1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија како бојно и уметничко поле

Милчо Јованоски
6 мај 2020

Македонецот во Холандија и инженер по електротехника Влатко Милошевски ја создаде веб страницата: Лексикон на странски сликари во Македонија од 1850 до 1950 г. Таа содржи податоци за над 250 сликари, собирани 15 години.

https://p.dw.com/p/3boOj
Mazedonien Milosevski privat Archiv
Фотографија: Marija Grueva

По работното време, навечер и во викендите, Влатко Милошевски е пасиониран трагач и колекционер на ликовни уметнички дела. Открива заборавени бисери со посета на локалните аукциски куќи, саеми за антика и викенд пазари. На интернет пребарува во светските аукциски куќи, онлајн уметничките галерии и музејските продажби. Со колекционерство на уметнички дела поврзани со македонскиот регион започнал во 2004 г. Купил мала колекција од  македонски минијатури во масло на платно од Никола Петковиќ, преку онлајн распродажба во САД. Петковиќ е уметник кој по Балканските војни учителствувал во Охрид и според Милошевски со квалитетот на делата во искршениот импресионизам може да му парира на еден Винсент ван Гог. Оттогаш адреналинот растел, истражувањата се проширувале а бројот на купените дела го „запоседнале" домот во Ајндховен во кој Влатко живее со сопругата Марија и двете ќерки.
Во меѓувреме, колекцијата на Милошевски брои над 200 уметнички дела- масла на платно, акварели, цртежи, гважови, отпечаток од дрво, гравури -  сите ексклузивно поврзани со Македонија. Сега целата колекција може да се најде и на специјалната интернет-страница која ја изработил Милошевски. 

Mazedonien Milosevski privat Archiv
Грабнувањето на Мис Стон од француска илустрацијаФотографија: Marija Grueva

„Во овој период на карантин  решив да го објавам Лексиконот. Материјалот ми стоеше долго време на полица и кога се случи пандемијава му дојде редот да го објавам на Интернет", вели Милошевски за ДВ. Според него, ако погледнеме малку во историјата на ликовната уметност на Македонија ќе забележиме дека периодот после ослободувањето од 1945 година наваму, во рамките на Југославија, е добро обработен, но претходно е една голема темница. Трагајќи по архивите, Милошевски открива дека многу сликари биле фасцинирани од географскиот регион Македонија во периодот од крајот на 19 до средината на 20 век. 

„За сите тие сликари Македонија била интересна како специфична територија. Тука се мешале многу луѓе со разни култури, јазици и религии и сето тоа функционирало беспрекорно. Забележани се сведочења од германски и од англиски сликари кои што биле зачудени како по пазарите во Охрид, Битола и други градови луѓето при една средба зборувале на македонски, турски, влашки, албански. Се разбирале меѓу себе и тоа било многу фасцинантно за сите сликари. Тоа бил главниот магнет кој ги влечел да цртаат тука. Тоа било едно културно богатство кое што ние треба да го негуваме  треба да го делиме со сите. Овие граници што се денес не се ниту културни, ниту јазични, религиозни и етнички туку чисто  административни.  Таа култура на мешање и толеранција треба да се негува и натаму. Ова го гледам како заеднички аманет за сите на Балканот", вели Милошевски. 

Mazedonien Milosevski privat Archiv
Домот на Милошевски во холандскиот град Ајндховен изобилува со архивски дела од МакедонијаФотографија: Marija Grueva

Македонските комити на насловните на светските весници

Во 19 век претежно се француски и англиски сликари, авантуристи и ориенталисти. Тогаш на западните уметници многу им бил интересен ориентализмот. Оделе во Истанбул,Мароко во Египет. Македонија била дел од таа ориентална мистика. Во периодот кога комитите почнуваат да се борат за слобода на ова македонско тло се појавуваат  сликари – репортери. Весниците испраќале сликари кои директно гледале што се случува на теренот и цртежите ги праќале во редакциите како илустрации. Таков е примерот со  аферата Мис Стон подоцна и филмувана.

