1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонска фирма во Каиро под клуч

5 февруари 2011

Протестите во Египет резултираат со застој во туризмот и економијата. Во Каиро под клуч е и македонската фабрика СИПО која произведува сигурносни појаси. Бизнисот трпи, но вработените се безбедни.

https://p.dw.com/p/QySQ
Богоја Блажески во својот дом во Охрид постојано ги следи актуелностите од ЕгипетФотографија: DW/M.Jovanoski

Познатиот македонски бизнисмен Богоја Блажески во Охрид, во својот дом, од час во час преку телевизијата и телефонските контакти се информира за состојбата на сопствениот бизнис во Египет. Немирите што ја зафатија оваа земја го натераа по над десетгодишна успешна работа привремено да го прекине производството на сигурносни појаси. Фабриката е во срцето на Гиза, во индустрискиот дел на Каиро:

„Штом почувствувавме дека состојбата е критична ги повлековме двајцата директори - генералниот , заменикот и нивните семејства. Пак го вративме генералниот директор, кој се‘ уште е таму. Ја следи состојбата, не е загрозен ниту протестите се од таков опасен вид. Индустриската зона ја чува армијата и нема опасности. Центарот на Каиро е повеќе загрозен.“

Flash-Galerie Ägypten Proteste in Kairo auf dem Tahrir Platz
Каиро е град на социјални контрастиФотографија: dapd

Штом минат протестите ќе продолжи работата на СИПО - Египет

Наскоро очекувам ситуацијата во Египет да се смири и независно од тоа што ќе се случи и кој ќе биде на власт ние, се надевам, ќе останеме во бизнисот. Фабриката е со чист македонски капитал, додава Блажески:

„Во Каиро имаме околу шеесеттина работници, со годишен обем на прозводство и пласман меѓу два и три милиони евра. Нема бренд со кого што не работиме таму. Генерал моторс е наш најголем купувач, Хундаи, па Мерцедес и сите познати фирми кои имаат филијали во Каиро и Александрија. За годинава планиравме многу поголем обем на производство од лани. Моменталниот застој од десетина дена можеби ќе продолжи уште некој ден, но пак планираме да продолжиме без обѕир кој ќе биде на власт. Очекуваме да го исполниме зацртаното.“

Последнава деценија светот економски влезе во Каиро

Македонските сигурносни појаси за автомобилите, автобусите, товарните возила и популарните тук-тук превозни средства во Каиро се се‘ уште без голема конкуренција. СИПО фабриките во Белчишта кај Охрид и во Русија ги надополнуваат потребите за Египет и земјите околу него. Блажески вели дека како бизнисмен не ги знае точните причини за немирите. Признава дека во бизнисот од тамошната власт немале проблеми и тврди дека во Каиро се присутни сите светски брендови:

„Изненаден сум. Многу зборуваат за автократијата на Мубарак. Овие последни десет години во Египет , односно во Каиро, многу е направено во развојот . Нема светски бренд којшто не е присутен. Во индустриската зона работеше и таканареченото „паметно село “ кадешто се развива и електрониката. Што се случи знаат тие таму. Нас не ни‘ пречеше режимот. Ние имавме добар прием како странци.“

Flash-Galerie Ägypten Demonstration in Kairo Frau mit Kindern
Во Каиро има и луѓе кои не се евидентираниФотографија: AP

Каиро е град на социјален јаз

Блажески потврдува дека Египет, односно Каиро, е град со дијаметрални социјални контрасти:

„Во Каиро има два до три милиони ’мртви’ луѓе. Тоа е ’мртвиот град’. Тоа се луѓе кои живеат неевидентирани од општеството. Во тој дел луѓето се во една страшна мизерна состојба. Навикнати се на тоа. Има и многу богати и екстремно богати. Но, како и секаде во светот, има голем јаз меѓу сиромашните и богатите.“

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска