1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меѓународна акција, локални обвинувања

21 февруари 2020

Секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Бојан Маричиќ, обвини дека министерот Чулев ја загрозил меѓународната акција со кокаинот, заради партиска и лична промоција.

https://p.dw.com/p/3Y6sF
Symbolbild Kokain Drogenfund Polizei
Регионални медиуми пишуваат дека кокаинот требало да стигне на европскиот пазар, без детали кадеФотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius

Каде се сѐ направени пропусти? Колку пратки со увезено овошје, зеленчук или други стоки биле злоупотребени за транспорт на дрога, во помали или поголеми количества? Ова се прашањата со кои се занимаваат и регионалните полиции, откако вчера остана нејасно за каде точно била наменета и каде требало да заврши или завршила големата пратка, наводно од 1,2 тона кокаин, од кои во нашата земја беше откриен само еден килограм во пратка со банани. Регионални медиуми пишуваат дека кокаинот требало да стигне на европскиот пазар, без детали каде. Македонскиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, вчера рече дека крајната дестинација на пратката била нашата земја.

„Не можам да ви кажам за кое количество се работи, целокупното количество било наменето и со крајна дестинација во нашата држава. Во нашата држава е фатен само еден килограм, целокупната друга количина е во друга држава. Не можам да ви кажам ниту за количеството. Со цел заштита на истрагата, во координација сме со ОЈО за гонење организиран криминал за тоа кои податоци во оваа фаза може јавно да ги изнесеме“, рече Чулев.

Повеќе: Еден килограм кокаин, цел тон пропаганда

Прекинат увоз

Објавените фотографии од запленетите пакети банани, кои спакувани во кутии со трговската марка „Дерби" од Јужна Америка стигнале со брод во Црна Гора, а дел од нив беа транспортирани низ Албанија до Северна Македонија, го привлекоа вниманието на словенечките медиуми. Компанијата на словенечкиот државјани Изет Растодер („Растодер“), увозник на таа марка производи, потенцирал дека нивниот систем бил мета накриминална организација. Весникот „Дело“ објави дека уапсените во Скопје не се поврзани со оваа компанија.

„Приведените не се поврзани со ‘Растодер', ниту пак полициската истрага е насочена кон ‘Растодер'“, потенцирале изворите за весникот, додавајќи дека меѓународните криминални организации јасно ги злоупотребуваат јужноамериканските канали за набавка за стоки за нивните кривични дела.

„За жал, македонскиот случај покажува дека меѓународните криминални организации се исклучително софистицирани и вешти. Затоа, веднаш по откривањето на спорната пратка во Македонија, ‘Растодер' го извести добавувачот на банани дека ќе престане да соработува со него од превентивни причини и дека ќе продолжи да го стори тоа за да ги заштити своите деловни интереси и углед“, објавиле од оваа компанија.

Надлежните се убедени дека станува збор за злоупотреба која од неодамна станала се почеста и со која се соочуваат многу меѓународни корпорации, увозници и логистички системи.

Nord-Mazedonien Nake Culev, Innenminister
Чулев: Целокупното количество било наменето и со крајна дестинација во нашата државаФотографија: DW/P. Stojanovski

„Дури и проблематичната македонска пратка ги помина сите безбедносни контроли во пристаништето Бар, во Црна Гора“, потенцирале тие.

Еден во притвор

Во Скопје вчера заврши распитот на четирите лица што беа приведени во акцијата во скопското село Крушопек, по добиените сознанија за трговија со еден килограм кокаин кој би скриен во голема пратка со банани. Од Обвинителството информираат дека е донесена наредба за спроведување на истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори предвидено и казниво по  член 215 од Кривичниот законик. Другите двајца кои беа приведени се ослободени. За сопственикот на фирмата увозник на овошјето доставен е предлог за определување на мерка притвор, додека за второосомниченото лице се предложени мерки за обезбедување присуство. По наредба на јавниот обвинител, товарното возило во кое е откриена дрогата и целата пратка со овошје се запленети и предадени во Агенцијата за одземен имот.

Завчерашната акција во Крушопек, и начинот на кој беше обелоденета на социјалните мрежи, стана предмет и на политички обвинувања. Секретарот за меѓународна соработка на СДСМ Бојан Маричиќ, изјави дека министерот Наќе Чулев ја загрозил меѓународната акција со кокаинот, заради партиска и лична промоција.

„Тажна слика е како кадрите на ВМРО-ДПМНЕ ги водат секторите во кои се поставени. За жал, во трка по ексклузивни информации и покривање на лажните тези, дека министерот се бори против криминал и корупција, големата акција се доведе во ризик. Со таквиот однос во опасност е една акција, со меѓународен канал, започната во време кога Оливер Спасовски беше министер. И за еден килограм може да се растури цела интернационална операција. За ситни поени се доведуваат под прашање големи операции", изјави Маричиќ во гостување на ТВ „Алсат-М“.