1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија нема многу време

Е.М.Фиданоска8 јуни 2016

Комисијата за надворешна политика на германскиот Бундестаг расправа за ситуацијата во Македонија. Членот на Комисијата, Јосип Јуратовиќ, оценува дека колку повеќе се одолговлекува со решение на кризата, толку е полошо.

https://p.dw.com/p/1J2K0
Фотографија: DEUTSCHER BUNDESTAG /Achim Melde/Lichtblick

Членовите на Комисијата за надворешна политика на Бундестагот денеска расправаат по извештајот на германската влада за актуелната состојба во Македонија. Членот на Комисијата, Јосип Јуратовиќ (СПД), утрово на Твитер оцени дека темата е важна.

Тој вчеравечер за состојбата во Македонија во интервју за ВДР5 рече дека „Македонија нема многу време“ за расплет на кризата и дека „колку повеќе се одолговлекува, толку е полошо“ за македонските граѓани.

„Ако се има барем малку чувство на патриотизам, што ВМРО ДПМНЕ за себе го тврди и ако на тоа треба веродстојно да му се верува, тогаш, притоа не зборувам само за политичката елита, туку за секој член на партијата одделно, најбрзо што е можно треба прво да се демократизира партијата, а потоа општеството“, потенцираше Јуратовиќ

Германското Министерство за надворешни работи на крајот на мај порача дека очекува брзо решение за политичката криза во Македонија, кое ќе овозможи организирање на нови парламентарни избори. Државниот министер Михаел Рот тогаш оцени дека Берлин е „екстремно загрижен за внатрешнополитичката состојба во Македонија“ и дека политичките партии во Македонија „веќе не смеат да го ставаат на тест трпението на меѓународната заедница и на Европската Унија и мора да остварат конкретни резултати“.