Марин Ле Пен го загуби пратеничкиот имунитет
2 март 2017Пратениците во Европскиот парламент (ЕП) денеска во големо мнозинство гласаа за укинување на имунитетот на француската претседателска кандидатка Марин Ле Пен поради објавување на фотографии на Твитер на кои е прикажано насилство на Исламската држава (ИД).
Ле Пен која го предводи својата партија Национален Фронт во Европарламентот на својот профил на Твитер на крајот на 2015 година постави три фотографии од егзекуции кои Исламска држава ги изврши во декември истата година, вклучително и обезглавувањето на американскиот новинар Џејмс Фоли. Ле Пен со објавувањето реагираше на извештаите на една телевизиска станица, која нејзината партија ја спореди со Исламската држава. Над објавените слики во твитот Ле Пен тогаш напиша „Ова е ИД“. Подоцна тој твит беше избришан од нејзиниот профил.
На денешното гласање во Европскиот парламент е потврдена прелиминарната одлука која во вторникот ја донесе комитетот за правни прашања на ЕП. Ле Пен, европратеничкиот имунитет ја заштитува од кривичен прогон. Со неговото укинување, меѓутоа, се отвора можност за покренување на казнена постапка против 48-годишната популистичка политичарка.
Таа би можела да одговара за казненото дело „објавување на насилни фотографии“, кое под одредени околности повлекува казна од три години затвор и парична казна од 75 илјади евра. Француското правосудство започна истрага за постапките на Ле Пен. Исто така и родителите на Фоли изразија ужаснатост од објавувањето на фотографиите.