1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Мексико: Земјотрес, па ураган

ЖА
9 септември 2017

Бројот на загинати во земјотресот во Мексико се искачи над 60. Бројни згради се срушени, илјадници луѓе се без покрив над главата. Проблем за земјата во меѓувреме е и ураганот „Катја“.

https://p.dw.com/p/2jczh
Mexiko Erdbeben
Фотографија: Reuters/E. Garrido

Надлежните мексикански власти објавија зголемување на бројот на жртвите во земјотресот кој во четвртокот вечерта ја погоди земјата: смртно настрадале над 60 луѓе. Мексиканскиот министер за земјоделство Хозе Калзада соопшти дека има и најмалку 250 повредени. Бројни згради се срушени, илјадници луѓе се без покрив над главата. Државата прогласи тридневна национална жалост. Мексиканскиот претседател Енрике Пења Нието при посетата на погодениот регион изјави дека земјата е соочена со огромна катастрофа и најважна задача е обезбедувањето храна и вода, како и медицинска заштита на населението. Спасувачките екипи продолжуваат со потрага по преживеани.

Mexiko Erdbeben Zerstörung in Chiapa
Фотографија: picture-alliance/Zumapress/Xinhua

Земјотресот кој во четвртокот вечерта го погоди Мексико, беше еден од најсилните во последните децении, достигнувајќи 8,2 степени според Рихтеровата скала, на 137 километри југозападно од Тонала во сојузната држава Чиапас, со епицентар на 19 километри длабочина во Пацификот. 

Огромни штети од земјотресот во Мексико

Потресите ги почувствувале околу 50 милиони луѓе, вклучително и во престолнината. Во претходниот, послаб, но многу покастрофален земјотрес, во 1985. година загинаа илјадници луѓе. Тоа што епицентарот на сегашниот потрес беше многу подалеку од главниот град Мексико Сити отколку тој во 1985. година, овозможи метрополата да остане сразмерно поштедена.

Мексико се наоѓа на едно од најтрустните подрачја во светот, голем дел од државата лежи врз северноамериканската тектонска плоча која се движи кон запад.

Erdbeben Mexiko
Фотографија: Reuters/C.Jasso

Во екот на работите за расчистување на урнатините по силниот земјотрес, Мексико мора да се справува и со проблемите предизвикани од ураганот „Катја“, кој веќе удри на копното во сојузната држава Веракруз. Тропската бура со брзина на ветрот до 185 километри на час, може да предизвика лизгање на земјиштето и поплави, стравуваат надлежните служби. Во моментов над Атлантскиот Океан беснеат три урагани, од кои најсилниот, „Ирма“ се движи кон американската сојузна држава Флорида.