1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонскиот јазик во време и простор

Љупчо Коцарев
4 мај 2020

Претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев во колумна за Дојче веле ги коментира најновите превирања на релација Скопје-Софија околу јазикот и оценува дека одредени слоеви во двете општества созддаваат нетрпение и омраза.

https://p.dw.com/p/3bkti
Ljupco Kocarev, Mazedonische Akademie der Wissenschaften und Künste
Фотографија: privat

Има повеќе мисловни експерименти за кои ќе говорам во друга пригода, денес текстот ќе го започнам со следната загатка, „Ако дрво падне на ненаселен остров, дали тоа ќе предизвика звук?" Филозофи и мислители, низ векови, пишувале и анализирале, одговарајќи на ова прашање, за врската меѓу набљудувањето и перцепцијата. Можеби најважната тема што ја нуди загатката е поделбата помеѓу перцепцијата на некој предмет и неговата реалност. Со други зборови, што се подразбира под „постоење“, која е разликата помеѓу перцепцијата и реалноста?

Централна тема на овој текст се институциите, со посебен осврт на две од нив, државата и јазикот. Во основни институции се вбројуваат семејството, владата, економијата, образованието, религијата, но и јазикот, културата, и во поширок контекст, националната држава. Научниците велат дека државата е отелотворување на сите институции, при што се прави разлика помеѓу институциите со политичка и социјална (граѓанска) позадина. 

- повеќе на темата: Бугарија и нејзините проблеми со минатото

Државите (или државите-нации) се млади институции, во споредба со, на пример, Римската империја која постои околу 1000 години. Државите-нации претставуваат балансирана мешавина од „нација“ (луѓе со заеднички атрибути и карактеристики, што тоа и да значи) и „држава“ (организиран политички систем со суверенитет над определен простор). Тие имаат една клучна карактеристика: почнуваат да се формираат од крајот на 18 век во точно определен момент во времето. До средината на 19 век, поголемиот дел од светот се состоеше од империи, градови-држави, кнежевства, и ничија земја, а патниците се движеа по планетата без проверки или пасоши. Со тек на време, индустријализацијата ги направи општествата покомплексни, што предизвика формирање на големи централизирани бирократии за управување со нив. Империјалистичката експанзија го прошири моделот на државна ширум светот, и денес, со светот владеат, скоро исклучиво, држави-нации. 

Изумирање на државите нации

Последниве дваесетина години, заради глобалните предизвици на кои државите не успеваат да најдат вистински одговор, тука пред се мислам на климатските промени и одржливиот развој, но и промените во доминантниот начин на производство во едно општество, глобализацијата на економијата, мислителите, пред се футуристи, почнаа да излегуваат со ставови дека државите-нации, постепено, ќе изумрат и ќе бидат заменети со држави-градови. Не случајно. Државите-градови постојат со илјадници години. На пример, државите-градови во Италија и Далмација, познати како поморски републики, постојат околу 1.000 години. Така, Република Венеција, најпознатиот од многуте држави-градови во денешна Италија, како што се Фиренца, Болоња, и Торино, постои во период од 697 година до 1797 година. Втор пример се мрежата од моќни, трговски градови во Северозападна и Централна Европа позната како Лига на Ханза (од старо-германски збор за конвој) која постои 300 години, многу повеќе од, на пример, Лигата на нации, која постои само 26 години. Како ќе еволуираат државите по пандемијата на Ковид-19 е тема што ќе биде предмет на интерес во друг прилог.

Вториот концепт за кој ќе зборувам денес е терминот јазик, кој, се разбира, е многу постар од терминот држава (држава-нација). Денес, копнениот дел на нашата планета (со исклучок на не-населениот Антарктик) е строго поделен меѓу држави-нации. Постојат само неколку држави-градови (на пример, Монако, Сингапур, Ватикан), што повеќе претставува историска аномалија во однос на тоа колку мал дел од светската популација живеат во нив. 

- повеќе на темата: Македонско-бугарскиот спор не може да има „победник“

Кога се зборува за терминот јазик, треба да се разликува меѓу поимите јазик (на германски Sprache) и еден јазик (на германски Einzelsprache), последниот термин во смисла на еден од многуте постојни јазици. И двата концепти (јазик и еден јазик) се чинеле, посебно во минатото, толку природни што не се застапени ни во системот на категориите на Емануел Кант (1781 година), ниту во многу познатиот речник Историски основни концепти: Историски речник на политички и социјален јазик во Германија, објавен во период од 1972 до 1997 година, во кој на повеќе од 9.000 страници се истражуваат 122 поими, (како што се, на пример, владеење, демократија, монархија, партија), 20 до 60 страници по секој клучен поим. Тесно поврзан со овие два поима (јазик и еден јазик) е поимот дијалект. Во современата лингвистика, зборот дијалект се користи на два начина. Прво, зборот дијалект се користи за да ги означи разликите на одреден јазик, при што, во голема мера, се смета дека дијалектите и јазикот се меѓусебно разбирливи. Втората употреба, карактеристична, на пример, за Италија и Франција, го потенцира политички и социјално подредениот статус на некој не-национален јазик во однос на единствениот службен јазик. 

