1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Манчестер Сити заинтересиран за талентиран тригодишник

Кале Копс / ЕМФ21 септември 2016

Нов врв на лудиот лов на фудбалски таленти: Манчестер Сити на пробен тренинг покани тригодишно дете! Една видео-снимка го свртела вниманието на скаутите на МанСити.

https://p.dw.com/p/1K60z
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Powell

Џексон Лал сѐ уште не може сам да си ги врзе патиките, а наскоро би можел веќе да игра фудбал за Манчестер Сити. Клубот на Пеп Гвардиола, според медиумски извештаи, фрлил око на тригодишникот. И, тоа благодарение на видеото кое неговата мајка Џоан Редклиф го ставила на Фејсбук, а кое го покажува Џексон како игра фудбал во градината.

Видео-снимката била причина одговорните во МанСити да се заинтересираат за малечкиот во дрес од Меси. „Го постирав видеото, а тимот У6 на неговиот постар брат го сподели преку својот профил. Потоа ми се јави еден скаут на МанСити. Не можев да верувам и прво си помислив дека некој сака да ме зафркава“, рече мајката за „Манчестер ивнинг њус“.

„Џексон игра брилијантно за својата возраст“

Редклиф, која инаку е навивач на ривалот на МанСити - Манчестер Јунајтед, објаснува: „Џексон игра од пред 5 месеци и е брилијантен за својата возраст. Знаев дека е добар и дека можеби ќе биде откриен еден ден. Но, никогаш не помислив дека тоа ќе се случи на толку мала возраст.“ Мајката претпоставува дека нејзиниот Џексон е најмалечкото дете кое некогаш добило покана за пробен тренинг.

Изненадени се и во МанСити. „Не веруваа дека има само три години. Џексон одвај чека и секој ден прашува уште колку време треба да помине додека добие прилика да игра.“ Во секој случај, Џексон има нешто заедничко со својот идол Меси: двајцата се левучари.