Македонија очекува потврда на препораката од ЕК
5 октомври 2011Претстојниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија ќе биде сличен на минатогодишниот, ќе содржи препорака за старт на преговорите, ќе ги нотира постигнувањата, но и областите каде е потребен поголем напредок, изјави на денешната средба со новинарите вицепремиерот и министер за европски прашања Теута Арифи.
Според неа, тоа ќе биде објективна слика за реалноста во земјата, и оти е битно, Македонија документот да го прифати добронамерно и конструктивно. „Треба да бидеме задоволни со оглед на задржаната препорака, нотираниот успех и да работиме на подобрување. Не треба да западнеме во евроскептицизам, а тука улогата на медиумите е многу важна“, вели Арифи.
Кои се адутите, а кои слабостите на Македонија
Позитивни оцени Македонија очекува да добие за успешно спроведените вонредни парламентарни избори, во делот на политичките критериуми, односно дека земјата ги исполнува Копенхашките критериуми, и за хармонизацијата на законодавството со правото на ЕУ.
Забелешки се очекуваат во делот на реформите во судството и администрацијата, каде на земјата ќе и се укаже за потребата од забрзување на реформските процеси, како и имплементација на донесените закони.
Во однос на медиумите ќе биде поздравен воспоставениот дијалог меѓу Владата и ЗНМ. Владата, информира Арифи, веќе одлучила да формира работна група со ЗНМ во која покрај неа, ќе членуваат и министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика, Гордана Јанкулоска и Спиро Ристевски. ЗНМ од своја страна треба да номинира четворица претставници.
Еврокомесарот за проширување Штефан Филе на 12 октомври во Брисел ќе ги презентира пакетот документи со стратегијата за проширување, заедно со извештаите за напредокот на земјите кандидати и апсиранти за членство во ЕУ.
Автор: АТ/ миа
Редактор: Симе Недевски