1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Месиќ ги бранува духовите

21 јануари 2010

Не стивнува бурата реакции на изјавата на хрватскиот претседател во заминување Стипе Месиќ дека би испратил војска во случај на распишување на референдум за отцепување на Република Српска од БиХ.

https://p.dw.com/p/Lbu0
Стипе МесиќФотографија: AP

Најостри реакции на изјавата на се’ уште актуелниот хрватски претседател дека ќе испрати војска за да го прекине коридорот во босанска Посавина и со тоа да ја онеспособи Република Српска (РС) да функционира доколку властите се одлучат за отцепување од БиХ, се разбира стигнуваат од Бања Лука.

„Ова е првпат од потпишувањето на Дејтонскиот договор, некој јавно да се заканува со употреба на сила“, вели премиерот на РС, Милорад Додик додавајќи: „На дневен ред во Република Српска не е референдум за самостојноста, туку референдум за одбрана на Дејтонскиот договор и во тој поглед е многу јасно дека Месиќ и овојпат ја промашил целта.“

Несериозно е да се повикува на употреба на војска

Остри реакции пристигнуваат и од речиси сите политички претставници во БиХ. Така делегатот на Хрватската демократска заедница во БиХ во Домот на народи, Иво Миро Јовиќ нагласува дека е штетно Месиќ да повикува на војна, која никој не ја сака: „Непримерно е по заминувањето од позицијата претседател на Хрватска да се говори за нешто што е зад нас. Сметам дека варијантата за референдум не е сериозна но тотално несериозно е да се повикува на употреба на војска“

Bosnien und Herzegowina - Milorad-Dodik
Милорад Додик: „Месиќ повторно ја промаши целта“Фотографија: DW/Filip Slavkovic

Месиќ потврди дека изјавата ја дал во неформален разговор со новинари и додаде дека во овој момент не постои некој кој ќе се обиде да ја разбие целовитоста на БиХ: „Дејтонскиот договор го гарантира опстанокот на Босна и Херцеговина и во секој случај распадот на таа земја Хрватска не може да го прифати“. Месиќ додаде дека премиерот на РС, Додик ја мами меѓународната заедница и игра на картата на замор, мислејќи дека светот ќе се замори од БиХ по што ќе биде распишан референдум за отцепување со што би била остварена Голема Србија.

Јеремиќ: Месиќ е личност без политичка и морална тежина

Инаку коридорот за кој говори Месиќ е 15 километри широкиот територијален појас, кој кај градот Брчко го поврзува источниот и западниот дел на Република Српска, а од Хрватска е оддалечен триесетина километри. Последен со жестока критика на изјавата на Месиќ реагираше српскиот министер за надворешни работи Вук Јеремиќ . Тој ја оцени како „провокација“ односно обид за провокација. „Стипе Месиќ е личност без никаква политичка и морална тежина и едноставно не треба да му излегувате во пресрет со тоа што ќе го забележите“, рече Јеремиќ.

Автор: Драган Максимовиќ/ Симе Недевски/бета

Редактор: Александра Трајковска