1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

Македонски бајки за деца од целиот свет

БГ
21 октомври 2016

Над 60 наслови детски и едукативни изданија беа промовирани денеска (21.11) пред публиката во Франкфурт. Меѓу нив е и едицијата „Бајки од Македонија“ како и авторските романи за деца на писателката Билјана Црвенковска.

https://p.dw.com/p/2RWiO
Frankfurter Buchmesse Mazedonischer Stand
Фотографија: DW/B. Georgievski

Едицијата „Бајки од Македонија“, составена од неколку народни приказни од Марко Цепенков и Танас Вражиновски преточени во модерни сликовници, го привлече интересот и на странските издавачи кои го посетија македонскиот штанд на Саемот на книгите во Франкфурт.
„Луѓето овде реагираат позитивно на нашите детски изданија, особено на бајките, што само го потврдува тоа дека имаме светски производ“, вели Билјана Црвенковска, уредник и автор на неколку детски романи и детски изданија во издавачката куќа Арс Ламина.

„Традиционалните приказни се повторно во тренд. Она што ги прави привлечни за публиката е модерната илустрација. Токму тоа е и светски тренд – модерен приказ на традиционална приказна. Едноставно „ги преоблекуваат класиците во ново руво. Ние го направивме токму тоа и резултатите сами доаѓаат“, вели Црвенковска.

Едицијата „Бајки од Македонија“ составена од четири бајки е преведена на англиски и француски јазик, а се планира и превод на други странски јазици. Илустрациите за „Двата цара“, „Момчето што се скри во златното јаболко“, „Девојчето и дванаесетте месеци“ и „Вејко Северко“ ги изработи младата илустраторка Катерина Николовска. 
Црвенковска која успешно го промовираше и својот роман за деца „Што сонуваше Дедо Мраз?“ вели дека присуството на вакви саеми е од огромно значење не само за промоција туку и за инспирација. „Секој ваков саем отвора нови видици и е многу важен, особено ако си автор. Иако се работи за огромен саем со голема понуда, овде инспирацијата доаѓа од малите нешта,“ вели Црвенковска.

Frankfurter Buchmesse Mazedonischer Stand
„Македонскиот ден“ во Франкфурт е закажан за утре (23.10) кога ќе бидат промовирани познатите македонски автори Влада Урошевиќ, Гоце Смилевски и Ненад ЈолдевскиФотографија: DW/B. Georgievski

„Македонски ден“

„Македонскиот ден“ во Франкфурт е закажан за утре (23.10) во 13 часот. Ќе бидат промовирани познатите македонски автори Влада Урошевиќ, Гоце Смилевски и Ненад Јолдевски чии дела се веќе преведени на неколку светски јазици. Тие заедно со претставници од неколку македонски издавачки куќи ќе говорат за своите искуства на темата „Како македонските издавачи и автори да се пробијат на меѓународната книжевна сцена?“.

Во рамките на овој настан, на саемот ќе биде промовиран и најобемниот и најмодеренГолем германско-македонски речник во 4 тома на авторите Нина Димитрова-Шмигер и Роланд Шмигер. Покрај трибината, посетителите ќе може да уживаат и во македонски вина, како и во традиционална македонска музика во класичен аранжман, а во изведба на гитаристот Дарко Багески.