1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Медиумските реформи жртвувани заради „пржински мир“?

Катерина Блажевска2 март 2016

Поискрено е гарантите на Договорот од Пржино да кажат дека не можат да го убедат Груевски да прифати медиумски реформи, отколку да повикуваат на саморегулација, вели претседателот на ЗНМ, Насер Селмани

https://p.dw.com/p/1I5IY
Фотографија: Fotolia/picsfive

Медиумски реформи: ова е најповторуваната синтагма од денот кога беше потпишан Договорот во Пржино и единствена која не дочека никаков реформски процес. Напротив, дијагностицираната лоша медиумска состојба продолжува да се уназадува, разговори во Работната група за медиумите нема, а медиумите се повикани да се потпрат на етичкиот кодекс, односно на саморегулација. „Жртвувани заради некаков 'пржински мир' и оставени на бришан простор во арената на политиката битка за превласт врз медиумите“. Ова е генерално впечатокотот што владее во медиумската заедница, откако местото на реформите го зазеде големата преселба и прераспределба на „подобни“ не местото на „неподобни новинари“, атмосфера поради која многумина ги напуштат работните места. Еден од нив е и претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани, кој деновиве побара раскинување на работниот однос во весникот „Вест“. Во весникот ова го доживуваат како „логичен след“ на настаните, откако како резултат на партиски интереси прва жртва на „промените“ беше главниот уредник Горан Михајловски. Бранот на натамошни заминувања под притисок или по сила на откази, веќе никој не може да го предвиди. Но, како „намерна и најдрска провокоција“ го доживуваат фактот што токму во медиумот каде работи претседателот на ЗНМ, од вчера е вработена и претседателката на Македонската асоцијација на медиуми (МАН) Слаѓана Димишкова, на функцијата помошник на главниот уредник, односно, хиерархиски „надредена“ над Селмани.

Naser Selmani
Насер СелманиФотографија: Petr Stojanovski

Со саморегулација против притисоци?

Селмани не зборува за неговата лична одлука да замине од редакцијата. Она што го загрижува е блокирањето на разговорите за медиумските реформи предвидени во Договорот од Пржино. Смета дека гарантите на Договорот треба да извршат притисок да за бидат прифатени предлозите на посредникот Питер Ванхауте.

„Тажно е што и гарантите на Договорот ретерираат во нивните ставови. Порано зборуваа за системски медиумски реформи, а сега ги менуваат тезите и зборуваат за саморегулација, за која треба да зборуваат новинарите и медиумите, а не политичарите и дипломатите. Од медиуми кои се контролирани, корумпирани и уценети од власта, да барате да известуваат согласно со новинариската етика, е исто како да барате од една жена да почитува морални норми во услови кога секојдневно е силувана од некој насилник. Таму каде што има насилство, корупција, уцени и притисоци, нема место за слобода и етика“, укажува Селмани.

Потенцира дека ЗНМ ќе биде благодарно, ако амбасадорите Бејли и Орав објаснат како мислат дека медиумите преку саморегулација ќе се справат со институциите што толерираат насилството врз новинарите и како преку саморегулација ќе се реши прислушувањето на над сто новинари од страна на тајната полиција.

„Како да ја гарантираме новинарската слобода со саморегулација кога власта ги корумпира медиумите со парите на граѓаните? Како со саморегулација да се зајакне независноста и стручноста на Агенцијата за медиуми или како да се обезбеди автономија на Јавниот радиодифузен сервис, кога мнозинството членови во Програмскиот совет на МРТ се предложени од владејачките партии и кога јавниот сервис нема стабилен избор на финансирање? Како да зборуваме за етика, кога Владата им ја крои програмската шема на приватните национални телевизии и им се заканува на медиумите со астрономски казни за да ги заплаши и одврати од намерата да ја критикуваат Владата? Затоа, поискрено е амбасадорите да кажат дека не можат да го убедат Груевски да прифати медиумски реформи, отколку да барат изговори во саморегулацијата“, порачува претседателот на ЗНМ.

