1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Математиката тенка, ароганцијата голема

5 август 2020

Иако ДУИ е меѓу потенцијалните партнери на победничката коалиција „Можеме“, вчера изненудувачки пораки си разменија лидерите на СДСМ и ДУИ.

https://p.dw.com/p/3gQdv
Treffen zwischen Zoran Zaev und Ali Ahmeti
Фотографија: DW/V.Kalinski

По верификацијата на мандатите на новите пратеници, од вчера и официјално започнаа разговорите за мнозинство што ќе ја формира новата Влада. Првите пораки веќе навестија дека тој процес нема да оди лесно, ни без конфронтација меѓу досегашните партнери, што е зачудувачки ако се има предвид изборниот скор.

„Коалицијата предводена од СДСМ може да формира Влада и со ДУИ, и со коалицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива“, најави вчера лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Но првата понуда да биде дел од идната влада и беше дадена на Демократската партија на Албанците (ДПА), која на изборите доби еден пратенички мандат.

„Ни се понуди можноста да бидеме дел од идната влада предводена од претседателот на СДСМ, Зоран Заев и ние како партија ја прифативме поканата. Формирани се работни групи кои ќе ги предводат претседателот и секретарот на СДСМ“, рече Азем Садику од ДПА.

Тој најави дека за сите детали ќе разговараат работните групи и дека на правата средба, не се разговарало за ресорите.

Nord-Mazedonien Skopje Parlamentswahlen Zoran Zaev
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Ни со 15, ни со 46

И додека овој епилог не е изненадувачки со оглед дека претходно беше најавена средбата меѓу двете партиски делегации, вчера изненудувачки пораки си разменија лидерите на СДСМ и ДУИ. Иако ДУИ е меѓу потенцијалните партнери на победничката коалиција на СДСМ, Заев објасни од што ќе зависи дали тоа партнерство ќе се реализира со оваа или со други партии на Албанците.

„Тоа зависи од отстранувањето на национализмите, зависи од цело едно поглавје за прочистување на правосудството, проверка на имотот, на капиталот на секој политичар и функцинер кој што ќе биде избран. Важен ќе биде кадровскиот потенцијал. Ќе ги разгледаме сите можности, добро ќе извагаме и на крајот ќе ја донесеме одлуката. Сите опции се отворени“, најави вчера Заев.

Повеќе:

-ДУИ очекува покана од СДСМ за разговори за ново мнозинство

-Пробни балони ја „составуваат“ Владата

-ДУИ стравува од реприза на 2006 година?

Но, вербалните реплики со Ахмети започнаа откако лидерот на СДСМ, изјави дека сака да ги чуе размислувањата и идеите на ДУИ околу предлогот за ротација на премиерската позиција, но нагласувајќи дека на државата и е потребен премиер кој што ќе се зафати со работа.

„Не ни треба премиер кој ќе остварува политички агенди. Треба да размислуваме за премиер и министри кои ќе работат за државата и за граѓаните. СДСМ никогаш немал проблем со определбата на кој било кандидат, за која било функција во државата, но за премиер треба да се имаат бројки. Со 15 пратеници премиер не се добива“, рече Заев.

Mazedonien Demokratische Union für Integration - Ali Ahmeti
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Ахмети одговори со контра-математика во изјава за весникот „Коха“. „Ниту со 46 пратеници не се станува премиер. Во оваа ситуација, на сите инволвирани страни им е потребна смиреност, мудрост и да размислуваат за највисоките интереси на државата. Можам да кажам дека ДУИ е фактор на стабилност во земјата. Ние внимателно ги анализираме ситуациите, нема да брзаме. Секоја чекор што ќе го преземаме, ќе го направиме во интерес и корист на државата, мирот, стабилноста и унапредувањето на поголемите процеси, како што се Охридскиот договор, Договорот од Преспа, Договорот за добрососедство, спроведувањто на Законот за јазиците, борбата против криминалот и корупцијата. Но, во никој случај да не се избегнува од процесот на ветинг. Секој ќе биде во партнерство со нас ако се согласува со овие точки. Вклучувајќи го и премиерот”, изјави Ахмети.

