1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Наредно јаболко на раздорот меѓу Русија и Западот?

СН/дв/дц/фмв23 мај 2015

Германските електронски, печатени и интернет медиуми продолжуваат внимателно да ги следат настаните за и околу политичката криза во Македонија.

https://p.dw.com/p/1FVP5
Фотографија: DW/B. Georgievski

Во последните 24 часа, медиумите во Германија ѝ посветија внимание на посетата на делегацијата на Организацијата на Обединетите Нации на Македонија, која ја сочинуваа помошник генералниот секретар на Обединетите нации за човекови права, Иван Шимоновиќ и директорот на Одделот на ОН за политички прашања Елизабет Спир и во прв ред на изјавите за ситуацијата во земјата кои на крајот од престојот ги даде Шимоновиќ. Онлајн изданијата на весниците „Ди Цајт“ и „Ди Велт“, меѓу другите , пишуваат дека ОН се загрижени поради политичкиот развој во Македонија. Притоа се цитираат изјавите на Шимоновиќ дека забележува „стеснување на демократскиот простор во Македонија“ и оти „правната држава се наоѓа пред сериозни предизвици“.

Со ситуацијата во Македонија се занимаваат и специјализирани информативни гласила, како на пример интернет-порталот „финанцмарктвелт“, кој е главно посветен на теми поврзани со економијата и пред сѐ финансиските пазари. Во текстот насловен „Македонија: наредно кризно жариште меѓу Русија и Западот, авторот Маркус Фугман се осврнува на последните изјави на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за кризата во Македонија а во контекст на планираниот гасовод „Турски тек“:

„По Украина е пред Македонија. Наредното јаболко на раздорот меѓу Западот и Русија би можела да биде малата Македонија. Земјата со два милиони жители која некогаш и пропаѓаше на Југославија, меѓутоа од една важна причина е од централно значење за Русија. Станува збор за планираниот руски гасовод во Турција, 'Турски тек', откако во декември 2014 Москва се откажа од проектот Јужен тек поради отпорот на Европската унија. Сега, Газпром со поддршка од Москва, планира новиот гасоводот да минува и низ Македонија и така да се заобиколи Украина. Гасоводот треба да минува преку Грција (во поново време пријателска кон Русија) , Србија ( традиционално пријателска кон Русија), Унгарија (под Орбан пријателска кон Русија) и конечно преку Македонија- затоа земјата е последедно делче од сложувалката кое ѝ недостасува на Москва. Посебно експлозивен проектот е веќе поради тоа што политичката состојба во Македонија е сѐ друго освен стабилна: етничките конфликти меѓу мнозинското население и албанското малцинство, како и тешките обвиненија за корупција против премиерот Никола Груевски, би можеле лесно да ја ескалираат состојбата. Груевски ги поддржува плановите на Русија за изградба на гасоводот, па затоа Москва во последните големи демонстрации против него гледа дело на Западот“, пишува авторот на анализата во која уште истакнува дека Русија е во потрага по старата големина и оти остварувањето на проектот Турски тек ќе значи многу за Москва:

Mazedonien Pro-Regierungsdemonstration
Фотографија: MIA

„Се посакува еднаш заскогаш да се стави крај на зависноста од Украина како транзит земја, и затоа Русија се обидува гасоводот да го изгради во Турција, но затоа ѝ е потребна согласност од земјите каде треба да проаѓа. Затоа според Москва , протестите во Македонија против русофилскиот премиер Груевски се подбуцнати од Западот, за да се спречи повторно израснување на Русија во светска економка сила. Министерот за надворешни работи Лавров неделава тоа веќе јасно го истакна без дипломатска воздржаност. Според Лавров, Западот ги подбуцнува Албанците против владата , за токму на Русија да не ѝ падне в рака делчето од сложувалката кое ѝ недостасува.

Сѐ уште сите очи се вперени кон Украина (која во моментов економски колабира, а сепак се вооружува)- но Македонија е истотака опасно кризно жариште како Украина со слични предуслови: етнички спротиставености, протести против владата. Останува надежта дека работите во Македонија нема да го земат истиот тек како и во Украина“, стои во анализата.