1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел и Макрон согласни за многу работи

Кај-Александер Шолц
20 јуни 2018

Ангела Меркел за две недели на баварската ЦСУ треба да ѝ претстави европски решенија за прашањето на азилантите. Состанокот со францускиот претседател Макрон, беше добар почеток за канцеларката.

https://p.dw.com/p/2ztLz
Deutschland, Meseberg, Pressekonferenz, Angela Merkel, Emmanuel Macron, Meseberg Palast,
Фотографија: Reuters/H. Hanschke

Како на канцеларката во моментов да не ѝ е доволно тешко со решавањето на кризата меѓу двете конзервативни сестрински партии во Германија- ЦДУ и ЦСУ, па еден ден откако беше одложен спорот меѓу нив во врска со бегалската и политиката за азил, на ред дојде наредната голема работа. На состанокот со францускиот претседател Емануел Макрон стануваше збор за реформите во Европската унија. Германија долго не одговараше на француските предлози за реформи, но временскиот притисок расте- на крајот на месецов имено се одржува самитот на ЕУ во Брисел. А тие две работи се поврзани. 

Состанокот Меркел-Макрон се одржа во рамките на полугодишниот собир на германско-францускиот совет на министри во дворецот Мезеберг, 70 километри од Берлин. Спроти состанокот, Меркел и Макрон- и покрај 75-минутното доцнење- имаа можност да поразговараат  во четири очи.

Повеќе:

-Меркел „купи“ рок од уште две недели за азилот

-Нападите на Трамп може да ѝ користат на Меркел

-Пресметка со системот Меркел: Последни денови на царицата?

Ден порано гостин на канцеларката беше новиот италијански премиер. Волку голем број посетители на највисоко ниво е вообичаен спроти самит на ЕУ- конечно потребно е да се постигне согласност. 

Германско-француски сојуз

Внатрешно-политички ослабената канцеларка во Мезеберг имаше успех. На заедничката прес-конференција, Меркел најави сојуз со Макрон и говореше за „ново поглавје“ во билатералната, но и во европската соработка.

И Макрон беше оптимист- Европа може да напредува. Важно е да настапува „суверено и истовремено обединето“. Тоа би требало да биде новата философија за Европа, порача тој.

Deutschland Meseberg - Angela Merkel und Emmanuel Macron im Meseberg Palast
Фотографија: Reuters/Bundesregierung

На дневниот ред беа четири теми:

 -зајакнување на надворешната и одбранбената политика

- реформа на економската и монетарната унија

- заедничка политика за азил

- научна соработка во областа на вештачката интелигенција

За некои прашања, ставовите во двата главни града значително се разминуваа. Следниве точки се вклучени во заедничката „Декларација на Мезерберг":

- "иницијатива за интервенција" во одбранбената политика со хармонизирани вооружени системи

- Европски совет за безбедност

- повеќе пари и луѓе за заштита на надворешните граници на ЕУ

- Центри за азил надвор од ЕУ, на пример во Северна Африка

- Посебна поддршка за земјите од ЕУ со особено голем број бегалци

- сопствен буџет на ЕУ до 2021 година, како дополнителен аспект на развојот на Европскиот механизам за стабилизација (ЕСМ) за инвестиции со помош на национални средства и можен европски данок

- агенција надлежна за вештачка интелигенција

- помалку комесари на ЕУ

- транснационални листи до изборите за Европскиот парламент во 2024 година

Меркел и Макрон истакнаа дека овие мерки се предлози кои не се разработени во детаљ. Тоа зависи и од новите европски околности. Претходно, обично се  случуваше други земји на ЕУ да се приклучат кога тандемот Париз-Берлин ќе започне нешто, но тоа сега не е толку лесно. Холанѓаните веќе рекоа дека нема да поддржат буџет на  еврозоната. А има и многу скептицизам на северот на Европа кога станува збор за нови фондови на ЕУ.

Франција вети помош во спорот околу азилот

А што е со прашањето за азилот?  Прашан од новинар, Макрон рече „да" за билатерален договор за прашањето за азил. На бегалците кои се веќе регистрирани во Франција нема да им биде одобрено да дојдат во Германија, вети францускиот претседател.

Ова не е добра вест само за Меркел, туку и за министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер. Двајцата зедоа двонеделен одмор во спорот околу азилот. Зехофер сака враќање на бегалците, како што вети Макрон. Целта на Меркел е токму да се склучат билатерални договори од ваков вид - во рок од две недели.

Во Берлин пак продолжи дискусијата за спорот меѓу Меркел и Зехофер. Политичките кругови во германската престолнина се едногласни: следува врело лето, ништо од летната пауза. Тоа во суштина е нормално, со оглед на бројните кризи во последниве години. Впрочем, така оценува е една жена која сето тоа одблизу го набљудува: касиерката во ресторанот во германскиот парламент-Бундестагот.