исвиркувањето на македонскиот јазикФотографија: Petr Stojanovski/DW

Маричиќ, пак, потенцира дека Северна Македонија, со македонскиот јазик како единствен службен јазик за меѓународна употреба, со македонскиот народ и со сите етнички заедници кои живеат во неа, денес е земја членка на НАТО, земја која започна преговори со ЕУ и земја во која етничките односи се порелаксирани од кога било.

„Провокации и обиди за дестабилизација имало и секогаш ќе има, но за разлика од пред пет години, денес тие ниту се иницирани, ниту се провоцирани, ниту се поддржани од кој било чинител од власта. Ние сигурно чекориме кон ЕУ, разумно, одлучно, со почит кон нам различните и во договор со нашите сограѓани, пријатели, другарки и другари, припадници на сите етникуми во нашата земја, дека нашиот пат напред е еден и заеднички. Со заемна поддршка ќе ги надминеме сите предизвици на овој пат, амбициозно и без застанување кон остварување на полноправното членство во Унијата“, вели вицепремиерот за европски прашања.

Два паралелни света

Отсуството на осуда на ваквиот чин веќе предизвика големо незадоволство.

„Ова е огромен скандал“, вели за ДВ лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Се работи за настан платен со владини, односно државни пари. На тој настан се исвиркува македонскиот јазик, истиот тој кој Владата евтино го распродава и во преговорите со Бугарија. За вакво ли развеселување мислеше министерката за култура, кога го правдаше трошењето народни пари за вакви партиски прослави. Срамот е голем што од Владата отсуствува секаква реакција. Со национализам политика не се тера. Ова само ја покажува поделеноста на општеството и постоењето на два паралелни света. Таквите бариери се градени од политичките елити на власта за полесно да може да ги остваруваат личните интереси поврзани со бизнис мотиви, додека граѓаните Македонци и Албанци тонат во вештачката омраза која е подгревана од политичарите на кои тоа им одговара“, вели Мицкоски.

Nord-Mazedonien Skopje | Protest gegen EU-Politik & Bulgarien
​Мицкоски: Ова е огромен скандалФотографија: Petr Stojanovski/DW

Според него, нема простор за славање кога народот страда и живее во сиромаштија.

„Тоа покажува колку е вештачка самата прослава која е со партиски предзнак и исклучиво во функција на изборите во Тетово. Имаме рамковен договор, но Арачиново нема канализација. Имаме партиска прослава на рамковниот, но Тетово нема вода за пиење. И имаме влада и премиер кој молчат на сето ова. Македонците исто како и Албанците се иселуваат масовно. Тоа се работите кои треба да се менуваат“, посочува Мицкоски.

Лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, вели дека Владата морала да реагира и најостро да го осуди тој чин насочен кон предизвикување на меѓуетничка нетолеранција, раздор и нетрпеливост.

„Барам извинување од Али Ахмети и одговорност од организаторите на оваа манифестација. Да се слави со пари од граѓаните во ова тешко време и притоа да се гази врз достоинството на Македонците, е опасна привокација која мора да ја осудат и амбасадите на земјите членки на ЕУ, како и самата ЕУ. Не треба да има двојни аршини кога се случуват вакви провокации, туку е неопходна остра реакција, осуда и политичка одговорност“, вели лидерот на ДС.

Низ етнички прозорец

Ова ли е достигнувањето од Охридскиот договор? Ова ли е соживот? За ова ли се трошат буџетски пари - за да се исвиркува македонскиот јазик? - се главните прашања и реакции во јавноста.

„Наместо соживот и почит на сите кои живееме во Македонија и кои бараме афирмација на македонскиот јазик надвор од неа, се создава чувство на очај и револт кон власта, бидејќи не можеш да бараш од други да те почитуваат, ако тоа го немаш ни дома, кај сите домицилни граѓани“, вели вели поранешната пратеничка, Ѓулистана Марковска.

Gulistana Markovska
Марковска: Не можеш да бараш од други да те почитуваат, ако тоа го немаш ни домаФотографија: DW/K.Blazevska

„А што може да очекуваме, кога во екот на нашиот спор со соседите, кога во сите политички писанија бараме да се употребува придавката македонско, македонски, наш министер при посета на соседна Албанија е ‘навреден’ од неговото претставување како македонски министер и вели ‘јас сум министер на Cеверна Македонија, не сум Македонец, јас сум Албанец’. Сето ова и уште многу други нешта не водат кон соживот и заемна почит. Додека кај едните има триумфализам, кај другите сe создава чувство на апатија, гнев и да, веројатно кај некои и омраза. Тоа не е добро за Македонија. Ако не го сочуваме нејзиниот интегритет и целовитост, тогаш ќе немаме ни министри, ни Влада, кои ќе нѐ убедуваат дека сме едно општество за сите и дека напредуваме како држава. Почитта и соживотот ниту се градат со фествали ниту има пари со кои се купуваат. Тие се заслужуваат“, вели Марковска.

Според неа, Рамковниот договор донесе мир, но и по 21 година од неговото потпишување не го донесе потребниот соживот, бидејќи почнавме да се гледаме преку „етнички прозорец“, а етничкото потекло стана „професија“ која отвора многу врати не само во администрацијата, туку и во сите политички институциии.

„Се отвори и друга можност, преку злоупотреба на Рамковниот договор да настане ‘тивка асимилација’ на помалите етнички заедници кои во борбата против немаштијата, а знаејќи дека само со партиска книшка можат да добијат вработување - ќе станат ‘Албанци’ по националност. Се разбира дека ова е подолг процес, ама за жал, натаму се движиме“, укажува Марковска.