1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Меркел ги повика Германците на внимателност

БГ/ ДПА
12 мај 2020

Германската канцеларка Ангела Меркел апелираше до своите сонародници да се придржуваат до мерките за социјално дистанцирање, откако податоците покажаа дека ширењето на заразата повторно забрзува.

https://p.dw.com/p/3c3IF
Berlin - Angela Merkel
Фотографија: Reuters/M. Sohn

Состојбата во Германија се следи со внимание во целиот свет затоа што таа е најуспешната голема европска држава која успеа да го задржи ширењето на коронавирусот, делумно благодарение и на масовното тестирање, што во меѓувреме доведе до делумно реотворање и на економијата. Меркел во повеќе наврати повторуваше дека стапката на репродукција на вирусот мора да се држи под 1 за здравствениот систем да не биде преоптоварен.
Денеска Институтот Роберт Кох соопшти дека стапката е на критично ниво од 1,07 веќе трет ден по ред. Тоа може да биде сигнал дека вирусот повторно го забрзува своето ширење, но и не мора.
„Зголемувањето на стапката на репродукција значи дека мора внимателно да се следи развојот на настаните следните денови“, соопштија од Роберт Кох. Владини претставници велат дека стапката на репродукција или накусо „R“ се менува подраматично при пад на бројот на инфекции, а кусорочното зголемување не е само по себе опасно.
Но Меркел, сепак, ги предупреди своите сонародници дека е многу важно да се придржуваат до правилата како „одржување дистанца, носење заштитна маска и да водат сметка за другите“.
Она што ги загрижува германските политичари се протестите против мерките за превенција од коронавирусот кои за време на викендот се одржаа во повеќе градови, а на неколку места дојде и до судири со полицијата. Притоа, политичарите предупредуваат дека ширителите на теориите на заговор имаат агенда да ги користат фрустрациите на граѓаните.

„Германија има слободен медиумски пазар кој информира за сите аспекти на пандемијата. Но опскурни тврдења и наводи полни омраза, теории за зли глобални заговори се нешто сосема друго“, изјави портпаролот на германската влада Штефан Зајберт.
„Идејата дека пандемијата била намерно создадена за да се контролираат луѓето, и дека Бил Гејтс или некои мрачни сили стојат зад неа, продира длабоко во општеството“, предупреди Георг Мајер, министер за внатрешни работи на покраината Тирингија. Вработен во сојузното министерство за внатрешни работи беше отпуштен викендов откако дистрибуирал документ на 80 страници во кој коронавирусот се опишувал како ништо полош од обичен вирус.