Тој потсетува дека Советот за етика е формиран токму како резултат на силно лобирање на ЗНМ кај новинарите и сопствениците на медиумите. Но, предуслов да успее саморегулацијата е медиумите да се ослободат од контролата и притисокот на власта, бидејќи не може да се зборува за професионални стандарди без да се обезбедат основни услови за работа на новинарите.

Mazedonien Journalisten Proteste in Skopje
Фотографија: DW/K. Blazevska

Власта во нова офанзива

Освен што нема преговори за медиумски реформи, ниту знаци за таква потреба, владејачката ВМРО-ДПМНЕ деновиве почна да ги брои и споредува секундите посветени на неа и на политичките опоненти, на телевизиите „Телма“ и „24 вести“, кои, пак, се единствените што јавноста ги доживува како неутрални и неконтаминирани со еднопартиски интереси. И тамошните новинари, но и комуниколозите кои ги следат состојбите во оваа сфера, тоа го сметаат за дополнителен политички притисок и офанзива од страна на власта.

„Сегашната состојба во преговорите за медиумите е многу блиска до целосно мртвило, кое власта веќе го претвора во своја офанзива“, вели комуникологот Климе Бабунски.

„Тоа уште еднаш јасно покажува што мисли и како работи ДПМНЕ во оваа смисла. Не е случајно што самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници добива контра-синдикат: демек со конкуренција до квалитет! Не е случајно што челниците на МАН добиваат високи и одлучувачки позиции во работната хиерархија на Медиа принт Македонија (МПМ), и како поединци стануваат надредени на челниците на ЗНМ! Паралелно на ова, неслучајно, ДПМНЕ во изминативе 3-4 дена, започнува нов напад кон критичките медиуми, делејќи лекции за професионална етика и покажувајќи 'преродбеничка посветенест во броењето секунди' од типот 'неветено – ама ќе оствариме, ќе ги дисциплинираме непослушните'“, констатира Бабунски.

Уверен е дека ќе биде потребен голем притисок, многу поголем од сите досегашни, за преговорите да оживеат, а тоа подразбира многу поголема активност од страна на домашната медиумска заедница.

„Промените мора да ги направиме ние. Ослободувањето и демократизацијата на медиумската сцена во Македонија е наша домашна работа! Странците може само да помогнат, но не може да ни ја напишат 'домашната'. Оваа 'домашна' не е само на новинарите, туку и за целата демократска јавност“, вели Бабунски.

Цехот на индолентноста

Она што денес често може да се слушна како заклучок во медиумската заедница, е дека веќе не помагаат никакви реформи, бидејќи „новинарството е одамна мртво, само што никој не ја објавува веста“. Слична оценка дели и комуникологот Петар Арсовски, според кого, состојбата во македонското новинарство е речиси во „терминална фаза“.

Mazedonien TV Alfa
Фотографија: Petr Stojanovski

„Сите напори на меѓународната заедница и на критичката јавност за демократски реформи, се соочуваат со еднакви и спротивни напори од ретроградните центри на моќ. Без тектонски промени, тоа е мртва трка. Така, последните кадровски промени во неколку македонски медиуми само ја зацврстуваат и онака тажната атмосфера на слободното изразување и уредувачка политика во медиумската сфера. Дополнително, сега се појавија и контра-медиумски огледала, кои бројат секунди дадени на опозицијата. Ова само покажува дека козметички и увезени промени само иницираат побезобѕирно однесување од другата страна. Вештачките инфузии на реформи 'на лажиче', во основа можеби прават контрауслуга“, оценува Арсовски.

Тој смета дека македонските новинари кои не се борат за својата професија, сега мора да ја платат цената за сопствената индолентност и анестезија.

„Мислам дека за суштински промени е потребно работите да се соголат до крај, да се случи вистинска катарза. Вака ќе вегетираат во бескрај“, заклучува Арсовски.

Според новинарите кои се залагаат за медиумски реформи, цехот најмногу го плаќаат оние кои не учествувале во уривањето на професијата. Поради поделеноста во медиумската заедница, но и отсуството на желба за промени во дел од неа, стравуваат дека штетата ќе биде уште поголема, а крајната сметка многу повисока од она што сега се претпоставува.