Како последица на појавувањето на држави-нации, во последните двесте години, концептот еден јазик доби се повеќе идеолошки призвук, кој, за жал, иако разбран од социолозите и/или лингвистите, не најде пат до пошироката јавност, што резултираше во етнолингвистички национализам, кој се смета за нормална појава во многу земји од Европа. Терминот дијалект, повторно за жал, има негативна конотација и се смета за не-јазик, кој, со тек на време, треба да исчезне од употреба (за ова ќе пишувам во друго време и на друго место, но, не се слагам со оние кои ги критикуваат другите за користење дијалекти). Трето, и по трет пат за жал, денес, јазично-дијалектичкиот простор се повеќе се разбира како дискретен и конечен. 

Јазиците не познаваат граници

Од друга страна, пред појавата на државите-нации, јазиците/дијалектите имаа просторна и временска димензија, при што се зборува за просторно временски јазичен/дијалектички континуум. Така, за разлика од државите-нации кои се формираат во точно определено време и имаат точно дефиниран суверенитет на определен простор, јазиците, кои се комплексни и адаптивни структури, се формираат во определен временски период, во период од повеќе стотици години, многу пред формирањето на државите-нации и не познаваат граници. Со други зборови, јазиците немаат јасно дефинирани временски и просторни точки/граници, туку можеме да зборуваме за временски и просторни интервали на јазиците. Така, на пример, не постои точен момент во времето кога латинскиот јазик е заменет со француски, италијански или некој друг романски јазик. Исто така, во просторниот континуум, тешко е да се каже, на пример, каде започнува германскиот, а каде холандскиот јазик.

Македонскиот јазик се формира многу пред формирањето на државата Македонија. За тоа постојат бројни документи, но многу повеќе од тоа, фактот дека македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќе-вековните преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, препознатлив јазик, артикулирана свест за етно-културната посебност, колективен интегритет, почит кон традиционалните религиски институции и наратив за припадноста на одреден географски и историски простор. Така на пример, во својата Автобиографија, Прличев ќе рече: „бев, како и денеска што сум уште, слаб во бугарскиот јазик", уште еднаш потцртувајќи дека македонскиот и бугарскиот јазик, и тогаш, во втората половина на 19 век, се меѓусебно диференцирани. Таква е ситуацијата и денес, дури и уште понагласена е разликата, инаку зошто требаше да се преведуваат десетици/стотици книги од македонски на бугарски и од бугарски на македонски јазик.

Автономистичкиот пристап кон македонскиот идентитет и правото на Македонците на сопствена држава недвосмислено доаѓаат до израз во конститутивните акти на Македонското научно-литературно друштво во Санкт-Петерсбург, под раководство на Димитрија Чуповски, инаку близок соработник и на Крсте Мисирков. Поврзано со ова, а во согласност со воспоставената практика при основањето на нам соседни блиските академии, МАНУ треба да го чествува 28 ноември 1902 година, денот кога е формирано Македонско научно-литературно другарство во Санкт-Петербург, за ден кога се основа МАНУ.

Го почнав овој текст со еден мисловен експеримент. Во светот на науката, експериментот има два одговора, што зависи од тоа што е тоа звук. Ако одговорот е објективен (што подразбира надвор од нашата перцепција) и под звук се подразбираат механички бранови, нема потреба да бидеме таму, со поставување на уредни за мерење на брановите, може да се покаже дека дрвото кое паѓа предизвикува звук. Ако одговорот е поврзан со нас (и затоа е субјективен), па под звук се подразбираат вибрациите кои се генерираат во нашиот нервен систем, тогаш, на пустиот остров, паѓањето дрво нема да произведе звук.

Во духот на овој одговор, и прашањето дали македонскиот јазик постои пред формирањето на македонската држава, има два одговори. Ако одговорот не зависи од нас, тогаш тој е потврден, не е возможно да се создаде јазик во еден момент, со актот на формирање на една национална држава. Македонскиот јазик постои од дамнина. Ако одговорот има субјективен карактер и зависи од перцепцијата на слушателот, тогаш тој ќе ги содржи, во зависност од слушателот, обете - и одречни/негативни, и афирмативни карактеристики. Единствена разлика е во тоа што, во вториот случај, тоа создава нетрпение и омраза меѓу и онака блиските народи, за што се виновни првенствено определени слоеви на обете држави, македонската и бугарската.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема