1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Манфред Вебер нема формат за прв човек на ЕК

Кристоф Хаселбах
9 ноември 2018

Европската народна партија (ЕПП) одлучи нејзин кандидат за претседател на Европската комисија да биде Германецот Манфред Вебер. Нему, за жал, за таа позиција му недостасува формат, смета Кристоф Хаселбах.

https://p.dw.com/p/37wKy
Kongress der EVP in Helsinki Manfred Weber
Фотографија: picture-alliance/Lehtikuva/M. Ulander

За еден политичар на баварската Христијанско-социјална унија (ЦСУ), Манфред Вебер е изненадувачки умерен. Без говори вообичаени за пивски шатори, без провокации... Ништо освен изјави со кои секој може да се согласи: сигурни надворешни граници - кој не го посакува тоа? Европа која не зависи од никого - да, јасно. Дури и за барањето да се прекинат преговорите со Турција за влез во ЕУ денес веќе не е потребна голема храброст. Тоа значи да се биде интегративен или, како што вели Вебер, да се биде градител на мостови. Тоа не е лошо. Дотолку повеќе што оној кој сака да биде претседател на Европската комисија, мора да биде урамнотежен и човек на центарот.
Но тоа не е доволно. Во мирни времиња некој како Манфред Вебер секако не би бил лош избор. Но денес времињата за ЕУ се толку немирни и заканувачки, како веројатно никогаш претходно во нејзината историја. Европската унија се доведува во прашање на сите страни. Десничарските популисти на европските избори следната година би можеле повторно да зајакнат. Велика Британија целосно се повлекува. Владата во Италија ги игнорира буџетските правила на Брисел. Полска и Унгарија ги кршат токму оние европски вредности кои Вебер сака да ги сочува. Да, мосто-градителските способности на Вебер одат дотаму што тој сака да го сочува дијалогот со унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој официјално прогласи за цел „илиберална демократија“. Како некој таков може веродостојно да стои зад европската идеја?

Christoph Hasselbach
Кристоф ХаселбахФотографија: DW/M.Müller

Стуб ќе беше подобар кандидат

Манфред Вебер може подобро да се разбере кога ќе се погледне неговиот политички пат. Тој директно од баварската замина во европската политика и таму, во Европскиот парламент, дотурка до шеф на пратеничката група на Европската народна партија. Берлин го прескокна. Никогаш немал функција во влада или министерство, дури ни во Баварија. Покрај бриселскиот ангажман нема никакво меѓународно искуство, а јазичките способности, освен англискиот, не се познати. Таквите кариери не придонесуваат нужно кон согледување на моќта во ЕУ каде државите-членки се уште го диктираат тонот.

Покрај тоа, и натаму е проблем ако претседателот на Комисијата е од Германија. Лесно се создава сомнеж дека најголемата земја во ЕУ преку највисоката функција сака да има моќ и во Брисел. Но не е добро решение ни ако кандидатот биде некој Германец без харизма.
Противкандидатот од ЕПП, Финецот Александер Стуб, зборува повеќе јазици, има неопходна харизма, искуство од влада, како и јасни позиции. Но, ЕПП се одлучи против Стуб - за Вебер. Тоа што и Ангела Меркел го поддржува Вебер не ја олеснува ситуацијата. Напротив, поддршката на Меркел на европско ниво може повеќе да му наштети на Вебер, бидејќи мнозинството не се согласува со нејзината бегалска политика.
Изборот на Вебер за главен кандидат на европските избори се уште не мора да значи дека тој и ќе стане претседател на Европската комисија. ЕПП веројатно повторно ќе оствари најдобар резултат на изборите во мај, но шефовите на држави и влади тогаш не мораат автоматски да го именуваат главниот кандидат за претседател на Комисијата. Францускиот претседател Емануел Макрон веќе изјави дека принципот на главен кандидат не е нешто кон што тој ќе се придржува.