1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мајка-Македонија, татко-Црна Гора

21 декември 2010

Во Македонија живеаат околу 10 илјади Црногорци. Точна бројка нема, зашто ги нема како посебен етнос во пописот. Во Охрид постои колонија во која од 1920 година се населувале Црногорци. Како живеат нивните потомци ?

https://p.dw.com/p/QV6a
Во Охрид живеат повеќе црногорски семејстваФотографија: DW

Требаше да помине деценија и половина по раздружувањето од Југославија, за Црногорците во Македонија да се организираат. Пред четири години беше формирано Здружение на македонско – црногорско пријателство, а истата година се формира Заедницата на Црногорците во Македонија. Доктор Миле Д. Мичуновиќ е претседател на Здружението на Црногорците во Охрид и потсетува дека меѓу двата народи со векови постоела културна и духовна врска:

„ За сите генерации се‘ уште е инспирација легендарната орфејска љубов меѓу црногорскиот кнез Владимир и ќерката на Цар Самоил, македонската принцеза Косара. Познато е и дека во македонските востанија на помош на братскиот народ први доаѓале црногорските слободољубци.“

Црногорска крв во Охрид

Првите Црногорци во Охрид се доселуваат со Уредба за населување од Кралството на Србите, Хрватите и Словенците од 25 ноември 1920 година. Им бил дадени парцели во месноста „Дебело поле “, подоцна наречена „Црногорска населба “, вели Мичуновиќ :

„ До шеесеттите години од минатиот век, тие живееле само тука. Потоа почнале да се иселуваат во Белград и Прокупље. Сега населбата е срасната со Охрид и во неа живеат околу 1500 жители од кои само четириесетина се Црногорци. Во Охрид живеат 33 семејства со крв од црногорските братства или 253 лица. “ Доктор Мичуновиќ за сите нив напиша книга насловена : „Црногорската крв во Охрид“.

Dr. Mile Micunovic
Д-р Миле МичуновиќФотографија: DW

По слободни проценки во Македонија живеат над 10 000 Црногорци кои нормално се соочуваат со проблемот на претопување по склопување на брак. Би сакала во Македонија при попис секој да може да го изрази сопственото национално чувство, вели Јелена Илиќ:

„За себе кажувам дека сум Македонка од црногорско потекло. Следниот попис ќе го искористам, а се надевам дека и некој од моето семејство ќе ми се придружи, да се изјасниме дека сме Црногорци. Сакам да има бројка и да сме статистички евидентирани дека сме толку. И ништо повеќе како права.Тие се обезбедени со Уставот и законите на оваа држава. Мојот народ, од мојата заедница сме задоволни. Не сме дискриминирани и никогаш не дошло до такво нешто.“

Црногорците секогаш се за правда и достоинство

Често за Црногорците се вели дека се мрзеливи. На нивна сметка одат многу шеги. Во Македонија често се на раководни места. Што успеале Црногорците во Македонија да сочуваат од генот:

Jelena Ilic
Јелена ИлиќФотографија: DW

„ Проценка за државно достоинство. Правда и правичност за гледање на работите со сета своја реалност. Тоа што е во генот тешко се менува и колку генерации да изминат“, вели Јелена.

Младите Црногорци од „ Горски венец “ на Његош знаат само по некој стих. „Перото е посилно од мечот “, вели една црногорска поговорка. А примариус доктор Миќуновиќ неуморна трага по корените и запишува:

„Основна работа и во нашето Здружение е да го негуваме писмото . Се надеваме дека ќе го зачуваме јазикот. Ќе се бориме за него, но ќе ја почитуваме Македонија. Со еден збор би рекол: мене мајка ми е Македонија, а татко-Црна Гора .

Меѓу двете земји нема отворени прашања, имаат дипломатски односи, а обичните луѓе се токму тие кои нераскинливо се во меѓусебна врска.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Жана Ацеска