1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонскиот „Пуч“ во руски „боршч“

Катерина Блажевска3 февруари 2015

Македонски дипломати и аналитичари во соопштението на руското МНР за случајот „Пуч“ препознаваат исклучиво барање на поткрепа на руските интереси во Украина

https://p.dw.com/p/1EUmb
Фотографија: Fotolia/irinabal18

Колку што македонската јавност беше шокирана од кривичната пријава за лидерот на опозицискиот СДСМ, Зоран Заев, осомничен за наводно насилство врз државни функционери и уривање на уставниот поредок, не помалку беше изненадена што за овој процес со соопштение се огласи руското Министерство за надворешни работи. Од 5 август 1992 година, кога Русија ја призна самостојна Македонија под уставното име, домашната јавност речиси и не се сеќава на каква било руска реакција за политички настан во Македонија, освен за конфликтната 2001 година. По повеќе од една деценија вакуум во таква „коресподенција“, дипломатите и познавачите на руската политика на Балканот денес различно го толкуваат руското соопштение за случајот „Пуч“, во кое се вели: „На 31 јануари органите за ред и мир на Македонија информираа за спречување на обид за државен удар. Според државното раководство на таа земја, во организирањето на неуспешниот пуч биле непосредно вовлечени лидерот на најголемата опозициска партија, СДСМ, а исто така странски разузнавачки служби. Очекуваме дека овој настан ќе биде предмет на темелна истрага во интерес на стабилноста и на безбедноста во Македонија. Ги повикуваме сите политички сили во земјата да дејствуваат во рамките на уставните демократски институции, а постоечките проблеми да ги решаваат по пат на дијалог. Било какво разнишување на состојбите во пријателската Македонија носи ризик за опасно заострување на меѓуетничките тензии во земјата. Повторно се потврдува актуелноста на рускиот предлог за усвојување, во рамките на ОБСЕ, на документ за недозволивост на противуставни државни удари“, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

Јулија Брсакоска - Базеркоска, доцент по меѓународни политички односи на Правниот факултет во Скопје, гледа разлика во соопштенијата кои стигнаа од САД и ЕУ, наспроти она од Москва.

„Во соопштенијата кои стигнаа од Вашингтон, Берлин и Брисел се инсистира на преиспитување на обвинувањата во постапка која ќе биде фер и транспарентна, и во која ќе се почитува значењето на презумпцијата на невиност. Во соопштението на руското МНР, освен што се инсистира на темелна истрага, се потенцира и значењето на овој настан во контекст на руските напори во ОБСЕ за усвојување документ за недозволивост на противуставни државни удари. Тоа наведува дека соопштението е дадено делумно и за поткрепа на руска политика во Украина“, оценува Брсакоска.

Според неа, од соопштението не може да препознае сигнал за засилен ангажман на Русија во Македонија.

„Македонија не е, и никогаш не била витален дел на руската надворешна политика, и покрај тоа што Русија се обидува да ја задржи својата традиционална зона на влијание во регионот. Неотпочнувањето на процесот на преговори со ЕУ, во последните неколку години и‘ послужи на Македонија како изговор за завртување кон Русија, па и Турција, како партнери кои би претставувале алтернатива за ЕУ. Но, таквото сценарио е опасно и неодржливо. Иднината на Македонија е во ЕУ и НАТО. Балканот како регион е нераскинливо поврзан со Европа, а своето место во ЕУ и НАТО можеме да го обезбедиме само со одговорна политика и почитување на демократските вредности, што ќе треба да го демонстрираме и во овој случај“, потенцира таа.

Москва не нуди алтернатива

Дел од дипломатите, кои не сакаат јавно да коментираат, сметаат дека руското соопштение е издејствувано од властите во Скопје, кои во своите јавни политики со години практикуваат „демократски стандарди“ по урнекот на Кремљ. Но, сите не го делат тој став.

Според Ристо Никовски, поранешен македонски амбасадор во Москва, фактот дека не реагирала руската амбасада во Скопје, туку МНР од Москва, покажува дека Русија на настанот му придава нагласено значење.

„Тоа воопшто не е случајно. Причина за невообичаената изјава на Русија се секако настаните во Украина и класичниот државен удар изведен во Киев, со отворена поддршка од Запад. Последиците се познати. Москва секако е загрижена дали и кај нас се подготвува нешто слично, бидејќи спомнатата странска разузнавачка служба секако не е од – Малта! Интересно е што руското МНР ги спомнува меѓуетничките односи, а не на пример, (и) опасноста од дестабилизација на Балканот. За жал, нема елементи за некаков поширок руски политички интерес за Балканот, што по Украина - мора да зачудува. Поголемо и конструктивно ангажирање на Русија може да биде корисно за целиот регион. На тој начин ќе се балансира неконтролираната доминација која сега ја имаат САД, кои се не само некритички, туку дури и на понижувачки начин следени од страна на ЕУ. Санкциите, на пример, кои под американски диктат ги презема Брисел против Москва, се на целосна и долгорочна штета на стариот континент“, тврди Никовски.

