1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: Се надевам на живот во добро здравје

ЖА
19 јули 2019

Германската канцеларка Ангела Меркел ги отфрли одново сомнежите околу нејзината здравствена состојба, потенцирајќи дека без оглед на нападите на тресење, може да ја извршува канцеларската функција.

https://p.dw.com/p/3MJhT
Angela Merkel Sommerpressekonferenz Berlin
Фотографија: Reuters/H. Hanschke

„Имам разбирање за прашањата во врска со моето здравје и на нив веќе дадов одговор“, изјави денеска германската канцеларка Ангела Меркел на годишната летна прес-конференција во Берлин.

„Важно е што сум свесна за одговорноста како претседател на владата, би додала само дека одамна ме познавате, и јас сум во состојба да ја извршувам мојата функција“, истакна Меркел. Канцеларката, која оваа недела  наполни 65 години,  додаде дека кај неа постои и личен интерес за нејзиното здравје.

„Познато е, во 2021 година ќе завршам со мојата политичка работа, но се надевам дека животот ќе продолжи натаму и тоа во  добро здравје“,  рече Меркел.

Шпекулациите поврзани со здравствената состојба на Меркел се појавија откако во изминатите недели на неколку јавни настапи таа имаше  напади на неконтролирано тресење на телото,  по што во следните неколку прилики приемот на странски државници го изведе во седечка положба.

Прес конференцијата е традиционална манифестација во политички Берлин, започната за време на поранешниот сојузен канцелар Хелмут Кол (1982-1998). Тука Меркел ја изрече една од речениците кои без сомнеж оставија решавачки печат врз нејзиното владеење: „Ќе успееме“, рече таа во август 2015 година, кога Германија на врвот на бегалската криза прими преку еден милион мигранти.