„Киднапирањето на американската мисионерка била вест број еден. Така во Македонија доаѓа „ѕвездата“ на британското известување од воените жаришта: Вилијам Т. Мод . Тој во 1902 г. ги запознава госпоѓица Стон и Катерина Цилка и црта возбудливи цртежи од секојдневните борби и збегови на бунтовниците, кои биле објавувани во водечките европски и американски весници. Со почетокот на Првата светска војна, покрај воени сликари има и сликари кои биле регрутирани како обични војници. Австријци и Германци влегувале  со Бугарите. Од југ доаѓале Французи и Британци, од запад многу Италијанци. Кој како доаѓал на македонскиот фронт, така и цртал, открива Влатко. 

Mazedonien Milosevski privat Archiv
Фотографија од Константин Миладинов од приватната архива на МилошевскиФотографија: Marija Grueva

„Во процесот на барање на „македонска уметност“ контактирав со дилерот на стари фотографии Маргарит Сорин од Букурешт. Од нејзината голема колекција извади една многу ретка – фотографија од средината на 19 век на млад господин, а со печат од задната страна на влашки јазик од извесниот Гл. Василовски? Прво си мислев можеби е некој од богатиот род на  семејството Робевци или од некое друго охридско семејство. Случајно ми налета фотографија со Константин Миладинов која делува мошне идентично со таа што ја поседувам. Би било убаво наскоро во Охрид да ги расчистиме дилемите со некој експерт кој ќе се наврати на овој период. Прво би тргнала потрагата по фотографот Василовски  од Охрид", додава Милошевски. 

Германските уметници и во Првата светска војна создавале уметност

„Копајќи“ по Интернет, Милошевски  ја пронашол германската книга „Слики од македонско бојно поле“ објавена 1915 г. Книгата е креирана по наредба на германската воена генерална команда и објавена од графичкото друштво  во Минхен. Колекцијата на фотографии е направена од разни воени лица. 

Mazedonien Milosevski privat Archiv
Насловната страница на книгата: Фотографии од македонското бојно полеФотографија: Marija Grueva

Многу познатиот германски експресионист Пол Кле, според Влатко, влегува во најпознатите 10 сликари во историјата на светското сликарство бил војник во Солун. Таму го црта познатиот акварел „Слетување во Солун 1915“, кој е денес во колекцијата на музејот Албертина во Виена, Австрија. 

„Макс Ромер од Хамбург во Македонија почнал да ги проучува геометрискиот шаблон на македонските везови и турските букви. Сфатил дека може со Морзеова азбука да кодира тајни пораки во неговите слики. И преку македонските везови и турските букви преку сликите запишувал кодирани пораки за тоа до каде се германските трупи или пишувал писма за своето семејство. Во време на војна секое писмо одело низ цензура. Но тој преку цртежи незабележливо праќал податоци кои никако не можеле да се пренесат со напишан збор. Импресионистот Ернс Ричард Дитце од Дрезден патувал со германските трупи низ Македонија во периодот од 1916 до 1918 г. Во бомбардирањето на Дрезден во 1945 страда и неговото ателје. За среќа успеав да пронајдам неколку слики – масло на платно , два акварели и две гравури со мотиви од Скопје, Дојран и Радика. Но, се прашувам колку други дела од Македонија „голтнале пламените јазици?", вели Влатко.

Mazedonien Milosevski privat Archiv
Акварел од 1916 година: Скопскиот аквадуктФотографија: Marija Grueva

„Како колекционер имам вкупно над 200 дела. Масла на платна, акварели, цртежи, гважови, отпечаток од дрво, гравури... Моја желба е колекцијата да успееме да ја донесеме до Македонија и Охрид и да може секој да ја гледа, а  особено туристите. Прво и основно немам ни парче слободен простор на ѕидовите дома. А грев е многу ретките слики да можам само јас да ги гледам, заклучува Милошевски.