Македонскиот парламент се` попразен
30 јануари 2011„Во ваков амбиент, во кој во парламентот се игнорира опозицијата, се игнорира уставот без никаква претходна дискусија и консултација со опозицијата, прв преседан по 20 години независност, ние веќе не се гледаме во парламентот за да им правиме услуга и мнозинството да изигрува дека во Македонија има демократија“, изјави за Дојче Веле лидерот на партијата Имер Селмани.
По ваквиот развој бројот на пратеници кои го напуштија Парламентот се искачи на 32 од вкупно пет партии, СДСМ, Либерална партија, НСДП, Нова Демократија и од поодамна ДПА. Ова практично значи дека опозицијата во парламентот сега ја претставува само ЛДП со своите четворица пратеници. Лидерот на оваа партија Јован Манасиевски соопшти дека останува во парламентот, а единствениот излез го гледа во предвремени парламентарни избори пред политичката криза да се префрли на улица и да се случат граѓански судири.
Координативна средба во Парламентот
Актуелната политичка криза ќе биде главна тема на утрешната координативна средба во Парламентот на која собранискиот спикер Трајко Велјановски ги повика координаторите на пратеничките групи и потпретседателите на собранието. Неизвесно е дали на средбата ќе се појави и опозицијата. Одлуката на речиси комплетниот состав на опозицијата да го напушти парламентот следуваше по последните случувања со телевизијата А1 и уште неколку други фирми на Перо Наков б.б. на кои судот во рамки на истрагата за случајот Пајажина им ги блокираше сметките. Новинарите од оваа телевизија во знак на револт продолжуваат да ја емитуваат информативната програма од импровизираното студио пред зградата на владата во Скопје. Реагираат дека власта го затвора медиумот и ја сузбива демократијата во земјата.
Автор: Костадин Делимитов
Редактор: Трајче Тосев