Мицкоски уверен во лојалноста на неговите

Ако ни со 15 ни со 46 не се станува премиер, ако математиката е „тенка“ и укажува на потреба од взаемна поддршка на двете партии, прашањето е - на што се должат ваквите антагонизми на досегашните партнери, но и самоувереноста на Заев дека дека ќе обезбеди мнозинство што ќе ја поддржи  идната Влада, и тоа поголемо од потребното? Во недостиг на официјални информации, сите шпекулации се вртат околу можна поддршка на програмата на СДСМ од страна на пратеници кои мандатот не го добија преку листите на оваа коалиција. Такво прашање вчера миу беше упатено на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ: дали нивни пратеници би можеле да дадат поддршка на СДСМ?

„За мене политиката не е пазар и тоа е погрешното што се случуваше во изминатиот парламентарен состав. А за некој пратеник или граѓанин да подржи некоја политичка опција треба да има определена точка којашто ќе го поврзе со програмата што ја нуди таа политичка опција. Врз основа на разговорите и врз основа на луѓето во коишто бескрајно верувам и се дел од пратеничката група на ‘Коалицијата за Обнова на Македонија’, не верувам дека постои таков којшто ќе ја подржи програмата што ќе ја понуди господинот Заев и СДСМ“, рече Мицкоски. 

Nord-Mazedonien Hristijan Mickoski Vorsitzender VMRO DPMNE
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Сепак, потврди дека има информации за такви обиди.

„Оние пратеници на кои им пристапиле мистериозни личности коишто се повикуваат во името на раководството на СДСМ, пријдоа, кажаа, и со згрозување ги одбија, а јас со згрозување одбивам да коментирам ваков тип на пазар“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ

Алудирајќи на осумте пратеници од минатиот парламентарен состав кои ги поддржаа уставните измени спротивно од партискиот став, Мицкоски изрази увереност дека „таквите искуства никако не можат да бидат применети во овој парламентарен состав“.

Од друга страна, не му е одбивна идејата ако пратеници од Коалицијата на СДСМ би можеле да ја поддржат програмата на ВМРО-ДПМНЕ.

„Не би бил сигурен во сопствените редови кога би бил на местото на нашиот политички противник, бидејќи можеби таму пак ќе има пратеници коишто ќе ја подржат реформската програма што ја нуди ВМРО-ДПМНЕ. Така што, да оставиме времето да покаже кој ќе го формира парламентарното мнозинство“, рече Мицкоски.

(Не)порозноста на пратеничката функција

Иако формално владее сигурност во лојалноста на пратениците, темата трансфери или пребези е доминантна во анализите и изјавите.

Поранешната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, Лилјана Затуроска, на Фејсбук изрази цврста верба дека новите пратеници ќе изнајдат соодветни механизми за издигнување на пратеничката функција, не дозволувајќи таа да биде деградирана преку невистини и инструменти за поткусурување и омаловажување.

„Да бидеш народен избраник е повеќе од доверба и огромен аманет, затоа еден искрен апел до новите пратеници: Бидете достоинствени, непоткупливи, бидете цврсти и свои, секогаш подготвени да одговорите на сите предизвици кои, верувајте, никогаш не се лесни туку напротив се многу тешки и непредвидливи“, напиша таа.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу во интервју за ТВ „24“ изјави дека трансфери на пратеници има и во високo развиените демократии.

„Гледам дека сите политичари се бунат против ова разговарање со пратеници и се однесуваат како да се вождови, па сега во нивното „стадо“ никој не смее да има различно мислење. Тоа се случувало, се случува и во иднина ќе се случува. Па дури и во една Америка, во Сенатот имавме преминување од една на друга страна. Ова треба да им биде поттик да го сменат изборниот модел и конечно, граѓаните да одлучуваат кој ќе биде пратеник а не партиите“, рече Муслиу.