Меѓу ретро и реализам
На најголемиот светски саем за мобилна комуникација во Барселона, производителите се борат за внимание. Сите сакаат парче од постојано растечкиот пазар. На сцената на мобилни телефони се враќаат и некои стари величини.
Сѐ на почеток?
Финската фирма ХМД Глобал сурфа на ретро-бранот и на пазарот повторно ја извади Нокиа 3310. Батеријата, при постојано телефонирање, трае 22 часа, а доколку апаратот е на стендбај - дури цел еден месец! На телефонот е инсталирана и култната игра „Snake“.
„Напад“ на огромниот пазар
Под името Нокиа, ХМД на пазарот сака да извади и три смартфони од средна класа. На тој начин некогашниот лидер на светскиот пазар сака повторно да се врати во игра. Пазарот сега е далеку поголем отколку во златните времиња на Нокиа. Само минатата година се продале 1,5 милијарди смартфони. На врвот според профитот е концернот Епл, а веднаш зад него е Самсунг.
За љубителите на копчиња
И Блекбери полага надеж во веќе докажани работи: смартфонот KEYone има вистинска тастатура. Тоа е прв апарат откако Белкбери комплетно го пренесе развојот и производството во рацете на кинеската фирма ТЦЛ (позната по Алкател).
Понизност наместо спектакл
Самсунг вообичаено на саемот во Барселона го претставува најновиот модел од своите Галакси-смартфони. Но, годинава не е така. По дебаклот со Ноут 7, Самсунг ги презентира само своите нови таблети - како Галакси Таб С3.
Повеќе од обичен таблет
Галакси Бук е таблет, кој со помош на екстерна тастатура функционира како лаптоп. А Галакси С8? Тој веројатно на пазарот ќе се појави во април. Оваа временска дупка сакаат да ја искористат други производители.
Конкуренцијата не спие
Хуавеи има големи амбиции. Кинезите сакаат да го соборат Самсунг од втората позиција во светот. Тие одат во напад со два модела истовремено: П10 и П10 Плус, кои се полнат побрзо и чии батерии траат речиси два дена.
Телефонирање со часовник
Интелигентните часовници на Хуавеи - Воч Класик и Воч 2 -имаат капацитет за меморирање од 4 гигабајти. Со нив може и да се плаќа, преку Гугл Андроид Пеј. Поскапиот модел, Воч 2, треба да овозможи телефонирање независно од смартфон и тоа преку нано-сим картичка.
Големо, поголемо...
Концернот ЛГ тргнува по нови патеки со својот невообичаен формат 18:9. Телефонот Г6 може да се држи со една рака, а сепак има голем екран. ЛГ се надева дека новиот телефон ќе донесе успех, со оглед на загубите на концернот од минатата година.