Сепак, смета дека во Македонија нема никакви дилеми по прашањето - Исток или Запад?

Politischer Dialog in Mazedonien
Фотографија: Amalia Oganjanyan

„Нема, ниту може да има, бидејќи Москва не нуди никаква алтернатива. Македонските аспирации за членство во ЕУ се легитимни, оправдани и издржани, но тоа не смее во никој случај да биде на штета на нашите односи со Русија, Кина, неврзаните... Особено кога Брисел нецивилизациски не’ уценува со прекрстување, како критериум за прием во ЕУ. Во тие услови, гласањето на нашиот претставник во Парламентарното собрание на Советот на Европа, за одземање на гласот на Русија, е чиста и непростива глупост“, дециден е Никовски.

Деновиве, во голем број текстови за односите Атина-Москва кои се објавија во грчките медиуми по победата на Сириза, новинарите потсетија на фактот дека Русија го признава уставното име на Република Македонија: „Русија исто така го признава Скопје како ’Република Македонија’ што, се разбира, не треба да биде изговор за непријателски однос на Грција кон Москва“, коментираа дел од грчките медиуми.

(Не)зависни од руски енергенси

И новинарот Мирче Адамчески, долгогодишен дописник од Москва, е изненаден од испраќањето на руското соопштение. Не може да се сети кога за последен пат имало такво нешто за внатрешнополитички состојби во Македонија.

„Реакциите се бројат на прстите од една рака. Можеби имаше за време на воената криза во 2001 година. Сигурно имаше за атентатот на претседателот Глигоров. Нo, aко внимателно го читате, како што велат од Москва, „коментарот во врска со обидот за државен удар во Македонија“, станува јасно дека се работи за нешто друго, во стилот 'ти велам ќерко, сети се снао'. Се мисли на Украина и 'државниот удар' во таа земја, кој за Руската Федерација е неуставен, а беше повод за рускиот предлог до ОБСЕ. Македонија е само уште еден повод за притисок врз ОБСЕ. Но, мене повеќе ме загрижува другиот став во соопштението, за 'заострувањето на меѓуетнички тензии'. Дали ова значи дека Русите имаат некоја информација повеќе, кога го велат ова?“, прашува Адамчевски.

Karte Gasstreit zwischen Ukraine und Russland
Сето она што се случуваше околу ’Јужниот тек’ во Македонија, покажува дека некој сака да ја направи Македонија уште позависна од руските енергенси, оценува Адамчевски

Тој не верува дека соопштението е сигнал за засилена политика на Русија кон Македонија.

„Русија одамна го има изгубено Балканот, во политичка смисла. Во моментов нема ни сила да направи нешто повеќе. Стратегијата на Путин беше култура и економија. И таа се реализираше изминативе години. Еве, видете ја Србија. Преголемата економска зависност од енергенси од РФ може да доведе и до некаква политичка зависност. Но, Русија во моментов има огромни главоболки со Украина и ембаргата од Западот, па и не може многу да се посвети на Македонија“, смета тој.

Но, е уверен дека во Македонија има „квота“ која во Русија гледа алтернатива за ЕУ.

„Меѓу оние 20 до 30 проценти од испитаниците кои не го поддржуваат влегувањето на Македонија во ЕУ, секако има и луѓе од власта. Впрочем, сето она што се случуваше околу ’Јужниот тек’ во Македонија, покажува дека некој сака да ја направи Македонија уште позависна од руските енергенси. Не знам дали е тоа свесно или несвесно, но тоа е факт. Не можам да докажам, но сигурно е дека такви поединци и групи има во власта. А можеби и во безбедносните структури“, вели Адамчевски.

И додека улогата на политичка Москва засега е нејасна, улогата на црковна Москва е извесна: Руската православна Црква (РПЦ) ќе посредува во преговорите меѓу Српската и Македонската православна црква, за нејзиниот статус. Услов за почеток на преговорите беше помилување и ослободување од затвор на архиепископот Јован, осуден заради финансиски криминал сторен во времето пред да премине од МПЦ во хиерархијата на СПЦ. За таа цел, митрополитот на РПЦ, Иларион Алфеев, кон крајот на минатата година се сретна со македонскиот државен врв. По завршувањето на неопходните судски процедури, Јован синоќа (2.02) излезе од затвор.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема