1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Медведев: Русија ќе помага за спас од кризата во ЕУ

15 декември 2011

Русија е подготвена да инвестира во спасувањето на еврозоната предводено од Меѓународниот монетарен фонд, изјави рускиот претседател Димитриј Медведев по завршувањето на денешниот (15.12.) самит со ЕУ.

https://p.dw.com/p/13Tc1
Медведев најави помош за излез од финансиската криза во ЕУФотографија: dapd

„Ние ќе се придржуваме до сите обврски. Подготвени сме да ги инвестираме сите финасиски средства за поткрепа на европската економија и еврозоната“, рече Медведев во Брисел. Тој е уверен дека државите од ЕУ ќе успеат да се справат со економската криза.

Прашањето за надминување на последиците од глобалната економска криза било разгледувано во детали за време на разговорите со претседателот на Европскиот совет Херман Ван Ромпуј и претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо.

Изјавата на Медведев дојде откако економскиот советник Аркадиј Дворкович кажа дека официјална Мисква е подготвена да учествува со 20 билиони евра, во зависност од напредокот кон подршката од 200 билиони евра за ММФ договорена од лидерите на ЕУ. Тој појасни дека 10 билиони евра би можеле да се насочат кон еврозоната, а други 10 билиони евра да се стават на располагање како можна помош.

EU-Russland Gipfel Dezember 2010 Medwedew Van Rompuy Barroso
ЕУ е загрижена за спроведувањето на изборите во РусијаФотографија: picture-alliance/dpa

Медведев рече дека Русија сака да ја види ЕУ сочувана како моќна политичка и економска сила, а еврото сочувано како една од најважните валути за чување на резервите. Тој појасни и дека 41 процент од руските парични резерви се чуваат во евра, а половина од руската надворешна трговија се одвива со ЕУ.

Изборите во Русија донесоа загриженост во ЕУ

Но, освен за должничката криза на самитот во Брисел се зборувало и за изборите во Русија.

„ЕУ е загрижена за извештаите за нерегуларности и недостаток на правичност за време на неодамнешните избори во Русија“, нагласи Херман Ван Ромпуј.

„Го поздравуваме фактот дека беа поканети 500 набљудувачи на изборите. Загрижени сме за нерегуларностите и недостатокот на правичност, за што известија набљудувачите и дел од руската јавност. Загрижени сме за ставањето во притвор на демонстрантите“, укажа Херман Ван Ромпуј на прес-конференцијата по средбата со Димитриј Медведев.

Автор: Александар Методијев / афп / ројтерс / миа

Редактор: Симе Недевски